Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека во тек се истражувања на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија кои, како што наведува, даваат одлични резултати за едни од првите земјоделски заедници во Европа.
Мултидисциплинарните истражувањата вклучуваат археолошко ископување во јужниот дел на оваа голема неолитска населба, геомагнетно скенирање на северната периферија, како и археоботанички, археозоолошки и хронолошки анализи кои се одвиваат во лабораториски услови.
-Годинашните ископувања во археолошката сонда го потврдуваат автентичниот карактер на оваа импресивна предисториска населба, во коja се откриени повеќе правоаголни и овални градби, ровови, структури, врвно изработена керамика и алатки од камен и коска. Некои од откриените архитектонски структури претставуваат уникатна појава во македонскиот неолит, што дополнително го потврдува раното населување на земјоделските заедници во овој регион и нивната врска со популациите од Анадолија и Блискиот Исток. Најновите сознанија од радиокарбон анализите на градинарски култури и животни, посочуваат дека локалитетот Влахо е формиран околу 6400-та година п.н.е. што воедно го прави и една од најраните неолитски населби во Европа. Со тоа се потврдува дека уште во најраните почетоци на неолитот се присутни доместицирани форми на житарици, леќа, грашок, говеда, овци, свињи итн. Пронајдените артефакти дополнително ги потврдуваат високите технички дострели на жителите на оваа неолитска населба што се рефлектира во импресивните керамички садови и нивното декорирање, информикра Центарот за истражување на предисторијата.
Поради својата уникатност во рамки на просторната организација сочинета од десетина ровови, како и поради мошне раното датирање, локалитетот Влахо предизвикува големо внимание во светската археолошка јавност, што резултира со публикации во еминентни научни списанија и предавања на повеќе европски универзитети.
-Во текот на истражувањата, локалитетот го посети и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, кој го истакна значењето на Влахо за европската археологија, како и итната потреба од негова заштита и континуирано истражување. Овој локалитет неодамна се соочи со катастрофално оштетување поради ископување јаглен што предизвика бурни реакции во домашната и светската јавност, и беше на време спречено поради брзата интервенција на Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Битола, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за култура и Основното јавно обвинителство – Битола. Најновите откритија при овогодишните истражувања уште повеќе го потенцираат уникатниот карактер на археолошкиот локалитет Влахо, кои следната недела ќе бидат претставени на предавање на Слободниот универзитет во Берлин, наведува Центар за истражување на предисторијата.
Мултидисциплинарното истражување на Влахо претставува повеќегодишна континуирана соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, а во соработка со истакнати стручњаци од Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Јагиелонскиот универзитет, Археолошкиот музеј на Македонија, Институтот за старословенска култура и Завод и музеј – Прилеп. Теренското и лабораториското истражување на овој локалитет се подржани од германската Фондација за проучување и заштита на тумбите, а анализите од македонското Министерство за култура.
Центарот за истражување на предисторијата посочува дека во тек се подготовки на публикации со најновите сознанија за Влахо, кои го следат текот на негово научно афирмирање во врвни европски, американски и македонски списанија и конференции.