ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Медиумите на Македонците во САД и Канада пред Втората светска војна биле заеднички со бугарската емиграција, меѓу кои, биле и следните:
“БОРБА” (1902). Прво информативно гласило во САД што го третирало македонското прашање бил весникот “Борба”, кој започнал да излегува од јануари 1902 година. Тоа е прв весник на македонската и бугарската емиграција во Америка. До осмиот број бил орган на Македонско-одринското друштво, а потоа минал во рацете на Бугарите. Всушност, до осмиот број весникот “Борба” го поставувал македонското прашање, со основна теза за автономија на Македонија, додека по овој број преовладувале теми за Бугарија. Излегле 15 броја, од кои последниот датира од 15 октомври 1902 година.
“МАКЕДОНИЈА” (1907-1910). Првиот број на овој весник излегол на 7 декември 1907 година, а последниот во август 1910 година, во Гранит Сити, како орган на емиграцијата во Америка. Го издавало друштвото “Македонија”.
“НАРОДЕН ГЛАС” (1907-1944). Весникот “Народен глас”, како дневен весник, е еден од најголемите заеднички весници на македонската и бугарската емиграција во САД. До 1913 година, т.е. до шестата годишнина, излегувал еднаш, па двапати неделно, додека не станал дневник, издаван во Гранит Сити, а печатен во сопствената печатница.
“МАКЕДОНСКА ТРИБУНА” (1927-). Весникот “Македонска трибуна” бил орган на Сојузот на македонските политички организации во САД и Канада и се појавил во Индијаноплис, кој во почетокот им служел на интересите на револуционерното движење на македонскиот народ, за потоа да застане зад бугарската асимилаторска и денационализаторска политика во Македонија и во светот.
“Македонска трибуна”, како орган на МПО излегува континуирано од 10 февруари 1927 година еднаш месечно. Од почетокот до деведесетите години од минатиот век се печати само на бугарски јазик, а денес на англиски јазик, со одреден број текстови на бугарски и одвреме-навреме има преземени текстови и на македонски јазик.
Ова гласило е со најдолг век на печатење во иселеништвото. Во своето 75-годишно постоење одиграло значајна улога во афирмирањето на целите и интересите на организацијата МПО и на бугарската пропаганда, И покрај тоа што весникот го носи атрибутот “македонски”, сепак е далеку од македонската вистина. Заради тоа, весникот го чита одредена категорија читатели и не е популарен меѓу македонските доселеници, кои дошле во САД и Канада по Втората светска војна.
“МАКЕДОНИЈА” (1932). Тоа било списание посветено на македонското движење за слобода и независност. Првиот број бил печатен во 1932 год., излегувало еднаш месечно на англиски јазик, а го издавал Централниот комитет на македонските политички организации во САД и Канада.
македонски билтен” (бÁлетин) (1930). На 1 март 1930 година во САД се појавил “Македонски билтен”, од кој се отпечатени само три броја. Весникот бил орган на Иницијативниот комитет на организациите на ВМРО (о). “Македонски билтен” имал за цел да ги информира доселениците и македонското прашање од гледна точка на ВМРО (о). Таквиот однос бил особено изразен во апелот до македонската емиграција, во кој се апелирало тие да се борат против врховистите и се повикувале Македонците на бескомпромисна борба против братоубијците и нивните слуги.
“БАЛКАНСКО З(С)ДРУЖЕНИЕ” (1931-1934). По создавањето на Иницијативниот комитет на независните прогресивни групи, во април 1931 година се одржал Првиот конгрес на сите прогресивни македонски групи кои се обединиле во Македонски народен сојуз. Како резултат на будењето на македонската свест, на 1 јуни 1931 година се појавил весникот “ Балканско з(с)дружение”, како орган на Македонскиот народен сојуз во Америка чие седиште било во Детроит (како продолжение на “Македонски билтен”), а излегувал до 1934 година.
“СОЗНАНИЕ” (1932-1937). Овој весник бил орган на бугарската секција на Комунистичката партија во САД, во која биле вклучени и македонските прогресивни доселеници. Се појавил на 15 декември 1932 година во Детроит, излегувајќи секој петок. Престанал да се печати на 29 октомври 1937 година, а на негово место почнал да излегува весникот “Народна волја”, како гласило на прогресивните бугарски и македонски емигранти во САД и Канада.
“ТРУДОВА МАКЕДОНИЈА” (1934-1937). Еден од позначајните весници на Македонците во САД бил “Трудова Македонија”.Првиот број се појавил во Детроит во јули 1934 година како орган на МАНС и се печател до 30 октомври 1937 година. Мотото на весникот бил: “За правото на самоопределување на македонскиот народ, вклучувајќи го и правото да се оддели во самостојна политичка единица; за слободна Македонија на трудбениците!”
“НАРОДНА ВОЛЈА” (1938-1944). Првиот број на овој весник излегол во Детроит во 1938 година. Се печател еднаш неделно на кирилица, а голем број материјали се печатени во постојаните рубрики на англиски јазик. По конституирањето на Народна Република Македонија бројни текстови се печатени на македонски литературен јазик. Весникот “Народна волја” излегувал како орган на МАНС с# до 1944 година.
“НОВО ВРЕМЕ” (1934-1944). Со основањето на Македонско-канадскиот народен сојуз (МКНС) во Канада, во Торонто во 1934 год. почнал да излегува весникот “Ново време”, како негов орган. Содржината на овој весник била идентична со онаа на весникот “Народна волја”, како што биле идентични и целите и задачите на МАНС во САД со целите и задачите на МКНС во Канада.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН