Премиерот Ковачевски утре во Тирана на Самитот ЕУ – Западен Балкан

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од Западен Балкан, утре ќе учествува и ќе се обрати на Самитот за Западен Балкан-Европска Унија во Тирана, Република Албанија.

Учесниците на Самитот, како што е најавено, ќе ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а присуство е најавено на високите европски претставници Шарл Мишел и Фон Дер Лаjен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји.

На Самитот, како што информираат од владината прес-служба, е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од регионот.

Ковачевски во Тирана ќе учествува и на две панел дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето на демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *