Путин обвини дека Западот бил виновен за руската војна против Украина

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва направила сè за мирно да го реши проблемот со Донбас, но дека Западот имал „поинакво сценарио“.

– Трпеливо водевме преговори за тој исклучително тежок конфликт. Но, зад нашиот грб се подготвуваше поинакво сценарио, рече Путин во својот говор во Советот на Федерацијата за состојбата на нацијата. Тој ги обвини Украина и Западот дека го предизвикуваат конфликтот со акумулирање на своето воено присуство долж границата со Русија.

-Тие ја започнаа војната, а ние моравме да употребиме сила за да ја запреме, рече рускиот претседател.

Путин тврди дека Киев имал разговори со Западот за набавка на оружје и пред почетокот на, како што Русите ја нарекуваат инвазијата – воената операција во Украина. Чекор по чекор, внимателно и доследно ќе ја решаваме задачата, рече Путин.

Рускиот претседател го предупреди Западот да не испорачува дополнителна воена помош за Украина, велејќи дека таквата поддршка ќе предизвика воен одговор од Москва.

– Една околност мора да биде разбрана од сите… Колку повеќе оружје со долг дострел пристигнува во Украина од Запад, толку повеќе ќе треба да ја оттурнуваме заканата од нашите граници, тоа е природно, рече тој.

Рускиот претседател повторно го критикуваше Западот, обвинувајќи го дека бара „неограничена моќ“ за меѓународните прашања. – Западот ја користи Украина како „овен“ против Русија, рече Путин.

– Западната елита не ја крие својата цел, а тоа е да и нанесе стратешки пораз на Русија. Тоа значи да не сотрат засекогаш и локалниот конфликт да се префрли во фаза на глобална конфронтација. Тоа е начинот на кој ние го разбираме тоа и соодветно ќе одговориме, додаде тој. – Невозможно е да се победи Русија на бојното поле, затоа се вршат се поагресивни информативни напади. – Постојано лажат, не ги запираат нападите врз нашата култура, врз Руската православна црква, рече шефот на руската држава.

Путин, исто така, рече дека Москва им пркоси на обидите на сојузниците на Украина да ја загрозат нејзината економија преку воведување пакети санкции без преседан. Тој тврди дека трилиони долари се во прашање, но дека приходот на Русија не пресушил. Тој вели дека западните сојузници се „казнуваат“ себеси со санкциите воведени против Русија. Во своето обраќање, Путин рече дека Западот „не постигнал успех“ во својата воена и економска „агресија“ против Русија – ниту ќе го постигне тоа.

Шефот на руската држава, исто така, ги обвини лидерите на Украина дека го зеле за „заложник“ населението на земјата, додавајќи дека Киев „им служи на интересите на странските сили“.

– Самите луѓе на Украина станаа заложници на режимот во Киев и неговите западни господари, кои всушност ја окупираа оваа земја во политичка, воена и економска смисла, оценува рускиот лидер. – Режимот не им служи на нивните национални интереси, додаде тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *