ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ БРОЈОТ 60 НА СПИСАНИЕТО „ПОВОД“ ОД СИДНЕЈ

Неодамна излезе од печат новиот број 60 на списанието „Повод“ за февруари 2023 година кое содржи значајни прилози кои се однесуваат на активностите на членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“.од Сиднеј, чиј главен и одговорен уредник е Душан Ристевски-Македон, а уредниците се Иван Трпоски и Мена Ристевска, со соработници од Австралија и Македонија.

Исто така, бројот 60.е посветен и на Литературното друштво „Ванчо Николески“ од Квинбијан, кое преку своите дела гордо го носи неговото име и го афирмира македонскиот јазик и литература.

Новиот број на списанието „Повод“ на насловната страница ја содржи фотографијата на поетесата Марија Александрова од Сиднеј, која  на 25 февруари во просториите на Скотц клубот во предградието Анклиф во организација на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ја промовираше книгата поезија „Гулабица недофатна“. Промотор на книгата беше професорката Катарина Ципушева, која е предавач на Универзитетот „Маквари“ во Сиднеј.

Во почетокот на списаниет е даден текст од Душан Ристевски-Македон, во кој се вели дек за на 3 февруари 2023 година Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј во истоимената библиотека ја организираше традиционалната поетска средба по повод апостолот на Македонија, Гоце Делчев.

Во текстот се вели дека преку поезијата посветена на Гоце Делчев поетите од Сиднеј го опејуваа животот и делото на македонскиот револуционер кој го даде животот за слободата на Македонија. „Покрај одбележувањето на 151 годишницата од раѓањето на Гоце Делчев, се водеше дебата и за сегашната политичка состојба во Македонија поточно во Република Македонија, каде преовладува песимистичка и поразителна платформа со цел да се угоди на хегемонистичка Бугарија и Европа. Беше констатирано дека отстапките што ги прави сегашната (но и поранешната) влада на Република Македонија се анти-национални, со цел да се уништи историјата, јазикот и македонската држава. Се подвлече дека Гоце Делчев е Македонец, роден во Кукуш, Егејска Македонија, кој се борел за Македонија и никој не смее да се пазари со Бугарија чија единствена цел е да се избришат македонската историја и нација“, напиша Душан Ристевски-Македон.

Посебен простор во овој број е посветен на Валентина Апостоловска, член и актерка во Австралиско – Македонскиот театар од Сиднеј. Во текстот се вели дека глумата на Валентина ѝ стана голема љубов и остварување на еден дамнешен сон да биде на сцена и да најде културно-душевен мир и која  досега реализира голем број претстави.

Потоа се објавени наградените личности што жири комисијата во состав на Мери Петковска (претседател), Славица Ристеска и Драгица Митев  ги награди од традиционалниот конкурс за „Прличева награда“ за 2022 година, што беше  организиран од Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј. Конкурсот се организира веќе 45 години и има за цел да ги поттикне Македонците во Австралија да го промовираат македонскиот јазик и да ја чуваат традицијата за негување на македонскиот пишан збор.

Во продолжение е пренесе текстот на Фиданка Танаскова под наслов „Погледи кон делото „Ова е мојот живот“ од Иван Трпоски“ во кој, меќу другото, се вели дека животописот на познатиот и признат писател, активист, новинар, ентузијаст, родољуб, борец и хуманист Иван Трпоски, е една сага, една чудесна везилка на временски зони и просторни меридијани, кои како да спојува два века и два континента – Европскиот и Петтиот и двете држави – Република Македонија и Австралија. Исто така, дадени се текстови за монографијата на Иван Трпоски од проф. Д-р Виолета Ачкоска, Горјан Петрески, м-р Мартин Треневски и Благунче Секуловска.

М-р Милчо Јовановски, пак, пишува за новата стихозбирка „Позајмениот куфер“ од Наум Трајчески, во која се вели дека  63-те се песни поделени во четири циклуси. Тој е „скриен“ во една од нив и чекаше да биде пронајден како вечен синоним за мнозината нашинци Македонци кои го напуштале родното место токму со позајмен куфер, стуткани доживувања и сништа од минатото со желба дека барем таму, во туѓина животот ќе им биде подруг.

М-р Лилјана Стоилковска пишува за новата стихозбирка „Слушни го срцето“ Од Оливера Јовановска. Стихозбирката е поделена во два циклуса, по тематиката, но и по мотивите опеани во стиховите.

Душан Ристевски-Македон пишува за Благоја Божиновски, кој е општественик и писател. Душан, меѓу другото пишува дека неодамна во Библиотеката „Григор Прличев“ Благоја биле донирани две книги од познатиот општественик, здравствен работник и литературен деец Благоја Божиноски кој живее и твори во градот Њукасел кој е оддалечен 150 километри од Сиднеј.

Неговото работно место како и желбата да биде нераскинлив дел од македонската заедница го поттикна активно да делува во заедницата на општествено-културно-литературно поле.

Авторот на овие редови, Славе Катин пишува за промоцијата на делото под наслов „70 години библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Во текстот се вели дека со низа свечености и културни манифестации Охрид ја одбележа 130-годишнината од смртта на великиот поет и преродбеник, Григор Прличев. Притоа, чествувањата по повод годишнината од упокојувањето на Прличев започна со промоцијата на книгата „70 години библиотека „Григор Прличев“-Охрид“ од авторот Милчо Јованоски,

Познатиот публицист Виктор Бивел го дава на англиски јазик текстот „Македонија – Книги, Геноцид, Татковина Села“ (Дел 1) (Macedonia – Books, Genоcide, Homeland, Villages), (Part 1), во кој е забележано следното:„ Им благодариме на Дан и на Вирџинија и Алекс и на сите членови на Канадското македонско историско друштво за оваа можност да збору, ваме за работи за кои сите ни е грижа. Разговорот го насловив „Македонија – Книги, Геноцид, Татковина, Села“, затоа што ова се четири проекти на кои работам моментално. Така, разговорот ќе биде само неколку мисли за секоја од нив, како одат и до каде сум јас. Да почнеме со книги. Ги започнав Pollitecon Publications во 1992 година, а веб-страницата Politecon.com во 1997 година. Значи пред 30 и 25 години соодветно. Доволно сум возрасен за да мислам дека тоа е малку грижа, но има и некои придобивки.

Александар Донски, пак, го презентира текстот под наслов „Античко-македонски елементи во пролетните празнувања на современите Македонци“ , во кој вели дека во овој текст ќе направи осврт кон античко-македонските елементи кои се задржале до денес во празнувањето на пролетните празници. Еден од најпознатите христијански (православни) празници, за време на кој, се вршат народни обреди, секако дека е празникот Лазара. На Лазара повеќе девојки се собираат, се накитуваат со лисје и одат по куќите, при што ги пеат познатите лазарски песни. Нема сомнение дека овој обичај кај Македонците останал уште од времето на античка Македонија.

Во продолжение е објавен текстот од Ангелина Маркус под наслов: „Современи траги за Ксантика кај познати Македонци“, којшто е  преземен од порталот „Македонска нација“. Во него, меѓу другото, се вели: „ Македонската јавност се запозна со научното издание на илустрираните летописни изданија во Ахгеон, под раководство на Мустафинов со врвен тим на научници во Русија. Тие создадоа своевидна светска енциклопедија или библија на стари ракописи со 17.000 уникатни цртежи на слики на историски личности и настани. Во тие 10 тома што ни се претставија, не само руската историја, многу народи ќе си ја прочитаат својата историја.“

Исто така од порталот  „Македонска нација“ е преземен текстот од Гордана Димовска, под наслов „Исконско и вредно од памтивек до денес“, во кој  го цитира Јосиф Чешмеџиев, 1926 година, кој нашишал: „Ние Македонците немаме пирамиди и сфинги, нашата татковина не е украсена со палати на материјални паметници, но има нешто кое ниту вековите, ниту природните стихии, ниту демонската рака на насилниците не можат да го разурнат.Таа нескршлива сила е излеана во единствениот паметник – народната песна, најбогато и најценето наследство што ни останало од минатиот живот и културата на Македонецот, сочувано и до денес‘,

На крајот се поместени песните што се приредени од Иван Трпоски, и тоа: „Еден поет – една песна“ од Никола Керемелевски, и песната  „Баба Планина“ од Ристо Галевски, објавена во стихозбирката „Спомени од Македонија“.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *