МАКЕДОНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО САД (24)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

Македонците во Соединетите Американски Држави се организирани во македонските православни цркви и манастири и во различни друштва и асоцијации кои се во состав на црквите. Така, според делата „Македонските православни црквни општи во Австралија, Канада и САД“ и  „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, Славе Катин се формирани голем број македонски православни цркви, меѓу кои се следните:

I. ИНДИЈАНА

1. Св. Петар и Павле во Гери.

Оваа е прва црква на Македонците во САД по јурисдикција на Македонската православна црква. Иницијативата за формирање на оваа црква била поттикната во септември 1960 година. Во 1961 година црковната општина била регистрирана од македонската митрополија во Скопје кога е побарано да биде испратен свештеник, кој за прв пат за православните доселеници отслужил богослужба на македонски мајчин јазик во една сиријска православна црква.

Оваа црква била адаптирана во православен храм, а потоа на 14 октомври 1962 година е поставен камен темелникот на идниот македонски храм кој е прв македонски објект на североамериканскиот континент. Овој храм бил осветен на 14 јули 1963 година од архиепископот на МПЦ г.г. Доситеј во сослужение со бројни македонско-свештени служители. Во 1986 година било решено да се купи нова локација на која на 16 октомври 1988 година биле поставени и осветени темелите на денешната црква Св. Петар и Павле во Краунт Поинт.

Со одлука на Светиот архиерејски синод на МПЦ, новиот храм со придружните објекти бил осветен на 21 јули 1991 година. Чинот на осветувањето го извршиле митрополитите Тимотеј и Стефан. А објектот на Св. Петар и Павле има капацитет за 400 верници и во него ги задоволуваат сите црковни потреби православните Македонци. Во состав на црквата е изградена сала за околу 1000 луѓе, како и други простории во кои се одвиваат активности кои се од секојдневното живеење на Македонците во Гери и пошироко. Сликата на црковниот комплекс ја збогатуваат спортскиот објект и големиот паркинг.

Во рамките на црквата од 1979 година работи фолклорната група “Китка”. Исто така, широки активности пројавуваат: женската, младинската и спортската секција, театарската група, црковниот хор, неделното македонско училиште, фудбалскиот клуб “Вардар”, библиотеката и хуманитарната организација.

1cr13Црквата „успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, Охајо

II. ОХАЈО 

            1. успение на Пресвета Богородица во Колумбос.

Оваа македонска православна црква е значајна што на 29 септември 1958 година, во рамките на македонската колонија, за прв пат на американскиот континент се одржала света богослужба на мајчин македонски јазик. Овој чин бил извршен во салата на друштвото “Александар Македонски”, формирано во 1938 година, а кое во 1949 година се здобило со сопствена сала, која на 4 март 1973 година ја отстапила на користење на црквата. Истиот датум фудбалскиот клуб “Македонија” влегол во покровителство на црквата.

Во 1961 година е купено место за изградба на црквата, каде на 30 август 1964 година биле поставени и осветени темелите, а потоа и започнала изградбата на црковниот храм. Црквата била осветена на 9 мај 1965 година од тогашниот архиепископ скопски прв митрополит македонски г.г. Доситеј, во сослужение на други свештени лица а во присуство на неколку стотици верници и претставници на американското општество и медиуми.

Храмот претрпел голем број измени. Така, во 1978 година е изградена нова сала и други помошни простории. Во рамките на црковната општина со успех работи: женска секција, неделно училиште, потоа фудбалскиот клуб “Македонски танец”, хорска, младинска, пејачка, рецитаторска и други секции. Црквата Успение на Пресвета Богородица повеќепати била домаќин на македонските црковни народни собири, а на собирот во 1985 година, тогашниот градоначалник на Колумбос го прогласил американско-канадскиот архиереј, митрополитот Кирил за почесен граѓанин на градот Колумбос.

2. Свети Пророк Илија во Синсинати.                                                                             

Иницијативниот одбор за организирање на црквата Свети Пророк Илија бил формиран на 7 февруари 1977 година, а во 1978 година било купено место од околу 3 декари на кое била изградена сала што се користела и како црква. Истата година, со одлука на Светиот архиерејски синод на МПЦ, оваа црква била примена во крилото на мајката црква, а во мај 1980 година бил положен камен-темелник за изградба на новата црковна сала. На 26 август 1982 година, салата била завршена и се ослужила првата богослужба на македонски јазик во Синсинати.

Денес е изградена нова црква која целосно била завршена во 1996 година и била осветена од архиепископот охридски македонски г.г. Михаил. Црквата е градена во неколку архитектонски стилови и е висока 16 метри, што е една од највисоките православни цркви во САД. Таа е градена со амфитеатарски стил и може да собере околу 500 души.

Црквата е сопственик на сала за околу 300 посетители, каде се одржуваат разни манифестации и се игра томбола, а има и помала сала за 80-тина посетители. Во рамките на црквата, покрај женската секција, со успех работи и играорна група која ги негува македонските песни и ора и претставува собиралиште и место за другарување на младите генерации, како и бинго секција.

3. Св. Климент Охридско во Лореин. 

Идејата за изградба на македонска православна црква била реализирана на 9 април 1978 година, кога се одржал првиот собир. Прва богослужба на македонски јазик во оваа македонска колонија била ослужена во Украинската црква Успение на Света Богородица во август 1978 година. Во тој период е купено место каде била изградена сала со привремено адаптиран олтар, за денес до салата да се вишнее црквата Свети Климент Охридски. На 14 авгтуст 1983 година е осветена црковната сала и предадена во употреба.

Потоа на 11 август 1985 година митрополитот Кирил, во сослужение на 5 свештени лица, пред голем број верници и во присуство на градоначалникот на Лореин ги осветил темелите на православната црква. Потоа на 17 јули 1986 година салата била завршена и осветена. Тогаш била извршена и првата богослужба на мајчин македонски јазик во оваа македонска црква. Новиот храм бил изграден и на 16 септември 1996 година бил осветен од поглаварот г.г. Михаил.

Во состав на црковната општина, покрај играорната група и женската секција активни се црковниот хор, фудбалскиот тим, неделното училиште и секцијата за бинго. Македонците во Лореин редовно учествуваат на Фестивалот на нациите што се одржува секоја година во Лореин, на кој во 1985 година оваа црковна општина била домаќин.

Продолжува

1sla3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН