Семакедонски собир во Мелник, Пиринска Македонија

Пред споменикот на пиринскиот цар Јане Сандански во Мелник Бугарија, во организација на забранетата македонска партија ОМО “Илинден”-Пирин, а по повод 108-годишнината од убиството на македонскиот револуционер, се одржа семакедонски собир од кој се изрази силен протест против бугарската политика на асимилација на македонскиот народ во Бугарија, неговото негирање и дискриминација, како и против негирањето на македонската нација и идентитет. Стојко Стојков, претседател на забранетата македонска партија пред насобраните Македонци ги соопшти главните точки на изразот на протест против официјалната политика на Софија кон македонското малцинство, кон македонската нација и кон државата Македонија и повика на борба за одбрана на идентитетот нагласувајќи дека моментот е историски.

На собирот, покрај членството и приврзениците на ОМО “Илинден”-Пирин и на другите здруженија и организации на Македонците во Бугарија, допатуваа и Македонци од Македонија, Грција, Албанија, Србија, Косово и Македонци кои живеат во други земји низ светгот.
Изразуваме протест, рече Стојков, поради државната политика на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство во Бугарија, поради негирањето на македонската нација и идентитет и обидите за присвојување на македонската историја, јазик и култура од страна на бугарската држава, како и поради дејствијата на бугарските институции против македонските културни клубови во Бугарија.

„Изразуваме протест против политиката на свртување на бугарските граѓани против Македонија и Македонците и против македонското малцинство во Бугарија, блокирањето на европската интеграција на Македонија, влошувањето на односите меѓу двете земји и народи како последица на антимакедонската политика што ја води бугарската држава, изразуваме протест поради изјавите кои се граничат со фашизам на претседателот на Бугарија Румен Радев и други бугарски политичари и државници против македонската нација и држава“, рече Стојков.

Тој потоа ги изнесе барањата кои се децениски, а се однесуваат на националните и човекови права.

„Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија“, порача Стојков.

Тој исто така упати порака кон македонската држава и македонските политичари да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да го штитат македонскиот идентитет, историја и култура и потгоа го изнесе своето видување како треба да се однесува македонската власт и какви да бидат односите меѓу соседните земји, но и каков став да има Европа.

„Да се наметне реципроцитет во правата на македонското малцинство во Бугарија и на бугарското малцинство во Македонија. Европските институции да ѝ помогнат на Бугарија да се ослободи од нејзините дискриминаторски антимакедонски практики“, рече Стојков.

Тој ги повика Македонците ширум светот да се кренат во активна борба за одбрана на македонскиот идентитет, нагласувајќи дека моментот е историски. Посебна порака имаше кон сонародниците во Бугарија.

„Сите Македонци во Бугарија – да го оставиме времето на стравот во минатото и храбро да се избориме за нашите права и достоинство. Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, придонесуваме за економски, културен и социјален просперитет на државата и како достојни граѓани инсистираме да се почитува нашето достоинство како луѓе, како Македонци и граѓани“, рече во своето обраќање претседателот на ОМО “Илинден”-Пирин, Стојко Стојков.

Зад овој своевиден проглас застанаа ОМО “Илинден“-Пирин, ОМО “Илинден“, Македонско меѓународно движење за човекови права, Друштво на репресирани Македонци во Бугарија, Антички Македонци, Друштво за заштита на основните човекови права, Македонски клуб за етничка толеранција, Граѓанска иницијатива за признавање на Македонско национално малцинство во Бугарија и Комитет за човекови права Толеранција.

Пред присутните со свои говори и видувања за надминување на крајно неповолната состојба за македонското малцинство како и за положбата на Македонија во новите политички услови во Европа говореа и Сотир Лукровски, претсавник на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија, Васил Стерјовски, претседател на партијата на Македонска алијанса за европска интеграција, Јанко Бачев, Единствена Македонија, амбасадорот Ристо Никовски.

Меѓу другото, Сашо Маневски, претседателот на организацијата Нов АСНОМ рече дека во тек е жалба до Европската комисија за заштита на правото на здружување на Македонците од Бугарија.

Сите говорници ја поддржаа борбата на македонците во Бугарија за нивните основни човекови права. По собирот беше одржана културно уметничка манифестација на КУД Јане Сандански од Ново Село.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *