Северна Македонија станува членка на Унијата за Медитеранот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Барселона ќе присуствува на свечениот чин на пристапување на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, што ќе се одржи во рамки на Седмиот регионален форум на Организацијата.

На состанокот на шефови на дипломатиите од 42-те земји членки на Унијата за Медитеранот, Османи учествува на покана на министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, јорданскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Ајман Сафади и високиот претставник за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеф Борел.

По приемот на земјава во Унијата, Османи ќе учествува во работата на состанокот како претставник на рамноправна членка на организацијата.

На маргините на форумот предвидено е Османи да се сретне со шпанскиот министер Албарес, како и да оствари билатерални средби со други свои колеги од земјите членки во Унијата на Медитеранот.

Унијата за Медитеранот е формирана на првиот Самит на шефови на држави или влади од евро-медитеранскиот регион, одржан во Париз на 13 јули 2008 година. Таа претставува рамка за уредување на мултилатералните односи помеѓу ЕУ и медитеранските земји кои не се дел од Унијата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *