ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ во таа влада, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која, како што нагласи, „јасно му кажал“ дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи.
Тој посочи дека на средбата премиерот Ковачевски предложил во рамки на Парламентот да почне дискусија и да се отвори и да се изгласа со две третини потреба за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тој предложи да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори, за кој добивме потврда денеска дека не е почнат, и потоа да бидат затворени едно две или три поглавја во зависност од брзината, а таа Влада да оди на парламентарни избори, рече Мицкоски.
На оваа понуда од Мицковски е даден одговор дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во влада со СДСМ и со остранатите политички партии, но без учество во истата влада на ДУИ.
– ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во таква Влада, со тоа што избори подготвува техничка влада сто дена пред одржување на избори, и евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамки на ЕУ од парламентите на 27 земји членки, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека премиерот Ковачевски ваквиот предлог го протолкувал како кршење на преговарачката рамка.
– Тогаш му предложив да одиме на предвремени избори кои ќе се одржат на три датуми на есен, да се формира влада на широко национално единство во која нема да биде дел ДУИ и бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонски јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда или гаранција за сето ова што го збориме, па да видиме дали е така како што ни велат, имајќи предвид дека и Бугарија има легитимна Влада и со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани дека Европа застанува позади многувековниот македонски идентитет, изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека 44-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата стојат заедно на ставот дека уставни измени на ваков начин нема да поддржат.