Укинувањето на психолошките тестови – избегнување формалност или отворање врата за несоодветни кадри

Психолошките тестови како услов за вработување во администрацијата, но и за именување раководни кадри во институциите се укинуваат. Наместо тоа, ќе се зајакнува процесот на интервјуирање на кандидатите преку стручни комисии за селекција.

Самото носење на законот за психолошки тестови 2011 година од поранешната влада, како услов при вработување во администрацијата беше многу контрадикторно и предизвика големо внимание во јавноста, а неговото укинување сега ја разбранува психолошката фела.

Директори на образовни институции, на основни училишта, средни, на Државниот испитен центар, на ученички и студентски домови, на Бирото за развој на образование, како и вработените во државната и јавната администрација, повеќе нема да полагаат психолошки тестови како услови за вработување. Психолошки тест и тест за интегритет повеќе нема да биде потребен услов ниту за директор на Агецијата за поддршка на претпримеништвото, Бирото за метеорологија,Управата за водење матични книги, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за странски инвестиции, Бирото за јавна безбедност.

Овие измени произлегуваат од Законот за изменување и дополнување на законот за административни службеници, кој беше усвоен на 18 јануари, а во сила стапи на 26 јануари, што повлече измена на серија закони.

Измените ја кренаа на нозе психолошката фела, која не се согласува со официјалното озбразложение во законските измени. Велат тестови има, има и кадри за стандардизирање, а има и доволно психолози за спроведување на тестовите.

– Да кажете дека нема да примените тест во професионална селекција е како да кажете дека нема да правите ЕКГ на кардиолошки преглед, коментираат некои од психолозите.

Но прашањето на кое што се уште нема одговор е каков треба да биде профилот на еден обичен државен службеник, дали воопшто имало потреба од воведување психолошки тест, што во дел од тестирањето бил преземен и стандардизиран од американски искуства, што не одговара ниту на околностите во Македонија, ниту на потребите на државната администрација.

И психолозите имаат различни мислења во однос на тестовите кои досега се спроведувале во процесот за професионална селекција на кандидатите за административни службеници, кои самите си го плаќале тестот и тоа 1.950 денари, секако без гаранција дека ќе бидат примени. Тука се и оправданите сомневања дека досегашното тестирање всушност било големо „перење пари“.

Од Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) велат дека измените ќе го олеснат процесот на вработување, ќе ги ослободат кандидатите од дополнителни трошоци, а и самите тестови се покажале како неефикасни, односно непотребни при вработување во администрацијата.

Кадри има, психолозите поделени околу тестовите

Во образложението на предлог-законските измени се наведува дека психолошкиот тест, иако е често користена алатка за проверка на психолошките карактеристики на кандидатите за определени работни места, проблем претставува фактот што во државата не постојат овластени правни лица, кои располагаат со соодветен стручен кадар, кој ќе развие соодветни психолошки тестови за секоја различна работа позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица.

– Постојат тестови, стандардизирани за македонска популација и постојат психолози, кои се кадарни тоа да го работат, тврдат во разговор за МИА Елеонора Серафимовска и Маријана Марковиќ од Психолошка лабораторија при Инстутит за политичко и социолошко-правни истражувања.

Тие стандардизирале американски психолошкиот тест на личноста НЕО Пи-3 и тој се применувал при прием на кадри во МИОА и Министерство за образование и наука (МОН) во период од две години.

Со стандардизираниот тест НЕО Пи-3-МК конкурирале на тендерот распишан од МИОА кон крајот на 2012, а потоа и на тендерот на МОН заедно со „Виста груп“, која го изработила софтверското решение. Тестирањата ги вршеле во период од две години во 2013 и 2014.

– Образложението за укинувањето на тестот е дека нема доволно стручен кадар во земјава за изработка и спроведување на овие тестови, но никој не дојде да не праша што сработивме, вели Серафимовска.

Тестот, што тие го изработиле има рок на траење, три години. Во него имало оценка на соодветност од 0 до десет, која потоа се доставува од службата за човечки ресурси.

Тие велат дека сами финансирале дел од процесот за стандардизација на тестот, а на тендерот, како што тврдат, добиле околу 4.000 евра.

Институтот за психологија при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје во својот став за МИА, наведува дека не биле консултирани кога се донесувала законската регулатива во 2011 година, но од нив било побарано да ги спроведуваат тестирањата како единствена институција во државата која може да обезбеди тим со професори со докажани професионални компетенции во областа.

– Главната причина поради која Институтот за психологија се повлече од реализација на тестирањето беше неможноста во дадените услови (кратки временски рокови и недостиг на средства) да се обезбедат докази за прогностичка валидност на тестовите кои би се користеле за селективни цели. Со други зборови, ниту за расположивите тестови, ниту за тестовите кои можеа да се набават од други земји, не постоеја емпириски докази дека нивното користење би ја подобрило селекцијата за вработување на државните службеници и за унапредување во државните установи, децидни се од Институтот за психологија.

Велат дека во земјава имало некои такви адаптирани тестови, но не постоеле докази дека особините што ги мерат се непосредно поврзани со особините што се бараат за успешно вршење на дејноста/работното место.

– Таквите моменти беа одлучувачки за изземањето на Институтот по психологија од целиот процес, чие членови едногласно одлучија дека, без такви докази, наместо да биде корисно, психолошкото тестирање ќе биде злоупотребено и ќе претставува дополнителен трошок и стрес за апликантите, наведува Институтот во ставот за МИА.

Македонија има 1.740 дипломирани психолози

Студиската програма по психологија постои веќе 44 години во земјава. Во Македонија има 1.740 дипломирани психолози, има стотина магистри, 25 доктори на науки.

– Генерално политичарите носат одлуки за тоа дали сметаат или не дека треба да има тестирање во изборот при вработување за државна администрација, но не би можел да се согласам со образложението што е понудено како причина за укинувањето на психолошките тестови, односно дека нема доволно стручен кадар, вели во разговор за МИА деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев.

Смета дека треба да се наведат вистинските причини за укинувањето на психолошките тестови, а не да се негира постоење на цела фела. Лично смета дека треба да постојат психолошки тестирања при вработување во јавната администрација, додека пак тестовите, според него, треба да се адаптираат според условите во земјава.

Тестовите не беа гаранција дека се добива најдобриот кандидат

Ако целта на процесот на селекција е да добиеме најдобар кандидат, овие тестови не беа гаранција дека го добиваме најдобриот кандидат, нагласуваат во разговор за МИА, претставници од Министерството за информатичко општество и јавна администрација.

Укинувањето на психолошките тестови беше дел и од предизборната програма на СДСМ.

– Ќе го укинеме нереалниот психолошки тест, кој само создава буџетски трошоци и поголем простор за корупција и манипулација од страна на власта и ним блиските, беше наведено во изборната програма на СДСМ 2016 „План за живот во Македонија“.

Од МИОА за МИА појаснуваат дека постапката за селекција пред законските измени се состоела од четири фази – административна селекција, испити за административен службеници, проверка на веродостојност на докази и интервју како една фаза и тест за личност.

Со измените се укинува четвртата фаза – тест на личност, а во втората сега ќе има тест за проверка на познавањето на еден од три најчесто користени јазици во ЕУ – англиски франциски и германски.

Првичниот мотив за ваквите измени е намалување на трошоците на кандидатите, кои сами си плаќале по 1.950 денари за психолошкиот тест, а го полагале во Агенцијата за администрација.

– Сметаме дека тестовите не придонесуваат за постигнување на клучната цел – професионална стручна администрација, бидејќи во моделот на управување со човечки ресурси заснован на компетенции, компетенциите најмеродавно, највередостојно се проверуваат со спроведување интервју, се друго не е реален индикатор за тоа дали го избирате најсоодветниот кандидат, велат од МИОА.

Додаваат дека компетенциите најдобро може да се проверат со стручни комисии за селекција. Комисијата, согласно новиот закон ја спроведува целата постапка до крај и на раководното лице му нуди листа на кандидати, која треба да ја потпише. Станува збор за структрирано интервју базирано врз компетенции. Тие комисии се составени од самите институциите во зависност од тоа за кое звање во административната служба се работи, а претставникот на Агенцијата за администрација, секогаш се наоѓа во улога на претседател.

– Не ја гледавме оправданоста за тоа дека кандидатите треба да полагаат само тестови, а во реалноста да се носиме со истата критика, администрацијата не ни е стручна, компетентна, неефикасна, трома. Од друга страна имавме долготраен процес. Кандидатите треба да платат, да се пријават да се закаже термин, тестовите се полагаат компјутерски,, велат од МИОА за МИА.

Дали зад официјалното образложение, всушност стои обид за спречување натамошно „перење пари“?

„Виста груп“ заработуваше од тестирање на наставниците и професорите со оглед дека во 2013 година го доби тендерот за стандардизација на меѓународно признаени психолошки тестови од МОН во висина од околу 15.000 евра.

Овие информации се веќе објавувани во медиумите, а тендерите се достапни и на електронскиот систем за јавни набавки.

Станува збор за фирма која од воведувањето на задолжителните тестирања во администрацијата и образовниот кадар беше тема на собраниски дебати и медиумски известувања.

Обвинувањата одеа во насока за поврзаноста на „Виста груп“ со тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Виста груп“ во февруари 2015 го добива тендерот за тестирања во администрацијата, распишан од МИОА во висина од околу 209.000 евра, а претходно, во конзорциум со уште три фирми, доби тендер од истото Министерство во висина од 800.000 евра.

„Флуент“, друштвото за јазици, во август 2015 од Министерството за образование го доби тендерот од 76.000 евра за да ги прави психолошките тестови за кандидатите за наставници и професори од основното и средното образование. Ова друштво за јазици го презеде „бизнисот“ со психолошки тестови во образованието од „Виста груп“, откако во 2014. ресорот образование го презеде ДУИ. За министер за образование беше назначен Абдулаким Адеми.

Превработеноста во јавниот сектор и често споменуваната фамозна бројка од околу 130 илјади лица е нешто што е постојан предмет на критики, а секако не е во прашање само бројноста туку и компетентноста на вработени, особено на раководните лица.

Реформите во јавната администрација се еден од трите столба содржани во Планот 3-6-9, а дали со овој чекор, кој е дел од серијата реформи во таа насока ќе се постигне одредено подобрување, односно пред се реформирање на администрацијата во меритократска, односно избор на соодветни лица за соодветни позиции, согласно нивните компетенции ќе покаже исходот од новиот сет решенија.