Вратата за влез во Владата е отворена за партии што ги делат вредностите на нашата коалиција, порача Ковачевски

Вратата за влез во Владата е отворена за оние политички партии кои ги делат вредностите на владината коалиција и кои се за продолжување на европскиот пат на државата, бидејќи друга алтернатива немаме, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, осврнувајќи се на разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владиното мнозинство.

– Одговорот што јас го дадов и што го даде претседателот на ДУИ не се разликуваат, затоа што кажав дека разговараме. Јас имав состанок со в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Таравари, на којшто разговаравме и информиравме за тоа преку соопштение, за европската иднина на Северна Македонија и за одлуките што треба да се носат со широк општествен и политички консензус во Собранието и подетално разговаравме за сите закони и реформи што треба да се носат, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и делот на економските закони, пред се со справување на економската и енергетската криза, рече Ковачевски.

Тој додаде дека за конкретни ресори и преземање на одговорности, во моментов не е разговарано, со оглед на тоа дека разговорите се воделе, како што рече, на ниво на политички концепт и на ниво на политички вредности.

– Бидејќи ако имате некој со кого што коалицирате, тогаш прво мора да се договорат основните базични вредности на коишто ќе се базира политичката коалиција, а потоа за поделба на ресори и преземање на одговорност, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање по вториот Социо-еколошки форум (СЕФ) во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.

Вчера премиерот повтори дека разговорите со Алијанса за Албанците во контекст на европската иднина на земјата ќе продолжат и доколку се усогласат по клучните принципи може да се случи проширување на владиното мнозинство. Во контекст на изјавата на Таравари дека АА во овие разговори има свои црвени линии и дали тие се пречка за да продолжат консултациите, Ковачевски вчера рече дека во секои разговори и преговори, нормално е секој од учесниците да има минимум услови кои мора да бидат исполнети.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *