Путин на прослава по повод годишнина од победата за Сталинград

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе присуствува на прославата на 80-годишнината од советската победа во Волгоград, поранешен Сталинград, соопшти Кремљ.

Русија ја слави годишнината од победата во битката за Сталинград, голема пресвртница во Втората светска војна и симбол на патриотизмот на кој Путин се повикува во екот на неговата офанзива врз Украина, коментираат светските медиуми.

Прославите се организираат во време на жестоки борби меѓу руските сили и украинските војници во Украина, речиси една година од започнувањето на руската офанзива со цел, како што наведуваат од Кремљ, „демилитаризација“ и „денацификација“ на оваа поранешна советска република.

Битката за Сталинград, најголемата битка во Втората светска војна, започна на 24 август 1942 година, а заврши на 2 февруари 1943 година, кога капитулираа трупите на германскиот фелдмаршал Фридрих Паулус, опколени со војници на Црвената армија.

Катастрофалниот пораз на Германците и нивните сојузници ја означи пресвртницата во Втората светска војна на европското бојно поле.

Битката за Сталинград се смета за една од најкрвавите битки во историјата, со околу два милиони жртви на двете страни.