Османи: Состанокот на САД-Јадранската повелба можност за потенцирање на поддршката на земјите членки за Украина

Денешниот министерски состанок на САД – Јадранската повелба е уште една прилика да ја истакнеме досегашната поддршка на земјите членки на Повелбата за Украина, но и да ја нагласиме нашата подготвеност за натамошна, практична и хуманитарна помош на украинскиот народ, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, на отворањето на неформалниот министерски состанок што се одржува во рамки на претседавањето на Северна Македонија со иницијативата.

Османи нагласи дека од почетокот на војната до денес, сите земји членки на А5 од регионот донирале околу 17 милиони долари хуманитарна помош, додека поголемиот дел од земјите членки од регионот обезбедиле околу 214 милиони долари воена помош. Тој додаде дека заедно со САД овие суми надминуваат 1,62 милијарди долари во хуманитарна помош, односно 32.7 милијарди воена помош.

Османи, кој го отвори состанокот во својство на претседавач со А5, ги претстави приоритетите на нашето претседавање со Повелбата, што се одржува на 20 годишнината од нејзиното формирање. Воедно, ја реафирмираше силната поддршка за Украина и украинскиот народ, како и острата осуда за руската агресија.

Поздравно обраќање на состанокот имаше и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба. Тој ги поздрави активностите и приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со САД – Јадранската повелба, што се одржува во време на услови на руската брутална војна во Украина, истакнувајќи дека А5 е од суштинско значење за безбедноста на Европа.

-Од клучно значење е Јадранската повелба да се прилагоди на новата реалност во светлината на тековните безбедносни предизвици. Ги поздравувам вашите планови за зајакнување на политичката улога на Повелбата и изнаоѓање нови безбедносни механизми за регионот. Јадранската повелба ја олесни балканската евроатланска интеграција. Украина е на пат кон НАТО, па знаеме колку беше тоа важно, истакна Кулеба.

САД – Јадранската повелба претставува најважната иницијатива за промоција на евроатлнатските вредности во регионот.  Покрај Северна Македонија членки на иницијативата се и Албанија, БиХ, Хрватска и Црна Гора, додека Косово, Србија и Словенија имаат статус на земји набљудувачи. Како стратешки партнер и основа во А5 присутни се и САД што на иницијативата и политичка тежина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *