Признанието Повелба на Република Северна Македонија доделено на Царинската управа

Претседателот на државата Стево Пендаровски, денеска на свечена церемонија го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на Царинската управа.

Признанието Повелба на Република Северна Македонија, соопштија од кабинетот на Пендаровски, ѝ се доделува на Царинската управа за фундаментален придонес во осовременувањето и во развојот на економијата, застапувајќи ги и остварувајќи ги финансиските интереси на државата и на граѓаните на Северна Македонија, со што даде непроценлив придонес во развојот и во заштитата на целото општество.

Во обраќањето по овој повод, Пендаровски нагласи дека Царинската управа од осамостојувањето на нашата држава до денес, цели 30 години, дава придонес во обезбедувањето на стабилноста и интегритетот на финансискиот систем на државата, но и за безбедноста и сигурноста на нашите граници. Од своите почетоци, посочи, својот развој го базира врз основа на меѓународните стандарди, јакнејќи ја соработката со другите царински администрации во светот и со релевантните меѓународни организации, фокусирана на интегративните процеси и напредокот на државата.

– Царината низ годините докажува дека е доверлив партнер на бизнис заедницата, со сопствен удел во зацврстување на темелите на една просперитетна и конкурентна економија. Преку своите стратешки приоритети за постојан и одржлив развој, раководството и вработените остануваат посветени на напредокот и модернизацијата преку надградба на капацитетите, истакнал шефот на државата Пендаровски.

Потенцирал дека Царината игра забележителна улога во забрзувањето на прекуграничните процедури и трговија, а истовремено применува ефикасни мерки и контроли за заштита на здравјето, безбедноста на граѓаните и на општеството во целина.

– Царината ги штити финансиските интереси на државата и денес обезбедува ефикасна наплата на скоро половина од приходите во буџетот на државата, рекол Пендаровски.

На почетокот на 2020 година, кога сите се соочивме со непредвидливоста предизвикана од пандемијата, подвлекол Пендаровски, Царината покажа исклучителна способност за брзо прилагодување и проактивно дејствување во новонастанатите околности. Со примена на низа интервентни мерки за ефикасно ублажување на последиците од здравствената криза, со примена на нови алатки и начини на работа, додал, брзо се прилагоди и обезбеди непречен прекуграничен проток на стоките.

– Водејќи се од европските стандарди и практики, Царинската управа покажува забележителен прогрес и во својата дигитална трансформација, постојано имплементирајќи технолошки напредни системи за автоматизација и целосно електронско работење, се обратил пред присутните претседателот Пендаровски.

Царинската управа е фокусирана на изградба на системска, национална инфраструктура која треба да обезбеди интеграција со царинските системи на Европската унија. Развојот на новиот национален едношалтерски систем, на кој работи заедно со другите државни институции вклучени во прекуграничниот проток на стоки, вели Пендаровски, ќе им овозможи на економските оператори единствен пристап при реализација на царинските и надворешно – трговските постапки.

Според него, регионалната соработка која Царинската управа долги години ја гради, во последниве години бележи засилено темпо. Веќе воспоставените Зелени коридори за проток на чувствителни производи кои успешно функционираат во регионот, се прошируваат и кон ЕУ. Оваа година, укажа, Царинската управа, прва во регионот потпиша Меморандум за разбирање за размена на податоци со Република Грција и воспостави Зелен коридор со земја – членка на Унијата.

– Активностите во рамките на иницијативата Отворен Балкан резултираа со контроли со едно застанување, тн. One stop shop на граничниот премин Табановце со Република Србија, а се работи и на воспоставување на истиот концепт и со Република Албанија. Со реализација на овие активности, освен ефектот на забрзување на протокот на стоки и заштеда на време и ресурси на економските оператори, Царината придонесува и за подобрување на добрососедските односи во регионот, рекол претседателот на државата.

Особено ја истакнал улогата на царинските службеници во борбата против криминалот како еден од главните предизвици на Царинската управа во градењето сигурно и безбедно општество. Во соработка со другите надлежни институции, последните години забележан е пораст на случаите на откривање, заплени и спречување обиди за тргување со недозволени стоки.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *