Ковачевски: САД се наш стратешки партнер чија поддршка е исклучително ценета

  Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка до САД по повод Денот на независноста во која посочува дека САД се нашите стратешки партнери чија што поддршка е од исклучително значење за напредокот на земјава.

– Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер, чија поддршка во сите предизвици од независноста до денес, вклучувајќи ја и недвосмислената поддршка за процесот на евроинтеграции на Република Северна Македонија, исклучително ја цениме. Заедничката посветеност на демократијата, на слободата, еднаквоста, почитувањето на човековите права, на градењето силни демократски општества е основата на која нашето пријателство и партнерство ќе продолжат да се развиваат и зајакнуваат и на политички и економски план, но и обединети на вистинската страна како сојузници во НАТО, вели премиерот Ковачевски.

Во честитката посочува дека придонесот на САД е огромен во делот на интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, владеење на правото, борбата со корупцијата и криминалот, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.