Османи ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН и Постојаниот совет на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи на Северна Макеоднија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи денеска, на една година од руската инвазија врз Украина, ќе се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.

Како што информираат од МНР, обраќањето доаѓа по вчерашната 11-та Специјална итна седница на Генералното собрание на ОН каде Османи упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина и каде со 141 глас „за“ се усвои Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина.

Повод од навршувањето една година од инвазијата на Руската Федерација врз Украина е и неговото денешно обраќање пред Постојаниот совет во Виена, каде како Претседавач со ОБСЕ ќе се приклучи преку видео линк. Во своето обраќање, тој ќе се осврне на цивилните страдања во изминатите 12 месеци и ќе ја повика Руската Федерација да ги повлече своите воени сили од Украина и да се придржува на принципите и вредностите на ОБСЕ.

Воедно, во својство на Претседавач со ОБСЕ, тој и вчера преку видео обраќање се обрати во Виена на Зимската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ. Во својот говор тој уште еднаш потсети дека овој состанок доаѓа во многу тешки моменти за целата европска безбедносна архитектура, како и за самата Организација, повикувајќи ги земјите-учеснички да ја задржат вербата во ОБСЕ, да ја поттикнат политичката волја и да ѝ овозможат на Организацијата да го продолжи својот уникатен мандат.

Во текот на денот Османи исто така во Њујорк оствари средба и со Потсекретарката на ООН за политички и мировни прашања, Розмари А. Ди Карло, како и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Естонија и Унгарија.

На средбата со Ди Карло Османи уште еднаш ја повтори пораката дека дипломатијата е единствено решение за вознемирувачките случувања на теренот, но разговараа и за зајакнување на улогата на Обединетите нации во справувањето со глобалните предизвици.

-ОН е еден од најблиските партнери на ОБСЕ уште од 1993 година, со потпишување на Рамката за соработка и координација. На нашата заедничка агенда, меѓу другото, е и решавање на конфликтите и градење на мирот. Во сегашните околности, свесни сме дека постои континуирана потреба за справување со долготрајните конфликти низ регионот на ОБСЕ, и како Претседавач во 2023 година, Северна Македонија согласно своите приоритети ќе се обиде да најде решение, избегнувајќи дополнителни ескалации, истакна Османи на средбата со Ди Карло.

За време на разговорот со Потсекретарката на ОН, тој се осврна и на континуираниот ангажман на ОН во Северна Македонија, за кој рече дека придонесува за зајакнување на нашиот капацитет во клучните сектори со цел да се исполнат барањата за пристапување во ЕУ: реформите во областа на доброто владеење, борбата против корупцијата, реформите на судството, како и зајакнувањето на социјалната кохезија.

На средбата  со министерот за надворешни работи на Естонија, Урмас Реинсалу, Османи зборуваше за зајакнувањето на односите меѓу двете земји и продолжување на Трилатералниот проект во областа на дигитализацијата за спроведување на естонското искуство во дигиталната трансформација во Северна Македонија.

Фокус на средбата со министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто пак, беше унгарската поддршка во нашиот евроинегративен процес, со кого меѓу другото, се осврнаа и на динамичната економска соработка меѓу земјите во поглед на енергијата, земјоделството, водостопанството, образованието, науката и технологијата, туризмот, како и климатските промени.

Билатералните средби на Османи во Њујорк продолжуваат и денеска, додека пак утре се очекуваат средби со дијаспората.