Гарсија Перез: Прашањето за уставните измени е од национален интерес, не е време за партиски игри

Европратеничката и лидерка на прогресивната алијанса на социјалдемократи во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски денеска во Скопје, порача дека прашањето на уставни измени е од национален интерес и оти не е време за партиски игри.

– Кога зборувате за уставните измени морам да бидам јасна, затоа што тоа е суверена одлука, избор за граѓаните и за Собранието на Северна Македонија. Сега не е време да се игра со партиски прашања. Сега е време да се сфати дека национален интерес е да се работи на ова и сигурна сум дека оваа одговорност ќе биде во рацете на различни актери што ги имаме во овој момент, истакна Гарсија Перез.

Европратеничката оцени дека уставните измени се важни и тоа не е во интерес на Владата, туку во интерес на граѓаните и за државата и оти во ова прашање опозицијата мора да има јасна позиција.

-Партиските интереси оставете ги на страна, а на прво место ставете ги националните интереси. Северна Македонија припаѓа на европското семејство, иднината е во ваши раце, порача европратеничката.

Во однос на тоа дали има гаранции дека Бугарија нема да постави нови блокади на патот на евроинтеграциите на земјава, таа рече оти не може да даде гаранции за она што бугарската Влада ќе го стави на агендата, но оти може да гарантира за тоа дека како група ќе работат во Европскиот парламент, со цел, како што кажа, да ги консолидираат овие битни преговори.

-Тоа е тоа што можам да го гарантирам дека ние ќе работиме на тоа. Имаме силна позиција како политичка група, но морам да ви кажам дека оваа силна позиција на Европскиот парламент ние имаме и јасна и позитивна позиција во поглед на Северна Македонија и нејзиното пристапување и навистина работиме на тоа, рече Гарсија Перез на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски во Скопје.