Проф. д-р Ана Фрицханд, раководител на Институтот за психологија на Филизофскиот факултет на УКИМ

Собранието во јануари годинава изгласа измени во Законот за административни службеници, со кои се укина психолошкиот тест како услов за вработување на државните службеници. Во врска со потребата од вакви тестови во администрацијата, како и тоа дали тие даваа реална слика за кандидатот, разговаравме со раководителот на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје, проф.д-р Ана Фрицханд.

Околу се покарактеристичниот одлив на мозоци и во општествените науки, пак, особено за одливот на психолози од земјава, Фрицханд за МИА вели дека психологијата како професија мора да се „детабуизира“, и да се препознае важноста од присуството на психолозите во сите карики во општеството.

Дали Вашиот Институт беше консултиран при воведувањето на психолошкото тестирање во законската регулатива?

– Институтот за психологија не беше консултиран кога се донесуваше законската регулатива. Меѓутоа, по донесувањето на повеќе закони кои го наметнаа психолошкото тестирање како услов за селекција при прием и напредување на државни службеници, од Институтот беше побарано да ги спроведува тестирањата поради тоа што е единствена институција во државата која може да обезбеди тим со професори со докажани професионални компетенции во областа, со докторати и професорски звања од психометрија.

Уште тогаш Институтот ја поздрави намерата да се користат меѓународните искуства кои укажуваат на корисноста од употреба на психолошките тестови за професионална селекција, но истовремено ги идентификуваше пропустите во третирањето на тестовите во релевантните законски одредби и укажуваше на неопходноста од обезбедување соодветни психолошки тестови што ќе го направат тестирањето легитимно, етичко и ефикасно.

Процесот до кој се доаѓа со соодветни тестови, што е мошне скап и сложен, беше повеќе пати образложуван, и усно и во пишана форма, на највисоко ниво во тогашната Влада и во засегнатите министерства. Со оглед на тоа што, од страна на нарачателите, не постоеше подготвеност да се пресретнат сите предуслови за подготовка на соодветни психолошки тестови – адаптирани, стандардизирани и валидирани, од страна на нашиот тим, Институтот за психологија одби да го спроведува тестирањето и се иззема од натамошно ангажирање. Оваа одлука беше донесена поради тоа што Институтот цврсто застана зад ставот дека е подобро да не се користат никакви тестови, отколку тестирањето да се спроведува без да бидат задоволени сите професионални критериуми за тоа.

Психолошко тестирање, сепак, се спроведуваше. Како Институтот за психологија гледа на тоа? Дали тестовите што се користеа даваа реална оценка за психолошката состојба на тестираните и дали се покажаа како корисни за намената предвидена со законите?

– Главната причина поради која Институтот за психологија се повлече од реализација на тестирањето беше неможноста во дадените услови -кратки временски рокови и недостаток на средства, да се обезбедат докази за прогностичка валидност на тестовите кои би се користеле за селективни цели.

Со други зборови, ниту за расположивите тестови, ниту за тестовите кои можеа да се набават од други земји, не постоеја емпириски докази дека нивното користење би ја подобрило селекцијата за вработување на државните службеници и за унапредување во државните установи. Таквиот заклучок се темели на два битни момента. Прво, за да може еден тест да се смета за ефикасно селективно средство не е доволно да се знае дека тестот мери некоја психолошка особина или особини за кои во стручната литература, па дури и во праксата на други земји, постојат индикации или докази дека се битни за успешно вршење на конкретна дејност или работа на конкретно работно место.

Во нашата земја имаше некои такви адаптирани тестови, но не постоеја докази дека особините што ги мерат се непосредно поврзани со особините што се бараат за успешно вршење на дејноста или работното место. И второ, праксата на користење на психолошки тестови во селективни цели во земјите со многу голема тестовна традиција укажува на ситуации кога судовите, постапувајќи по обвиненија на отфрлени кандидати, сосема оправдано го прогласиле за злоупотреба користењето на тестовите за кои немало докази дека мерат особини од кои зависи успехот во вршењето на конкретна дејност или работно место.

