УНХЦР: Една година по руската инвазија, несигурноста го оневозможува враќањето на раселените Украинци

Дванаесет месеци по руската инвазија на Украина, повеќе од 13 милиони луѓе остануваат раселени од нивните домови, вклучувајќи речиси 8 милиони бегалци низ Европа и повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица во рамките на Украина.

Нивните можности за враќање во блиска иднина, сепак, се оневозможени од продолжените воени дејствија, несигурност и уништување на нивните матични региони, како што се наведува во два нови извештаја издадени денеска од УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци.

„Човечкото страдање и маки кои ги предизвика војната се надвор од поимливото. Со третина од населението на Украина приморано да избега од своите домови, ситуацијата останува непредвидлива. Мораме да продолжиме да одговараме на потребите на раселените луѓе и да ја осигураме нивната безбедност сѐ додека не можат да се вратат дома,“ изјави Паскал Моро, Регионалната директорка за Европа на УНХЦР.

Да ја разбере состојбата на раселените луѓе и подобро да ја насочува помошта, УНХЦР спроведе трета анкета на намерите и интервјуираше илјадници луѓе раселени од војната. Насловени „Животи на чекање“, најновите извештаи – еден со фокус на бегалците, а друг на внатрешно раселените лица – даваат увид во искуствата на раселените Украинци по една година, како и нивните намери и фактори
кои влијаат на нивните избори.

Помеѓу клучните наоди од двата извештаја се: – Најголемото мнозинство бегалци и внатрешно раселени Украинци – 77 проценти бегалци и 79 проценти внатрешно раселени лица – сакаат да се вратат дома еден ден, но, само 12 проценти и од бегалците и од внатрешно раселените лица планираат тоа да го сторат во следните три месеца.

– Главните пречки кои ги спречуваат бегалците да се вратат се грижите околу безбедноста и сигурноста во нивните матични области. Други грижи кои се наведуваат се однесуваат на пристапот и достапноста на основни услуги – вклучувајќи струја, вода и здравствена грижа, работни можности и соодветно
домување, од кои сите претрпеле во огромна мера заради војната.

– Кај внатрешно раселените лица, пристапот до соодветно домување е втората главна пречка кон одржливо и достоинствено враќање, по размислувањата за безбедност и сигурност.

– Бегалците кои изразија намера да се вратат во следните три месеца се претежно повозрасни луѓе, луѓе разделени од своите семејства коишто се сè уште во Украина или луѓе кои се соочуваат со предизвици со инклузијата во државата-домаќин. Резултатите исто така покажуваат дека за лицата кои
имаат специфични потреби или се со зголемена ранливост, можностите за социоекономска инклузија може да се потешки и тоа може да влијае кај некои на нивната намера да се вратат.

-Околу 18 проценти од испитаните бегалци се сè уште неодлучени дали да се вратат. „Не можеме да размислуваме за иднината или за тоа каква е состојбата во Украина, како и колку долго таа ќе биде таква. Можеме да размислуваме само за сегашноста,“ рече учесник-бегалец.

-И покрај предизвиците на егзилот, забележани се некои важни подобрувања. Кај групата бегалци кои учествуваа и во втората и во последната анкета, 45 проценти беа во изнајмено сместување, што е повеќе од 27 проценти во претходната анкета. Бројот бегалци кои примаат приход од вработување исто
така е пораснат на 46 проценти од 37 проценти.

-Сепак, кај истата група, и покрај тоа што делот што зависи од социјална помош или парична помош се има намалено на 50 од 57 проценти, значителен број сè уште остануваат невработени. Многу други имаат најдено нискоквалификувани работни места, но за поголемиот дел, приходот не е доволен за да се покријат основните потреби.

Врз основа на овие и други наоди, УНХЦР дава повеќе препораки во извештајот.

Клучно е да се осигура бегалците да добиваат постојана помош за да направат слободни и информирани одлуки за својата иднина, а државите-домаќини и локалните заедници да добиваат поддршка за бегалците да можат да добијат пристап до своите права, услуги и соодветна работа.

Поддршката на раселените популации во Украина исто така е клучен приоритет. Спонтаните враќања треба да бидат помогнати преку комбинација од хуманитарни, обновувачки, развојни и програми од приватниот сектор, со што ќе се поплочи патот за економско заживување, обнова и реконструкција.

Минатата недела, УНХЦР го објави својот Дополнителен апел за украинската ситуација, заедно со план за одговор и финансиски побарувања за 2023 година.

Вкупните потреби се проценети на 1,1 милијарди долари – 602,5 милиони за внатре во Украина и 517 милиони во државите домаќини на бегалци во Европа. УНХЦР продолжува да бара од меѓународната заедница да ја поддржи раселената популација на Украина – внатре и надвор од државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *