Стерјовски на изборното претставување на албанската државна телевизија ги повика Македонците масовно да излезат на гласање

Во рамки на определениот термин за претставување на политичките партии кои учествуваат на локалните избори, што во Албанија ќе се одржат на 14 мај, попладнево се претстави единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, преку лидерот Васил Стерјовски.  

 Кажа дека на претстојните локални избори МАЕИ настапува во коалиција со Социјалистичка партија, на премиерот Еди Рама и оти според договорот меѓу двете партии, Македонска алијанса за европска интеграција ќе ги подржи кандидатите за градоначалници на Социјалистичка партија.  

Членови на МАЕИ се на кандидатските листи за советници на Социјалистичка партија во повеќе општини во Албанија каде што живеат Македонци, додека во општина Пустец која е населена со 100 отсто македонско население, македонската партија ќе настапи со своја советничка листа под реден број 29. 

-Нашите кандидати на листите на Социјалистичка партија и советничката листа на Македонска алијанса за европска интеграција во Општина Пустец, оценува тој, се лица со интегритет, почитувани во општеството и ќе бидат најсилните гласови за заштита на правата на Македонците во Албанија. МАЕИ е политичка партија на сите Македонци кои живеат на целата територија на Албанија, без разлика на вера, подрачје, култура, економија и социјален состав. Основна цел на ова партија е зачувување на правата, социјалните, политичките и етно културните интереси на сите државјани на Албанија кои по националност се Македонци, кои се идентификуваат преку мајчиниот македонски јазик, преку обичаите и традициите наследени и зачувани со векови, вели Стерјовски. 

Додава дека тамошните Македонци се лојални државјани на Република Албанија, но „остануваат горди и достојни Македонци, мајчин јазик им е македонскиот јазик, ја сакаат и државата Македонија, бидејќи се нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ“. 

 -Македонска алијанса за европска интеграција е партија од центарот и нејзина главна цел е заштита на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции во Република Албанија. Ниту една друга партија во Република Албанија во својот статут или програма нема ниту една точка за заштита на македонската заедница во Албанија. Македонска алијанса за европска интеграција од самото нејзино формирање во 2005 година е единствениот глас на Македонците и се бори за интеграција во албанското општеството и унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија, посочува Стерјоски.

Во периодот кој измина, нагласува, бевме исправени пред многу искушенија и предизвици, некогаш заради наши слабости, некогаш поради притисоци и подметнувања со кои бевме соочени и се уште се соочуваме но никогаш не отстапивме да се бориме за правата и слободите на Македонците, во Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник и во цела Албанија. 

Успеавме, изјави тој,  да го одржиме курсот на македонската партија во согласност со барањата и потребите на Македонците во Република Албанија, а резултатите се видливи и бројни, и додава, дека „се разбира, секогаш може и повеќе и подобро. Од права и слободи никогаш доста“. 

-Почитувани Македонци и Македонки во Општина Пустец. Со новата територијална реформа на локалната самоуправа од 2015 година, општина Пустец остана единствена општина населена со 100 отсто  Македонци, признати од Република Албанија. Како партија во општина Пустец ќе настапи со своја советничка листа. Кандидатите за советници на нашата листа се избрани да бидат пред се чесни луѓе и со интегритет, кои доследно ќе ја следат нашата политика за заштита на македонскиот идентитет во Општина Пустец. Тие ќе работат во интерес на Македонците и ќе бидат нивниот глас во Советот на општината, вети Стерјовски. 

Според него, локалната самоуправа во Пустец, врз основа на важечката законска регулатива, има надлежности за зачувување и унапредување на македонскиот идентитет, јазик, култура, фолклор и традиции.  

Вети дека советниците на Македонска алијанса за европска интеграција таму ќе „бидат бранители на интересите на Македонците. Ќе се спротивстават на неправедните одлуки, и ќе го поддржат секој проект кој им служи на интересите на Македонците. Тие ќе бидат промотори на прашањата за заштита на правата на македонската заедница, економскиот развој, развој на туризмот, промоција на подрачјето, управување со отпадот итн“. 

-Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, од исклучителна важност е, на овие избори Македонците во општина Пустец да излезат масовно и да гласаат за редниот број 29 за кандидатската листа за членови на Советот на општината Пустец од Македонската алијанса и заедно да продолжиме за доброто на Македонците. Со вашиот глас, ние ќе можеме да продолжиме да се бориме за заштита на македонскиот идентитет и за развој на општината. Има многу нешта за кои треба да се избориме, има многу работа сето тоа да го оствариме, порачува лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски во изборното претставување на албанската државна телевизија.