Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности овој процес да биде консензуален, како и дека во меѓувреме ќе работат со, како што вели, идеолошката линија во ВМРО-ДПМНЕ која ги сфаќа последиците од изолирање на земјата.
-Се исцрпуваат веќе полека можностите со ВМРО-ДПМНЕ, но не се целосно исцрпени. Се уште има надеж дека таму има доволно разум кои ги сфаќаат овие ситуации, го сфаќаат моментот и дека нема да играат на картатата на бугарските радикали. Затоа не се брза, за да се даде шанса, бидејќи кога ќе се поднесат еднострано јасно е дека дебатата ќе биде поинаква. Даваме уште шанса за разум да го сфатат моментот и да видиме дали некој таму работи против интересите на макеоднскиот народ и државата, рече Османи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МНР.
Со оглед дека се исцрпуваат сите можности со ВМРО-ДПМНЕ, вели Османи, паралелно ќе се работи „со идеолошката линија во партијата која е за брзата патека за интеграција на државата, а не за патеката на држави со отворени прашања“.
-Убеден сум и веќе гледам сигнали во ВМРО-ДПМНЕ за една идеолошка поделба во однос на она што го зборувам, има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ според моите информации кои упорно аргументираат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Комплетна идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ кои ги сфаќаат последиците од изолирање на земјата и влегување во втората патека. Сега се создавата две патеки – брзата патека и земјите со отворени прашања. Од нас зависи во која патека ќе влеземе ние. Се исцрпуваат веќе сите можности да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, не велам дека се исцрпени, но затоа паралелно ќе работиме со оваа идеолошка линија која што ја сака оваа држава, ја сака нејзината иднина и ја гледа како европска, просперитетна.., рече Османи.
Прашан кога ќе почнат одделните средби со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што ги најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, Османи рече дека има комуникации.
-Има комуникации и тоа не во форма на притисок туку за да се образложат аргументите, а на нив ќе остане на крај на која патека ќе ја остават државата, наведе Османи.
Според него, таквата комуникација не е притисок затоа што смета дека е должност на секој пратеник да биде точно информиран за што се работи. Неговиот глас, истакнува, ќе ја утврди иднината на оваа држава за наредните децении.
Шефот на дипломатијата потенцираше дека сите познавачи на приликите гледаат досега невидена динамика во ЕУ по однос на потребата за брза лента за Западен Балкан, што, посочи, значи дека е историска можност за нас да влеземе на неа.
Тој повтори дека ако не се завршат уставните измени, завршува скринингот, Албанија продолжува со поглавјата, се создава нова група, веќе Србија, Црна Гора, Албанија коишто преговараат и втората група Северна Македонија, БиХ и Косово коишто не преговараат.
Истакнувајќи дека се сериозни последиците од незавршување на процесот на уставните измени сега рече дека „тоа е на товар на секој пратеник индивидуално“. Историјата, книгите ќе ги пишуваат нивните имиња.а тие што земјата ја тргнаа од првата патека, земјата која што беше првенец во регионот за членство во ЕУ ќе ја стават во една долготрајна изолација во група со земји коишто имаат отворени прашања за решавање. И тоа ќе биде историскиот товар на оваа политичка партија која што засега се противи на уставните измени, рече Османи.
Во владејачките партии, тврди тој, нема дилема дека треба да се поддржат уставните измени и тоа веќе е формализирано низ телата на доминатните политички партии. Ова што го зборувам за ВМРО – ДПМНЕ е цела идеолошка линија која што се рефлектира на сите нивоа на партијата, од пратеници, до членови на Извршен комитет, до обични членови коишто не сакаат земјата да остане заложник на амбицијата на еден човек по секоја цена иако неподготвен очигледно нзаради тоа што гледаме што се случува во Бутел, како на секој начин се обидуваат да создадат меѓуетнички тензии ,создавајќи тензии со соседите, создавајќи тензии и поларизација во општеството дека тоа не е иднината за оваа држава. Иднината на оваа држава е соработка, хармонија, толеранција и има такви луѓе коишто ја гледаат разликата и нема да дозволат државата да биде заложник на таквите амбиции, рече Османи.
Во однос на тврдењата на Радев дека Бугарија нема услови но оти бара исполнување на Преговарачката рамка, Османи рече дека „не бегаме од имплементацијата на Договорот и на Протоколот, но оти Бугарија нема да може да доадде услови и на отворање и затворање на поглавјата.
Кога сме го потпишале Договорот со Бугарија, наведе Османи, тоа било со намера да го имплементираме. Договорот и протоколите не се дел од бенџмарковите, не се дел од патоказите за отварање и затварање поглавја. Тоа е дел од општиот впечаток за добрососедските односи. Нема да има ниту извештај на ЕК за тоа до каде е имплементацијата на Договорот или на протоколите.
-Се разговара само за прашањата кои што се во трите патокази. Ниту Договорот со Бугарија ниту протоколите се дел од патоказите. Тие се дел од Договорот со Грција, општите добрососедски односи коишто ги гради државата и ние имаме добрососедски односи за да влеземе во ЕУ. Тука нема дилема. Но нема да има писмен извештај. Нема ЕК да даде писмен извештај да каже до тука е имплементацијата на протоколите па некој да одлучува. И тоа е голема разлика која што тие ги знаат приликите го разбираат процесот. Но, намерено го манипулираат за да создадат поинаков впечаток. И оттука јас не велам дека ние нема да го имплементираме договорот со Бугарија, ќе го имплементираме во добра волја согласно принципи што ги имаме и во одредени позиции што сме ги утврдиле како црвени линии. Апсолутно не бегаме од имплементацијата на договорот и на протоколот. Меѓутоа, тие на отворање и затворање на поглавјата нема да можат да додадат услови. Тука е разликата во тоа што го зборува Радев и јас, рече Османи.
Тој денеска одржа прес-конференцијата по повод преземањето на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИ) од страна на Северна Македонија.