ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Една од одредбите на Црковно-народниот собор што се одржа во Охрид од 17 до 19 јули 1967 година, кога беше прогласена автокефалноста на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија, беше донесена и одлуката на Светиот архиерејски синод да се формира Американско-канадско-австралиска-македонска епархија.
Оваа значајна црковна институција, која, меѓу другото, има за цел да ги продлабочува врските и да ја јакне љубовта, верата и надежта меѓу македонските иселеници во прекуокеанските земји со татковината и со црквата, како и да биде мост за подобро запознавање и зближување на Македонија со земјите кадешто тие живеат. Во почетокот епархијата беше заедничка за САД, Канада и Австралија. Подоцна, се одлучи за Австралија да се формира Австралиско-македонската епархија, која се оддели како посебна институција, а се формира и Европската епархија.
Според одлуката на Синодот на МПЦ, за прв архиереј на целата Епархијата беше избран тогашниот викарен епископ тивериополски, г. Кирил, кој на 10 август 1969 година беше интронизиран како нејзин надлежен епархиски архиереј. Чинот на интронизацијата беше извршен во најголемата македонска иселеничка колонија и црковно-културен центар на Македонците од сите делови на Македонија – Торонто, од страна на тогашниот дебарско-кичевски митрополит г. Методиј.
Во службата на интронизацијата учествуваа свештени лица, а во присуство на голем број Македонци од сите македонски колонии од Канада и САД, бројни гости и официјални личности на македонските организации и асоцијации, како и претставници на канадската влада И на медиумите.
На 4 октомври 1969 година, пак, во просториите на МПЦ “Св. Климент Охридски” во Торонто, со учество на бројни делегати и гости за прв пат е формирана Епархиско собрание, како највисоко тело на оваа епархија. Потоа се избраа: верификациона комисија, записничар, потпретседател, како и Епархиски управен одбор, Епархиски црковно-судски совет и Епархиски црковно-просветен совет.
По дванаесет години, Американско-канадско македонската црковна епархија беше официјално регистрирана пред американските власти на државата Њујорк. Тој чин претставува историски момент за македонските иселеници и еден од најзначајните настани во животот и дејноста на МПЦ на северноамериканскиот континент. Регистрирањето на ова високо управно тело на МПЦ во САД и во Канада, имаше силен одраз во натамошната афирмација на македонското име и духовните вредности на македонските доселеници во новите средини.
Беше тоа 12 септември 1981 година, светол датум за Македонците од САД и од Канада, кога во МПЦ “Св. Димитрија” во Рочестер, во државата Њујорк, митрополитот г. Кирил ги потпиша документите и го означи законското регистрирање на Епархијата во присуство на видни личности од македонските заедници, свештени лица и пред адвокат.
Имено, по одржувањето на молитвата во храмот “Св. Димитрија”, во хотелот “Американа”, во кој се наоѓаше канцеларијата на адвокатот, со потписите на архиерејот и архиерејскиот заменик, првпат надвор од границите на Македонија се озакони и се призна Македонската православна црква. Во тој период, Епархијата ја сочинуваа 15-на црковни општини со десетина парохиски свештеници. Со тоа Епархијата стана и нераскинлив дел на мајката Светиклиментова црква во Македонија.
Веста за регистрирањето на Епархијата брзо се разгласи преку средствата за јавно информирање на македонските, во американските и канадските медиуми. Меѓутоа, посебно внимание на овој настан посвети њујоршкиот дневен весник “Тајмс Јунион”, на чии страници беше објавено законското регистрирање на Епархијата, постоењето на Македонската православна црква и на македонската нација во целина.
Една од најважната активност на Американско-канадско-македонската епархија е Црковно-народниот собир, кој се одржува секоја година од 1975. Во 2001 година се одржа 28 по ред Црковно-народен собир на оваа епархија во градот Бафало, Њујорк, чиј домаќин беше Македонската православна црква “Св. Кирил И Методиј”. Наредниот собир во 2002 година ќе се одржи во Кливеланд, а домаќин ќе биде Македонската православна црква “Св. Климент Охридски” од Кентон.
Идејата за одржување на црковно-народните собири на македонците доселеници коишто живеат во САД и во Канада,произлезе од македонската етничка заедница во Гери, Индијана, поточно од црквата “Св. Петар и Павле”. Идејата беше прифатена од членството на црквата, а потоа и од другите македонски православни цркви во Северна Америка.
Така, на 19 и 20 мај 1975 годинаво црквата “Успение на Св. Богородица”, во Колумбос, Охајо се одржа средба на која беше договорено секоја година да се одржува црковно-народен собир во разни места, односно градови во Северна Америка, каде што има македонски православни цркви.
Основната цел на овој собир треба да биде зацврстувањето на единството на Македонците иселеници, како и јакнење и унапредување на дејноста на Епархијата. Се одлучи Собирот да се одржува секоја прва сабота и недела во месец септември во деновите на американскиот празник “Ден на работникот” и да трае два дена. Исто така, се одлучи да се определи седиште на Епархијата и по можност да се создадат услови за постојано престојување на надлежниот владика во Епархијата.
Потоа, се дискутираше за начинот како да се зајакне моралната поткрепа на македонските иселеници во другите градови и тие да организираат црковни општини, да градат цркви и културно-просветни центри, како и да се создаваат услови и традиција македонските иселеници да се собираат еднаш годишно на една заедничка духовна и патриотска манифестација. На тој начин ќе се забрза процесот за елиминирање на влијанието на туѓите пропаганди врз еден дел, особено на македонските доселениците кои дошле пред Втората светска војна.
Потоа, во Детроит, во црквата “Раѓање на Пресвета Богородица” се одржа вториот состанок на претставниците од сите македонски православни цркви и црковни општини. На овој состанок беше донесена првата конкретна програма за собирите и беше договорено да се започнат подготовки за одржување на првиот собир. Така, првиот црковно-народен собир на Американско-канадската македонска православна епархија се одржа во Торонто, во 1975 година. Досега организатор, односно домаќин на собирите неколку пати била македонските православни цркви во Торонто, Колумбос, Хамилтон, Гери, Рочестер, Детроит, Пасаик, Чикаго, Бафало, Винѕор, Сираќуз, Мисисага И Кливеланд
Во рамките на собирот се состанува Епархиското собрание и се одржува централниот собир. Одржувањето на црковно-народниот собир придонесува за афирмација на националните и културните вредности на Македонците-доселеници во САД и Канада. За време на манифестацијата се одржуваат претстави од најразличен карактер: спортски, музички, културни.. Така, Првата вечер е посветена на Епархиското собрание, на кое се расправа за состојбите приликите И прашањата врзани со црковно-духовното живеење на македонските доселеници..Втората вечер, (саботата), пак, е посветена на фолклорот.
Тогаш настапуваат културно-уметнички друштва, играорни групи и фолклорни секции од сите цркви и црковни општини. Фолклористите настапуваат ревијално, без нтпреварувачки карактер. Третиот ден (неделата) е посветена на духовното и спортското живеење. Имено, предпладне се одржува заедничка богослужба, на која обично чиноначалствува македонски владика во сослучение на сите македонски свештеници од Епархијата.
Во текот на денот се одржуваат фулбалските натпреварувања кои имаат натпреварувачки карактер Тогаш доааѓаат до израз младитемакедонски генерации, кои во текот на Собирот покажуваа голема активност, ангажираност и заедничко живеење.На вечерта се одржува заеднички, семакедонски банкет, со што завршува Собирот.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН