Маричиќ: Потребен ни е национален консензус од сите политички партии доколку сакаме да станеме членка на ЕУ

Вистинскиот национален консензус за Европската Унија за жал кај нас се уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што до сега во најголем дел бил само декларативен. Потребен ни е консензус со одговор на прашањето од сите политички чинители дали сакаме да станеме членка на ЕУ не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата, истакна денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според Маричиќ, 2030 година е достижна под два услова – да се изведат реформскиот процес и процесот на преговори, тоа е задача на сите политички чинители во државата и на сите делови во општеството, а вториот услов е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ.

Како што додаде, овие два услова мора да бидат исполнети доколу сакаме да влеземе во ЕУ во 2030 или приближно до 2030 година.

-Одоговорот дали вредеше да се потпише Преспанскиот договор пред четири години само за да влеземе во НАТО го имаме денес. Да, вредеше, затоа што денеска никој не ја поставува под знак прашање стабилноста и целовитоста, иднината на Северна Македонија и она далечно, но секогаш блиско прашање „дали ќе не биде“. Истото е и за ЕУ. Погледнете ги Хрватска, Словенија, Бугарија и споредете ги како изгледале пред членството, а како изгледаат денес. Ниту една од нив не назадувала по ниту едно прашање, рече денеска Маричиќ во обраќањето на тркалезната маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“ во организација на Советот на амбасадори.

Маричиќ потенцираше оти е точно дека поддршката за Европска Унија последните години е опадната.  Како што рече, подршката не опаѓа заради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ, туку заради недоволната динамика или разочараноста од динамиката на внатрешните реформи од една страна, но од друга страна и за недостижноста на реалното членство, заради недостатокот на перспектива понудена од ЕУ.

Според Маричиќ, европскиот концепт носи стабилност, просперитет и извеснот и тоа е концепт кој го сакаат граѓаните.

-Мислам дека процесот на преговори колку и да ни изгледа бирократски, и процесот на скрининг во оваа фаза, и понатаму отворање на кластери е шанса за успешно заокуржување и завршување на транзицијата на нашето општество, бидејќи преговорите нема да изостават да допрат ниту еден дел од нашето општество. Токму затоа и целиот фокус е ставен на брз и успешен скрининг. Овој процес не допушта импровизации, додаде Маричиќ.

Вицепремиерот е дециден дека треба да вршиме притисок што побрзо да стенеме членка и треба да го зголемуваме нивото на регионална соработка, затоа што регионот Западен Балкан има најтврди граници, плаќа најскапи услуги за многу работи, и најтешка мобилност меѓу граѓаните во овој дел од Европа. Тоа, како што рече, мора да го надминеме без разлика кога ќе станеме членка на ЕУ.

Според претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили, политичките елити ниту имаат желба, ниту обиди за борба против корупцијата, со исклучок, како што рече, на некои кои се докажани за нивната европска определба.

-Доаѓањето на амбасадорот Дејвид Гир, на обвинителката Неора Ковеци и советникот Дерек Шол кај граѓаните влеваат оптимизам и надеж дека доброто доаѓа. Некои луѓе кои се дел од одредена политичка партија примаат редовна плата без да одат на работа. Вработувањата во јавната администрација се чисто врз партиска база, посочи Халили во своето обраќање на денешната тркалезна маса.

Тој смета дека во земјава во категорија на работна ангажираност живеат две категории на млади луѓе – партиски вработени и бегалци.

Во категоријата бегалци, како што напомена, спаѓаат високо образовани луѓе без перспектива. Додаде дека тоа е затоа што нивната перспектива е условена со партиска книшка на лидерите на партиите на власт, на централно ниво и во опозиција на локално ниво.

-За партиски врбаотени вратите на рајот се широко отворени – дипломирање, вработување, унапредување, привилегии, високи позиции.. Во една земја, каде кандидатите за идни обвинители купуваат уверение за знаење на англискиот јазик и се примаат на Академија без правосудни испити, без завршен факултет, во една земја каде главна вест е вработувањето на децата на министри и претседатели, во таа земја нема перспектива. Поголемиот дел од граѓанитие кои не припаѓаат на ниту една политичка партија живеат во тешки маки. Мојот повик  до претставници на земјите членки на Унијата – помогнете ни да ги победиме неправдите, додаде Халили.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *