Нема реконструкција на Владата, парламентарни избори во 2024, вели Ковачевски

Не е планирана реконструкција на Владата. Сега е период кога се подготвуваме за идната година. Интензивно ги презентираме буџетите на секое министерство поединечно, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Повторно дециден дека предремени парламентарни избори ќе нема.

-Владата функционира во еден полн капацитети за да се справи со сите предизвици кои ги има државата, а верувајте ми дека ова е мандат 11 месеци веќе којшто е исполнет веќе со големи предизвици со какви што досега не се соочувала ниту една влада, на еконономски, на енергетски план и ајде да кажеме на планот на обезбедување, на непречено функционирање на сите институции со оглед на хибридните закани којшто доаѓаат а кои се резултат на војната која што се води во Украина, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски, кој е и претседател на СДСМ, запрашан дали трибините што ги организираше неговата партија се вовед во предвремени избори кажа дека парламентарни избори ќе има заедно со претседателските во 2024 година.

– Јас сум човек којшто се држи до своите ставови и не менувам ставови како други политичари и избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, а потоа парламентарни избори. И самата анкета (ИРИ) ви покажува дека граѓаните се определни за европска иднина на државата, бидејќи доколку се погледнат внимателно процентите на партиите кои се за европска Македонија и зачленување во ЕУ и партиите кои што се за блокирање на тој процес  на партиите кои се за европска Македонија и зачленување во ЕУ и партиите кои се за блокирање на тој процес, тогаш пак се гледа разлика и можете уште сега да го видите резултатот дека во 2024 ќе имаме претседател на држава којшто е за зачленување на Северна Македонија во ЕУ, а таков можеме да предложиме само ние СДСМ нормално со коалиционите партнери, рече Ковачевски.

Премиерот е убеден во 2024 година повторно ќе има Влада која што исто така ќе биде предводена од СДСМ и коалиционите партнери кои се за продолжување на европскиот пат на државата и зачленување до 2030 година во ЕУ.