Османи: Не може да се интегрира една заедница, а да се негира идентитетот и јазикот на другата заедница, потребна е кредибилност на ЕУ-процесот

Република Северна Македонија покажа дека е функционална мултиетничка демократија која служи за пример не само за регионот туку и како претседавач на ОБСЕ. Преспанскиот, Охридскиот и Договорот за пријателство со Бугарија се трите столба на евроатлантска Северна Македонија, но потребен ни е амбиент во кој државата нема да ни биде провоцирана, во којшто нема да има политичари кои ќе дојдат во Скопје и ќе го негираат идентитетот, јазикот, бидејќи тогаш се создава таква атмосфера во која не можете да продолжите на патот којшто сте го зацртале.

Ова го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи пред членовите на АФЕТ во Европскиот парламент одговарајќи на бугарските европратеници Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев дека во измината година бугарската заедница во земјава се соочува со говор на омраза и акти на омраза и дека се затворани нивните културни клубови.

– Не ни требаат политичари кои и кај нас во Северна Македонија и кај нашето соседство кои на сметка на дневната политика ќе ги провоцираат или ќе ги искористат овие столбови на евроатлантска Северна Македонија. За жал таква работа гледавме до сега. Политичари кои континуирано ја провоцираа јавноста додека сè уште беше трауматизирана, додека сè уште беше под емоции, раздразлива за да извлечат некој политички поен повеќе. Еве јас уште еднаш пружам рака дека во Севрна Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројчено. И Бугарската заедница која на последниот попис покажа дека се 3.500. Апсолутно, големината нема да ни биде разлика за односот на државата кон заедниците, но ни треба заеднички да изградиме такво општество, амбиент во кој државата нема да ни биде провоцирана, во којшто нема да има политичари кои ќе дојдат во Скопје и ќе го негираат идентитетот, јазикот. Бидејќи тогаш се создава таква атмосфера во која не можете да продолжите на патот којшто сте го зацртале. Но останувам и уште еднаш праќам порака во име на Владата, на државата дека секој граѓанин, секоја заедницата, ќе има ист третман во ова наше мултиетничко општество, рече Османи.

Тој посочи дека и самиот е дел од заедница која поминала низ процес на интегрирање и дека примил на средба претставници на бугарската заедница за да го сподели своето искуство, но и да им порача дека тоа не е можно без почитување на другиот.

– Не може да се интегрира една заедница, провоцирајќи ја другата заедница, туку напротив, почитувајќи ја, објаснувајќи ги своите барања и намери да се интегрираат, но никако создавајќи амбиент во којшто останатите ќе се чувствуваат навредени или загрозени. И затоа е важно сите да работиме во постигнување кон оваа цел, а тоа е сите заедници да се интегрираат, да имаат ист третман. Уставните измени на коишто работиме, ќе овозможат и формално можност за едно такво интегрирање, порача Османи.

Тој нагласи дека во атмосфера во која граѓаните чувствуваат дека ЕУ станува подвижна цел, дека создава фрустрација тоа што после направен еден компромис се појавува ново барање за компромис.

– Денеска почнува првата средба на работната група за уставни измени, а со тоа и дебатата за уставни измени, ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и ќе се обидеме да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон ЕУ, но тоа нема да можеме да го направиме сами, за тоа ќе ни треба поддршка од вас, во смисла на вбризгување кредибилитет во процесот. Луѓето почнуваат да не веруваат веќе дека има сериозна намера овој процес да заврши успешно и тоа додава на фрустрациите, вели шефот на дипломатијата.

Според него, луѓето не веруваат дека во Бугарија има искрени намери туку дека индиректно се обидува да се негира македонскиот народ.

– Мора тоа јавно да им се каже на луѓето за да се расчистат тие дилеми. Дека овој процес е кредибилен дека ќе има членство, дека до членството граѓаните ќе ги почувствуваат бенефитите од ЕУ, од финансиската поддршка, која досега изнесува 1,3 милијарди евра. Во една таква атмосфера во која кредибилитетот ќе биде јасно потврден, чесните намери на Р Бугарија ќе бидат јасно комуницирани, во кои ова прашање нема да се злоупотребува во дневнополитичките агенди на политичките партии и во РСМ, смета тој изразувајќи жалење што, вели, има сериозни политички партии во земјава кои ги напаѓаат основните столбови на оваа држава.

Османи изрази и благодарност до европратениците кои изразија силна порака на поддршка која вели ни е важна во овие критични моменти во кои се наоѓа државата и регионот во однос на евроинтеграцијата. Тој во своето обраќање, изрази уверување дека пораките за охрабрување и поддршка ќе бидат исто така рефлектирани и во претстојната Резолуција на Европскиот парламент за Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *