ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Александар Македонски не можеше лично да ја преземе командата, туку во случај на потреба би командувал од копното. Затоа командата му ја довери на еден најблизок другар од младоста, по име Неарх, кого го назначи за адмирал.
По завршните административни чекори во пределите на Пенџаб и по поставувањето на Филип за намесник над вазалскиот крал Таксил, патувањето започна во почетокот на ноември 326 година, на многу свечен начин. Откако екипажот отиде на бродовите пред изгрејсонце, кралот приложи жртва на брегот и тоа не обична, туку по директива на пророците. Жртвата им беше наменета на боговите Посејдон, Амфитрит, Нереид и Океан, од кои сега особено зависеше целта на патувањето, и на боговите на реките Хидасп, Ацесин и Инд.
Сето тоа беше проследено со музички и гимнастички содржини. Кога Александар Македонски отиде на палубата на својот брод истури пијалак од златниот пехар како подарок на истите богови на морето и на реките. На неговиот „прадедо” и неговиот „татко” Амон им беше оддадена иста чест. Бродските сирени го најавија почетокот на патувањето.
Co флотата со Александар Македонски заминаа хипаспитите, стрелците со лак и стрели и кралските следбеници. Главната војска беше поделена во две колони. Онаа на десниот брег ја командуваше Кратер, а на левиот Хефестион кој веќе имаше 200 слонови.
Тоа беше прекрасна глетка за Индијците, кога оваа голема флота пловејќи помина низводно по реката, а командата на пилотите и „о рукот” на веслачите одѕвонуваше во клисурите на двата брега. Co чудење Индијците ја гледаа војската на палубите од бродовите, а особено коњите. На извиците Индијците излегуваа во групи од шумите и ја следеа флотата на извесно растојание, пеејќи свои индиски песни.
„Ни еден народ не сака толку многу да пее и да игра како Индијците”, притоа рече Аријан. Тој многу добро го опиша и ова патување. Кога во објаснувањето Аријан го посочува индискиот триумф на Дионис, ја опишува легендата што најде израз во походот на Александар Македонски.
Патувањето не беше мирно долго време. Пред Александар Македонски да дојде на реката Ацесин, слушна дека Малите и Оксидакрите, најголемите и најборбените индиски племиња, се подготвуваат да се борат со него. Затоа инсистираше да се побрза со цел да го поминат местото каде што реката Хидаспес се влева во Ацесин.
Но на тоа место, поради брзите вртлози што се правеа од соединувањето на двете реки, флотата претрпе поголема штета што требаше брзо да се санира. Планот на походот што тој потоа го направи за да го предизвика непријателот, го потврди како совршен стратег. Територијата на непријателот се протегаше долж реката Хидраот, која по на југ се влева во реката Ацесин и се заштитуваше од Александар Македонски со сувата пустина.
Затоа племето Мали очекуваше дека тој ќе ги нападне од утоката на Хидраот. Меѓутоа, Александар Македонски реши да ги изненади со тоа што напредуваше со дел од војската низ пустината и влезе во средината на земјата. Тогаш ги притисна кон реката Хидраот кон оружјето на една друга колона под команда на Хефестион, кој требаше да го освои долниот тек на реката, додека флотата и Кратер со слоновите поставени на десниот брег на реката Ацесин, на спротивната страна од устието на реката Хидраот ѓи задржуваше за да не побегнат кон запад.
Изненадувањето успеа, со што смисленото спојување на племињата Мали и Оксидрак беше оневозможено. Сепак, борбите за градовите и тврдините на племето Мали беа остри и крвави, бидејќи тие жестоко се бореа. Неколку градови беа уништени, меѓу нив и Брамин, главниот град на племето. Победоносната кариера на Александар Македонски овде можеше трагично да заврши.
За да ги поведе своите раздвижени единици, тој се качи на една скала и беше првиот кој се најде на ѕидот од замокот. Потоа скокна во внатрешноста на дворецот и со грбот кон ѕидот се изложи на непријателот. Препознатлив по светликавиот оклоп, беше погоден со стрела во градите и така истоштен падна во несвест. Пеукест и Леонат, кои скокнаа по него го покрија со своите штитови, Пеукест со божјиот штит на Илиум, додека најпосле една група не дојде од другата страна на ѕидот и го протера непријателот.
Додека единиците, верувајќи дека нивниот крал е мртов, ја истураа својата лутина врз гарнизонот и врз жените и децата, Александар Македонски го носеа на штит како да е мртов. Меѓутоа, неговата млада снага победи и откако стрелата беше извадена од раната, полека закрепиа.
Веста дека кралот загинал веќе втаса и до логорот на утоката на реката Хидраот и предизвика голема тага, терор и вчудоневиденост од безнадежната положба без Александар Македонски. Плашејќи се дека вознемиреноста може да се прошири, Александар Македонски лично отиде со брод на реката Хидраот, во логорот, веднаш штом здравјето му беше подобро. Штом единиците го здогледаа шаторот на бродот помислија дека во него го носат телото на кралот.
Но, кога Александар Македонски го отвори шаторот и почна да мавта со рацете и кога на брегот се качи на коњот за да се покаже пред сите, a потоа отиде пеш до својот шатор, на радоста и немаше крај. Co солзи на очите војниците се радуваа што одѕвонуваше во пошумените клисури.
Од сите страни тие се туркаа да ги допрат рацете, колениците или алиштата на својот сакан крал, или барем да се загледаат во неговото лице и да искажат зборови на задоволство, затрупувајќи го со цвеќиња и панделки.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН