Мицкоски: На ВМРО-ДПМНЕ не му е до функции, нудиме решенија за заштитен идентитет и обезбедена иднина

Уставни измени под бугарски диктат ниту сум прифатил, ниту некогаш ќе прифатам, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашната трибина во Гевгелија насловена „Борба против корупцијата и криминалот“. 

-За една иста средба за која и самите рекоа дека е неуспешна, тие излегуваат и велат дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило безусловно уставни измени. Граѓаните, медиумите, експертите знаат дека не е така, а лудо настојчиво лажат за нешто што е очигледно – дека уставни измени под бугарски диктат ниту сум прифатил, ниту некогаш ќе прифатам. Лажат затоа што друго немаат што да прават, рече Мицкоски.

Нагласи дека се дегутантни аукциите и лицитациите кои секој ден се случуваат координирано од ДУИ и СДСМ за нови функции за ВМРО-ДПМНЕ.

-Мене ниту ми е до позиции, ниту на ВМРО-ДПМНЕ му е до функции особено не кога е загрозена Македонија и кога народот е под блокада и нема иднина. Доста беше поткусурување со идентитетот и блокада на интеграциите. Измените на Уставот може да поминат само со заштитен идентитет, обезбедена иднина и целосна и непречена карта за влез во Европската Унија.  Благодарение на пратениците, на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кои се вистинскиот бедем во македонскиот парламент, уставни измени под бугарски диктат нема да има, рече Мицкоски.

Порача дека нивниот став останува ист – промена на околностите и заштита на идентитетот и додаде дека не очекува позитивен одговор од власта. Потенцираше дека се дадени два предлози до власта кои, како што кажа, се јасни и бидејќи оттаму има молк и лаги го повика премиерот Димитар Ковачевски на дуел пред јавноста за сите да ја видат вистината.

-Тие се оние што ги менуваат ставовите. Пред да излезе францускиот предлог Ковачевски велеше дека тој не е прифатлив. Потоа волшебно, иако од предлогот не се промени буквално ништо, тој го смени мислењето и денес е главната скала на сопнување. Воедно она што претставува лицемерна политика е тврдењето на министерот за надворешни работи дека сепак Бугарите биле обесправени со сегашниот Устав. Како министер кој 20 години е актуелен на политичката сцена, чудно е навистина што токму сега му засмета Уставот и односот кон Бугарите, а не претходно, посочи Мицкоски.

Истакна дека токму корупцијата и криминалот, кои се тема на денешната трибина се најтешката дијагноза на нашето општество. 

-Корупцијата е раширена и во најситните порни од општеството. Ја претворија Македонија во територија на мафијашки кланови, каде точно се знае кој од власта кој тендер го добива, и колку проценти треба да и врати на партијата на власт. Имате преку ноќ креирани бизнис магнати кои се богатат на трудот на народот, рече Мицкоски. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски истакна дека токму чистење на криминалот и корупцијата ќе биде приоритет број еден на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

-Нема функционер на СДСМ од најниско ниво, од обичен раководител завршувајќи со премиер кој не злоупотребува. Аферите на дневна основа еруптираат и за нив ние зборуваме во јавноста. Мора да се направат темелни истраги за злоупотребите кои овие шест години се направени, пред се во финансискиот дел, да се види текот на парите и се што е возможно да се врати во државниот буџет, а на тој начин кај граѓаните, посочи Николоски.

Градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов најави дека општината ќе добие нов модерен парк на површина од 6.000 квадратни метри, потсети дека се возобнови фестивалот „Калинка“ и додаде дека буџетот за култура во Гевгелија годинава изнесува 3,6 милиони денари.

-Годинава значително ги зголемивме финансиските поддршки за сите ентузијасти, за здруженија кои што организираат културни настани на целата територија на нашата општина. Од оваа година, од септември ќе се започне со една нова традиција, предвидено е да се направи Фестивал на храната и виното, кој ќе трае три дена, вети Сарамандов.