Таквите моменти беа одлучувачки за изземањето на Институтот по психологија од целиот процес, чии членови едногласно одлучија дека, без такви докази, наместо да биде корисно, психолошкото тестирање ќе биде злоупотребено и ќе претставува дополнителен трошок и стрес за апликантите.

Во јавноста се наметна мислењето дека Институтот за психологија е институцијата што е одговорна за недостигот од психолошки тестови во нашата земја. Вие ги обучувате психолозите за користење на тестовите, но не им нудите инструменти за тестирање. Колку има вистина во тоа?

– Точно е дека психолозите-практичари се соочуваат со недостиг од психолошки тестови кои би можеле да ги користат за селективни, но и за психодијагностички и други прогностички цели. Меѓутоа, погрешно е одговорноста за тоа да се лоцира во Институтот за психологија. Подготовката на соодветни тестови – изработката на нови и/или адаптација и стандардизација на меѓународно признатите тестови, е долготраен и доста скап процес кој бара посебни ресурси (и време и средства за таа намена), што на Институтот за психологија хронично му недостасуваат.

Универзитетите во нашата земја се финансираат главно за спроведување наставна дејност, а за научно-истражувачката и апликативната дејност се главно препуштени сами да се снаоѓаат. Така, од страна на Институтот за психологија (институционално или со индивидуален ангажман на негови членови) се спроведени три големи проекти во рамки на кои се подготвени психолошки тестови за користење за различни цели.

Прв таков проект е Адаптација и стандардизација на Векслеровиот тест за мерење на интелигенцијата наменет за возрасни и адолесценти во Република Македонија (ВИТИМ), што е реализиран уште во далечните1986-1988 со средства од тогашното Министерство за наука. Во поново време, УСАИД ја финансираше изработката на батерија од три теста за професионална ориентација (БИПО) наменета главно за кариерните центри во средните училишта. За потребите на Академијата за судии и јавни обвинители и со нивна финансиска поддршка, во соработка со холандска фирма, спроведена е адаптација на цела батерија на меѓународни психолошки тестови што се користат при селекција на кандидатиза идни судии и јавни обвинители и дополнителна е направена и стандардизација на тестовите на способности на кои се темели самата селекција.

Ова потврдува дека Институтот за психологија има професионални капацитети да изработи нови тестови и/или да адаптира меѓународни тестови доколку има доволно средства и време на располагање. Тоа не ја намалува можноста и други психолози во земјата да ја преземат иницијативата за адаптација на тестовите што им се потребни во пракса – Институтот за психологија е подготвен за сорабока и стручна помош кога тоа ќе се побара од него.

Дополнително, треба да се нагласи дека поголемиот дел од меѓународно признатите психолошки тестови не се креирани и/или адаптирани во рамки на универзитетите – битно е дека во нивната подготовка очигледно учествувале стручни лица со докажани компетенции за изработка на тестови. Исто така, кога се работи за ингеренциите во областа на психолошкото тестирање, јавноста треба да знае дека Комората на психолози на РМ, а не Институтот за психологија при Филозофскиот факултет (каков што е случајот и со другите високо-образовни институции кои едуцираат дипломирани психолози) е единствената институција во чија надлежност е следењето на етичноста во користењето на психолошки тестови, а од неодамна и грижата за обезбедување соодветна адаптација и стандардизација на тестовниот материјал.

Дали бевте консултирани сега, кога психолошките тестови се укинаа? Колку е таквата одлука оправдана?

– Доколку бевме консултирани, секако дека образложението немаше да биде такво какво што беше дадено, особено во делот кој укинувањето го оправдува со недостигот од компетентни кадри за психолошко тестирање. Веќе беше кажано дека стручни кадри со соодветни компетенции имаме, но немаме средства за утврдување на соодветноста на меѓународните тестови, а камоли за изработка на нови. Инаку, користењето на психолошките тестови за селективни цели е многу раширено во развиените земји и бенефитите од таквото користење се утврдени и објавени во повеќе студии. Меѓутоа, кога сакаме да ги користиме меѓународните искуства, не можеме парцијално да се ослониме на нив. Со други зборови, секаде во светот, нарачателите на професионалната селекција (работните организации или институции) го финансираат процесот на подготовка на психолошките тестови за примена во селективни цели, ослонувајќи се на изборот на тестовите што го прават психолозите според потребите на нарачателите. Во нашиот случај тоа значи дека државата, односно владата и релевантните министерства како нарачатели на селекцијата треба да обезбедат средства за спроведување на тој процес. Без тоа, државата ќе носи законски одлуки со кои од една страна, оправдано ќе ги штити кандидатите од неефикасно користење на тестовите, но од друга страна, неоправдано ќе оневозможува подобрување на селекцијата, која во сите развиени земји се базира главно на користење на соодветни психолошки тестови.

Каков е интересот за студирање психологија во нашата држава?

– Институтот за психологија при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје, којшто е најстарата високообразовна институција во Македонија, постои веќе 44 години. Она што е битно да се спомене за Институтот за психологија е дека припаѓа, ако можеме така да кажеме, во елитните институти од аспект на тоа дека секоја година има голем интерес од средношколците да студираат психологија, практично добиваме и трипати повеќе апликации од слободни места колку што би можеле да прифатиме, и не само тоа туку по квалитетот средношколците коишто доаѓаат и имаат желба да студираат психологија се меѓу најдобрите. Тоа се гледа и по просекот по кој се рангираат на почетокот при аплицирањето и приемот, а и понатаму во текот на студирањето.

Феноменот на „одлив на мозоци“ зема се поголем замав во изминатите две децении, и беше покарактеристично за електроинженери и за лекари. Во последно време се забележува и одлевање на мозоци во општествените науки. Што би требало да се направи за да се спречи оваа појава?

– Поставувањето на високи критериуми во текот на студирањето, на пример на нашиот Институт, во поглед на самата настава и во поглед на самото знаење што треба да биде покажано на испит, ги мотивира и самите студенти да постават високи критериуми за понатаму што да очекуваат од својот живот и во својата пофесија. Голем дел од нив заминуваат на реномирани Европски универзитети, ги користат можностите за студирање на мастер и на докторско ниво и остануваат таму, затоа што успеваат да бидат препознаени по квалитетот на знаењата што ги поседуваат.

Во контекст на Вашето прашање, најпрво треба да се нагласи дека психологијата како професија е многу примамлива, второ е многу применлива, нуди многу можности каде што психолозите би можеле да работат во својата струка. Оттука, за да се спречи појавата за која зборуваме, треба да се примени системски приод. Тоа значи да се подигне свеста дека психолозите му се потребни на општеството, да се детабуизира оваа професија меѓу луѓето, односно ако се консултира психолог, не значи веднаш дека поединецот има нерешлив психички проблем, да се препознае важноста од присуството на психолозите во сите аспекти на општественото живеење, како и потребата од нивно активно присуство во институциите и организациите. Основно е да се препознае важноста на професијата психолог во зачувувањето на менталното здравје на луѓето. Ние како психолози континуирано зборуваме и работиме на оваа тема.

Уште еден чекор е да се инвестира во нови работни места. Да се вложува повеќе и во високото образование и науката, да се зајакнат стручните служби во основните и средните училишта. Тоа е неопходно, бидејќи станува збор за стручен тим, каде секој член од тимот покрива свое професионално поле на дејствување. Неопходно е стручниот тим во училиштето да се состои од психолог, педадог, дефектолог и социјален работник/социолог за да можеме да зборуваме за комплетно екипирана стручна служба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *