МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО КАНАДА (28)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

Се претпоставува дека Торонто е третиот град по големина на македонското население. Според некои неофицијални податоци, во оваа метропола и во околните места свиле гнезда околу 120.000 Македонци од сите делови на Македонија. Затоа се вели дека тој е македонски црковно-наџионален центар за поколенијата. Тие се соживеале и си нашле место под сонцето во секојдневниот живот со стотината други народи, нации и етнички групи од целиот свет, кои се доселиле во овој убав и по многу нешта карактеристичен велеград на богатите простори на Онтарио.

I. ОНТАРИО

1.Св. Климент Охридски во Торонто.

Оваа е прва македонска православна црква во Канада, која е катедрална и е една од најзначајните и најпознатите цркви и културно-просветни институции на Македонците во Северна Америка и пошироко. Иницијатива да се формира црковна општина се родила на четвртиот Илинденски пикник што националната организација “Обединети Македонци” го одржала во 1962 година.

Така, на собирот одржан на 7 август 1962 година било донесена одлука за изградба на црквата Св. Климент Охридски.  На тие свечености, покрај големиот број посетители присуствувал и злетовско-струмичкиот епископ, митрополитот Наум, кој на 12 август истата година извршил за првпат богослужба на македонски мајчин јазик и прво крштевање. Потоа, на 5 април 1964 година бил поставен камен-темелникот на црквата, а на 18 април 1965 година биле предадени клучевите на новата Македонска православна црква Св. Климент Охридски и биле отворени нејзините свети порти за сите Македонци, без разлика од кој дел на Македонија дошле. Тогаш, архиепископот Доситеј го извршил чинот на осветување.

Денес, црквата Св. Климент Охридски поседува убав храм, во кој има резбан иконостас, а целиот храм е исполнет со живописни фрески и икони. Има три сали и кујна за над 2000 посетители, помошни простории и паркинг. Зградата на црквата е реновирана и претставува убав прилог на канадската култура.

Во состав на општината работат работните групи  “Македонка”  “Солунски бисери”, како и Литературното друштво “Браќа Миладиновци”, женската секција, драмската секција, библиотеката, шаховската и спортската секција, црковниот хор и други групи. Во просториите на црквата работи и Пензионерскиот клуб “Гоце Делчев”.

Светиот архиерејски синод на МПЦ, најголемиот Црковно народен собир во јули 1967 година го назначил тогашниот викарен епископ Тиверијополски Кирил за епископ на новоформираната американско-канадско-австралиската епархија. Чинот на остоличувањето се одржал токму во Св. Климент Охридски во Торонто на 10 август 1969 година. Таа била домаќин на првиот црковно-народен собир во септември 1975 година, на Карванот на нациите и на многу други манифестации.

1care123Црквата „Св. Пророк Илија“ во Мисисага

2. Св. Пророк Илија во Мисисага. 

Македонците од Мисисага започнале да се организираат во македонска православна црква уште во 1982 година кога било купено земјиште од 14-тина хектари и кое било именувано како “Македонски парк”. Веднаш потоа, на местото бил адаптиран времен македонски духовен храм посветен на Св. Илија, кој во 2001 година бил дислоциран. Во него имало олтар по православните обичаи и традиции и простор за 50-тина верници.

Денес на местото во “Македонскиот парк” е изграден мал манастир кој потврдува дека е ова свето македонско место. Исто така, во влезот на “Македонскиот парк” , на 29 јули 1990 година биле удрени темелите за изградба на храм и голем културно-просветен центар. Од повеќе објективни и други причини оваа желба на Македонците од Мисисага и пошироко останала, барем засега, нереализирана.

Затоа црковниот одбор и членството се одлучиле да купат постојан објект на католичката црква кој бил изграден уште пред 130 години, а бил купен во 1996 година. Во него било извршено преуредување; црквата била оспособена за вршење света богослужба на македонски јазик и на 6 април 1997 година била ослужена првата света литургија, а осветувањето е извршено на 11 мај истата година на чело со поглаварот Михаил. На тој ден, по завршувањето на светата богослужба била извршена светата тајна – Венчавање на 24 брачни двојки, кои во минатото, од различни причини, останале не венчани.

Меѓутоа, на најголемиот христијански празник – Велигден во 2000 година неодговорни тинејџери подметнале пожар. Во стихијата изгореле поголем број икони во олтарот и во храмот со што била направена голема материјална штета. Потоа храмот бил срушен и на негово место на 7 септември 2002 година бил поставен камен-темелник за нова црква.

Во состав на црквата, меѓу другото, најголема активност покажуваат: женската секција, фолклорната група “Илинден”, фудбалската екипа и Литературното друштво “Кочо Рацин”.

3. Св. Димитрија Солунски во Маркам.

Почетните активности за формирање на оваа црковна општина датираат од 23 јануари 1988 година и од 5 март 1989 година кога во просториите на црквата Св. Климент Охридски во Торонто се одржало членско собрание на кое се заклучило да се регистрира друштво под името “Македонците од Маркам”. Желбата била друштвото да прерасне во црковна општина, која во своите рамки ќе ги собере сите Македонци, без разлика од кој дел од Македонија дошле.

Потоа, во февруари 1992 година управата донела одлука да го купи објектот кој во минатото бил библиотека и детска градинка и да го преуреди во македонски црковен храм. На 15 мај 1994 година поглаварот на МПЦ Михаил го поставил и осветил камен-темелникот на новиот храм. Изградбата на црквата Св. Димитрија Солунски била завршена за неколку години и била осветена на 12 мај 1996 година од страна на поглаварот Михаил, во сослужение со голем број македонски свештени лица на северноамериканскиот континент.  Во состав на црковната општина активни се: играорната група “Билјана”, женската секција, фудбалскиот тим “Св. Димитрија Солунски” и пензионерскиот клуб “Александар Македонски”.

Посебно внимание заслужува црковниот хор кој е формиран во 1999 година и е еден од најдобрите македонски хорови во дијаспората, како и македонското неделно училиште во кое се вклучени голем број ученици, наставници и свештеникот каде се учи: религија, македонски јазик, историја и географија на Македонија.

Продолжува

1sla3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *