Промоција на книгата „Ѓорѓи Доневски – доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“

Промоција на книгата „Ѓорѓи Доневски – доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“ од проф. д-р Наташа Диденко, виш научен соработник при Институтот за национална историја − Скопје, ќе се одржи денеска во Скопје.

Рецензенти и промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и Мишо Китановски.

-Книгата на Диденко е прво монографско претставување на придонесот на Ѓорѓи Доневски во откривањето, запишувањето, негувањето и презентирањето на богатото фолклорно творештво на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Авторката на книгата ни открива дека творечкиот истражувачки потфат на Ѓорѓи Доневски, кој го започнал во 70-тите години на XX век, е од исклучително значење за македонската фолклористика, етномузикологија и културна историја, бидејќи на македонската научна и стручна јавност првпат ѝ ја открива вредноста и автентичноста на ова неизмерно богато музичко и фолклорно наследство на македонскиот народ, наведуваат од Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје.

Резултат на неговата огромна истрајност, посветеност и педантност во етнографското истражување на народното музичко творештво од Егејскиот дел на Македонија е збирката прекрасни песни „Сокол ми лета високо“, во кои се вбројуваат и песните „Твоите очи Лено мори“, „Бело лице љубам јас“, „Тивко Мирка си заспала“, „Огреала месечина“, „Чупче од онака“, „Сокол ми лета високо“ и низа други песни што и денес се пејат од бројни групи и изведувачи.

-Ѓорѓи Доневски беше иницијатор и главен двигател во развојот и дејноста на КУД „Гоце Делчев”, каде првпат беа поставени и изведувани песни и ора од Егејскиот дел на Македонија, како и на женските вокални групи „Бапчорки“, „Воденки“, „Мегленки“ и „Сирма“, наведуваат од КИЦ-Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *