ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Во ова продолжение ќе претставиме дел од почетокот на животот на новодојденецот во Австралија Иван Трпоски, неговото прво вработување и дел од случките во новата средина. Затоа, Иван и го напиша следниот дел во неговата монографија:

Брат ми Спаско и другар ми Андон Стоески работеа во стакларница, која се викаше „Аустралиан глас мануфактури“ или скра-тено Ај-џи-ем. Во понеделник на 3. 10. 1968 година, појдовме да побараме работа за мене. Ми дадоа формулари, ги исполнавме, по-минивме и на лекарски преглед, а најпосле појдовме да ги видиме верижните машински строеви по кои наизменично течеа разни ши­шиња. Неколку работници ги збираа шишињата, ги проверуваа да не имаат некаков недостаток, а потоа ги пакуваа во картонски кутии. На една од тие машини утредента ќе треба и јас да си ја пробам мојата гастарбајтерска среќа. Значи, од тој датум, 3. 10. 1868 година, јас веќе ѝ припаѓав на оваа стакларска компанија. Бев примен во смената на другар ми Андон, а брат ми Спаско беше во друга смена.

Вечерта дојде од Грингила, населба во близина на градот Во­лонгонг, оддалечен околу 80 километри на југ од Сиднеј, за да се видиме волинецот Ванчо Лошкоски. Во својот автомобил нѐ зеде мене,Андон, Спаско, брат му на газдата Трајче, Благоја и Томе Милески ‒ Чкаља од Свињишта, Охридско, за да нѐ прошета низ Сиднеј. Од Сиднеј им испратив разгледници на сопругата Нада, на татко ми, на зет ми Борис и на братучедот Кристафил. Вечерни­те прошетки низ градот се идеални. Бујна раздвиженост на многу народ, кафеани, пабови, продавници за брза храна, билдборди со стриптизети и други ноќни забави кои го принудуваат дојденецот да ѝ се препушти на волшебноста од ноќниот живот. Ванчо остана вечерта за да спие кај нас, па се изнаприкажавме за животот тука­шен, за работите, платите и плановите за иднина.

Утредента почнав на работа точно во 7. 00 часот. Мојот шеф беше од руско потекло. Се викаше Бил Кучероф. Тој ме даде да рабо­там кај еден југословенски екстремист, кај Хрватот Марко Пленца. Марко, како предработник, најпрво ми покажа како се сортираат ши­шињата, за време на паузата ми кажа дека бил поранешен официр во ЈНА, но поради националистички побуди, побегнал преку Австрија и Германија во Австралија. Ми рече да се кажувам само како Маке­донец, ако се кажувам како Југословен, Хрватите ќе ме истепаат. Ме запозна со неколку негови сонародници, кои ми се претставуваа како хрватски усташи. Во историите ни ги претставуваа како грозни луѓе усташите, а овие што ги видов беа фини и елегантни луѓе. Брзо го изучуваа англискиот јазик и уште побрзо напредуваа во работните функции. Дојде Андон и му кажав дека работата не е многу тешка, но ме загрижува што се сретнав со голем број усташи. Тој се насмеа и ми рече: „Во оваа фабрика се насобрани сите бегалци од европски­те земји и овде секој на секого му се истопорува со својата најсилна националност. Покрај хрватски усташи, има и српски четници. За да го респектираат нивниот водач Дража Михајловиќ, тие носат бради. Немој да се плашиш, ако некој ти се заканува, побарај ме. Јас ќе им ја очитам молитвата. Сите ме знаат за дрзок и тепач, па не мислам дека некој ќе се осуди да те чепка“. На машината работевме тројца сортери на шишиња, јас и двајца Руси. Тие беа поборници на царот Петар и премногу го мразеа комунизмот. Понекогаш, кога ќе дуваше ветар од кај машините, тогаш доаѓаше чад и шишињата беа многу жешки.

Затоа, пак, Синдикатот веднаш бараше од работодавците да ни дадат ракавици за да не ни жежат шишињата, да донесат големи вентилатори со кои чадот ќе го враќаат назад и буриња со мраз за да ја намалат топлината. Синдикатот ги заштитуваше работниците, во што јас се сомневав дека ќе биде тоа така. Зашто капитализмот е направен за богаташите да ги притискаат работниците и да живеат боговски од нивната пот. Но се излагав во таквиот став со кој нѐ уче­ше комунизмот. Првиот ден помина со неколку опомени дека фрлам здрави шишиња, а пакувам фалшливи. Додека се навикнав, Марко и Андон ми помагаа во работата. Со Андон патуваваме заедно. Ко­ристевме воз од населбата во којашто живеевме Мериквил до насел­бата Ерскинвил, а оттука, пак, патувавме со автобус до фабриката во којашто работевме. Таа се наоѓаше во населбата Рендвик. Значи, фа­бриката ни беше оддалечена од нашата населба околу дванаесетина километри, што не е ништо ако се земе предвид широчината на Сид­неј, поголема од целокупната територија на Република Македонија. Во фабриката се работеше на три смени: 3 дена прва смена од седум часот сабајле до три попладне, еден ден слободен, па 3 дена втора смена од три часот попладне до единаесет пред полноќ, еден ден слободен, па 3 дена трета смена од единаесет часот пред полноќ до седум часот наутро, еден ден слободен и повторно така натаму – до вечност. Поради работата во смени, бројот на Австралијанци беше најнизок. Повеќето беа Грци, па Југословени (мислам дојдени од нејзините тогашни граници), Италијанци, Унгарци, Руси, а подоцна надојдоа Либанци, Јужноамериканци и Азијати.  Австрстралијците не ја сакаа работата на смени.

Мојата прва неделна заработувачка изнесуваше 58 долари и 69 центи или тогашни 75.000 динари. Убави пари, но ако се земе предвид дека се работи на смени и за викенд, тогаш не е многу. Чесноста на благајниците е на високо ниво. До последен цент ти го ставаат во пликче со неделната писмена пресметка. Овде не е како кај нас, благајниците да ти се извинуваат дека немаат ситни пари за да ти ја дотокмат и онака слабата заработувачка. Некои работници, пак, му ги враќаа ситните пари на благајникот за да се напие едно пиво од него, демек како привилегија за да ги опули очите за дру­гата плата да му биде покоректна…

Меѓувреме појдовме да ги гледаме борачите. Оваа борба иако гледа дека е наместена, заслужува интерес за гледање. Зарем навистина тие толку многу се тепаат, дури крвишта се разлеваат од нивните глави? Сè е наместено мошне педантно за забава и за заработување големи пари. Другите денови бевме и на циркус, па појдовме да ги видиме и покер автоматиците. Јас секогаш сум го мразел комарството, кое овде го нарекуваат гемблерство. Една ве­чер, кога се враќавме од работа, а работевме во втора смена, Војсе Иваноски и Андон Стоески се заиграа на ѓаволски автоматици и гледам дека пикаат незнајни пари во нив, па ги поучив да се тргнат настрана од овие враџулиња. Тие, онака под дејство на опиум, ми рекоа: Ти си баксус, затоа ние губиме! Беше два часот по полноќ, но од таквата опомена, јас лут, со адресата в раце, пешки тргнав да си појдам на стан. Ги преминав трите километри со страв. Патот непознат, јазикот непознат, а утрото е далеку. Лутав наоколу доде­ка се раздени. Така, утрото со адресата в раце му пријдов на еден тукашен, кој се подготвуваше со автомобилот да замине на работа. Прво со раката ме бркаше, но кога го замолив, тој со страв ми приј­де и кога ја виде адресата, се насмеа и ми покажа со мимики дека сум блиску, дека мојата улица е само две улици над неговата. Овој горчлив спомен и по четири децении јас не го заборавив и не поса­кав ваков настан ниту мене, ниту пак на кој било да му се случи! За патните трошоци, од својата заработувачка редовно почнав да им се оддолжувам на моите гарантери. На брат ми Спаско му должев 150, а на другар ми Андон 353 долари.

Еве уште една непредвидена случка. Едно рано утро, точно во 1.00 часот, некој заѕвони на врата. Газдата Трајче ја отвори вра­тата и гледа полицаец пред себе со батерија в раце и со запишани имиња на брат му Благоја Марически и на брат ми Спаско Трпо­ски. Полицаецот му вели на газдата дека треба да појдеме веднаш во локалната полициска станица за да се договориме со браќа ни дали сакаат да ни ги вратат парите со кои ние, како кауција од по 150 долари на човек, ќе треба да ги извадиме нив од затвор, или не. Тргнавме веднаш. Попатно со нас го зедовме и Андон Стоески, на кого му беа добро познати ваквите случаи. Во затворот ни ги дове­доа нив со лисици на рацете. Ни кажаа дека се истепале со некои мотористи и искршиле неколку ресторански стакла во населбата Њу Теон, па полицијата при нивното бегство ги уапсила. Во Њу Теон тие биле со моторот на Благоја Марически, каде што поради девојки се закачиле со неколку овдешни момчиња. Аманте, ни ре­коа, вадете нè, оти овие ѕверови ќе нè збудалат. Спиеме на бетон, а силни светла преку цела ноќ ни светат в очи! Другиот ден со Трајче побаравме од станарите пари, кој колку има и така, со собраните пари, појдовме во затворот во Њу Теон за да ги извадиме. Полицајците ни рекоа дека ги одвеле во главниот сиднејски затвор во Лонг Бај. Ајде ние оттука отидовме и таму, каде им ги дадовме парите, а тие ни ги ослободија браќа ни. Гледајќи ги високите затворски ѕидови, обградени со боцкав тел и со наоружани стражари по ѕидо­вите, се запрашав: Дали и нас, Македонците, во оваа земја, вакви работи ќе ни се случуваат!? А еве, веќе ни се случуваат!

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *