Димитров против слеано име, Коѕијас бара промена на Уставот

Слеано име на македонски јазик и без превод, не е најдобриот правец во разговорите, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, образложувајќи зошто ваквото решение не е прифатливо за македонската страна.

Сложено име, со географска одредница, кое ќе биде слеано и во себе ќе го содржи името Македонија доколку се изговори брзо може да се случи да не се слушне зборот Македонија, порача шефот на македонската дипломатија.

– Сегашната привремена референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шестте официјални јазици во ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница, заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение, изјави Димитров.

Шефот на грчката дипломатија на прашањето зошто Грција инсистира на промена на македонскиот Устав, рече дека според праксата на европските уставни судови националните устави се над европското и меѓународното право.

– Затоа е потребно ова прашање да се разјасни, но тоа во моментов не е тема, бидејќи сме на средина од преговорачкиот процес, изјави Коѕијас.

За нацрт-спогодбите што си ги разменија Скопје и Атина, Коѕијас рече дека тоа се документи со кои треба да се разјаснат позициите на страните, а не да се отежне процесот.

– На крајот треба да добиеме еден текст што медијаторот Метју Нимиц ќе го преточи во договор и ќе го достави до Советот за безбедност на ОН, како потврда дека проблемот е решен, објасни шефот на грчката дипломатија.

Димитров се надоврза дека Македонија се залага за одржливо решение кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и граѓаните на двете земји.

– Наше е тоа да го понудиме и одбраниме. Иако застапуваме различни страни се обидуваме да постигнеме заедничка иднина. Историјата е важна, но не можеме да ја промениме, за разлика од сегашноста и иднината. Потребно е одржливо решение што на двете страни ќе им овозможи да одат напред, рече Димитров.

Коѕијас, пак, рече дека е потребно праведно решение кое не се однесува на минатото, туку на иднината и ќе ги отвори патиштата и нема да создава проблеми во иднината.

– Треба да најдеме решение кое нема да понижи никого и ќе ги отвори вратите на иднината, изјави Димитров, напоменувајќи дека се уште сме далеку од целосниот потенцијал на отворањето.

Димитров рече дека имале добри разговори во кои доминирало прашањето за разликите околу името и за градење на идните односи.

Најави дека следната недела  ќе има нова средба со Коѕијас во Виена на која ќе биде и медијаторот Метју Нимиц.

– Денеска направивме чекори да ги решиме проблемите, кои не ги создадовме ние, туку ги затекнавме. Должни сме да ги решиме и тоа ќе помогне за пријателството меѓу двата народа, за стабилноста и безбедноста и за развојот на двете држави и целиот регион, изјави  Коѕијас.

Тој потенцира дека верува во чесни преговори од кои во иднина и двете страни ќе добијат и двете страни ќе имаат придобивки, без победници или губитници. Грција посакува компромис, додаде Коѕијас.

Потсети дека грчката страна го направила тоа што го ветила, дека тој ќе го посети Скопје кога ќе се смени името на аеродромот со цел да се отвори втората фаза за поврзување на земјава со ЕУ, како и да се даде поддршка за пристапување кон Јадранско-јонската иницијатива.

– Милиони луѓе се движат меѓу двете држави. Северна Грција  со радост ги прифаќа граѓаните на вашата земја, кои доаѓаат заради туризам, бизнис или за пријателски посети. Нашите народи се многу блиску, се блиску, мора да се блиску и во иднина наша должност е да ги донесеме уште поблиску, додаде шефот на грчката дипломатија.

За време на средбата во македонското МНР група граѓани протестира пред зградата со транспаренти, со кои порачаа дека се против промена на името и преговорите со Грција.

Коѕијас за време на престојот во Скопје има средби со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *