Провокациите во насока да се нарушат добрососедските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија

Бугарија вчера го повлече нејзиниот амбасадор од Северна Македонија и најави можно запирање на меѓувладините проекти откако во Комисијата за надворешни работи беа сослушани техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов по нападот на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид. Од македонското Министерство за надворешни работи најавија дека во текот на денот ќе излезат со став околу повлекувањето на бугарскиот амбасадор.

Претходно, владини претставници во земјава во изјави за медиумите го осудија секој вид на насилство, провокации и нарушување на односите со источниот сосед. Пораки дека соработката и меѓусебната почит како модели за успех подеднакво се нужни и за земјите членки на ЕУ и за земјите кои се на пат да станат членки на ЕУ упатија и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и бугарскиот европратеник Илхан Кучуќ.

Шефот на бугарската дипломатија вчера по состанокот во Комисијата за надворешни работи изјави дека „ако Северна Македонија продолжи да се однесува така, возможно е повторно Бугарија да постави вето“.

-Македонија за да продолжи по својот европски пат мора да ги почитува преземените обврски во рамки на европскиот предлог. Нема потреба Бугарија да прави ништо, туку да обезбеди почитување на обврските што Македонија ги презеде. Во самиот предлог нема рокови, тие може да не ги исполнат со децении, што значи дека нема да почнат преговори, изјави Милков.

Враќањето на ветото, според бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, би било огромна грешка и ќе ги влоши билатералните односи.

– Тоа би била огромна грешка. Ветото на ниту еден начин не влијаеше позитивно на добрососедските односи. Сосема спротивно. Почнаа провокации, повеќе или помалку, токму од ставањето на ветото, изјави Ќучук за БНР.

Според него, тоа што му се случи на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид е за осуда и тоа го кажале и европските институции. Тензијата меѓу двете земји, Ќучук ја оценува како висока која се шири во многу правци и смета дека билатерално ќе има многу бурна непродуктивна година.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите го осуди секој вид на насилство порачувајќи дека како држава имаме изградено институционални, законски и процедурални механизми за заштита на малцинските права на највисоко ниво во Европа.

– Секогаш сум осудувал и ќе осудувам насилство од било каков вид. Сите треба да бидеме достоинствени во однесувањето во нашата држава и на ист таков начин очекуваме сите странски државјани да се однесуваат кога доаѓаат кај нас, рече Ковачевски.

Сите кои не сакаат да не видат како членка на ЕУ и кои прават провокации, рече Ковачевски, тоа го прават токму од таа причина. Такви има во нашата држава, но и во Бугарија.

Институциите, смета Ковачевски, треба да постапуваат согласно закон за сите оние кои ги шират провокациите и сакаат да ги нарушат односите во државата и помеѓу државите во регионот.

– Тоа се однесува на наши граѓани, но и на граѓани од странство кои сакаат да дојдат во државата и да го прават тоа без разлика од која држава доаѓаат, рече Ковачевски.

Во однос на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, што се оценува како настан од висок ризик на што укажа и претседателот на државата Стево Пендаровски, Ковачевски рече дека ќе биде направено се што е во надлежност на Владата со цел да има мирно и достоинствено одбележување.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ветува дека ќе биде направено се за да се сочува мирот, стабилноста и јавниот ред.

– Знаеме дека имаме радикални структури кои заради некакви лични, политички и секакви други интереси, сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите од една страна. Од друга страна, не смееме да дозволиме да се наруши и безбедноста на нашите граѓани, изјави вчера Спасовски.

По седницата на Советот за безбедност што се одржа во понеделникот, претседателот Пендаровски во изјава за медиумите рече дека на 4 февруари се очекува организирана група да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и дека целта е да се наруши безбедноста и да се дестабилизираат односите со Бугарија. Од Советот за безбедност беше побарано да се забрани влез во земјава на еден европратеник и неколку други лица.

По ова реагираше бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој најави дека на 4 февруари ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а со објава на социјалните мрежи индиректно му се закани на претседателот Пендаровски.

– Што претставува за нас една таква забрана? Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната и дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа, напиша Џамбаски.

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски не ја коментираа изјавата на Џамбаски посочувајќи дека ставовите на претседателот биле дадени по седницата на Советот за безбедност и дека сега надлежностите се кај Владата.

– Во однос на прашањата, немаме дополнителен коментар. Ставовите на претседателот Пендаровски беа дадени по седницата на Советот за безбедност. За понатамошни чекори, надлежностите се кај Владата на Република Северна Македонија, истакнаа од Кабинетот на претседателот.

Изјавата на Џамбаски ја осудија од Министерството за надворешни работи од каде информираа дека по дипломатски пат е известено и бугарското Министерство за надворешни работи.

– Во овој случај, Министерството ќе препорача и на претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од претседателот на Европскиот парламент. Заканите, изјавите за закани, најавите се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи, очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава, стои во реакцијата од македонското МНР.

Министерот за внатрешни работи вчера во одговор на новинарско прашање дали Џамбаски ќе биде вратен назад доколку се појави на границата, рече дека за тоа ќе се одлучува тогаш. – Ќе одлучиме на 4 февруари, рече Спасовски.

 

2 thoughts on “Провокациите во насока да се нарушат добрососедските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *