Во Собранието ратификувани трите договори во рамки на Берлинскиот процес

Собранието на 111-та седница ги ратификуваше трите договори во рамки на Берлинскиот процес – за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации.

Откако матичните комисии не доставиле дополнет предлог, пратениците без расправа ги донесоа: Законот за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, Законот за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Законот за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.

Беше донесен и Законот за возила во второ читање, кој предвидува до крајот на 2024 да се продолжи рокот за легализација на трактори и други мобилни машини што се користат во земјоделска механизација.

Според пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, проблематично е што не е прецизирано за кои возила се однесува предложениот закон. Неговата пратеничка група имала амандмани во собраниската Комисија за економија за подобрување на текстот, но наместо тоа, како што рече тој во расправата, направени се лапсуси.

-Знаеме до кога е рокот, а не знаеме за која категорија ќе се однесува, што остава простор да се увезуваат такви возила и во наредниот период и ќе може да се легализираат. Овозможуваме легализирање на вакви возила за кои нема да знаеме од каде доаѓаат во државава. Ова е сериозна фалинка на законот, рече Трајанов.

Панчо Минов, пак, му одговори дека со законот ќе се реши правната сигурност на имателите на овие возила и дека станува збор за легализација и за регистрација.

По влезот на Алијанса за Албанците во Владата, беа изгласани и неколку одлуки за избор на претседатели и нивни заменици и членови и нивни заменици во собраниски комисии и работни тела и во составот на делегации и пратенички групи за соработка со парламенти на други држави.

Проф. д-р Наталија Атанасова-Панчевска беше избрана за член на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност и беше констатиран престанок на мандат на Зоран Павловски како член на Регулаторната комисија за домување.

Пратениците без дискусија ги донесоа и Законот за основање Агенција за енергетика на Република Македонија, Законот за зоотехника и Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи.

Беа изгласани и заклучоци дека не е оправдано барањето за давање автентично толкување на член 191 во врска со член 7 од Законот за стечај, поднесено од пратеникот Јован Митрески и дека не е оправдано барањето за автентично толкување на член 20 точка 8 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесено од градоначалникот на Општина Кавадарци.

За останатите точки од 111-та седница немаат расправано матичните собраниски комисии и поради тоа претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина оваа седница и рече дека продолжението ќе биде дополнително сопштено.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *