БИТКИТЕ ШТО АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ГИ ВОДЕШЕ ВО ИСТОЧЕН ИРАН (37)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

По малку време тој загина, а тие во Согдијанецот Спитамен видоа одличен војсководец. Речиси повеќе од една година тој беше нивна главна национална фигура за слобода и само со неговата смрт нивниот отпор престана.

He само што се разликуваше овој непријател од поранешниот, туку се разликуваше и неговото војување. Овде во Источен Иран Александар Македонски не водеше големи битки, какви што извојува дотогаш. Во практиката го применуваше методот на коса борбена формација што го наследи од Филип Македонски и добро го имаше извежбано. Но борбата на овие луѓе навистина беше генијална. Непријателот никогаш не му се приближуваше.

Тие никогаш не му се противставија во голем број, но штом ќе тргнеше во напад тие му се појавуваа во заднината, а ако имаа можности на неколку места во исто време. Изведуваа груби напади; се окопуваа во непристапни каменести места или кога беа во опасност исчезнуваа во туркменските степи за извесно време и пак изведуваа брзи напади. Колку опасно и исцрпувачко беше ова герилско војување се покажа во битката на Наполен во Шпанија, во која тој не можеше да добие превласт.

Големото значење на Александар Македонски како стратег и тактичар, што неоправдано беше претставено многу подоцна, повеќе дојде до израз во ова герилско војување во Источен Иран отколку во големите битки во претходните години. Овде се сретна со сосема нови задачи кои му зададоа нови тешкотии од стратешки карактер. Да се потсетат оние кои што би сакале да му ја дадат на Парменион целата војничка доверба, дека за време на ова војување тој беше во Екбатана.

За жал, информациите за воениот распоред на војската на Александар Македонски се толку нецелосни што не може да се формира чиста слика. Ако војската предводена од Александар Македонски во Индија беше целосно различна според бројот и според составот од онаа во првите четири години, тогаш морало да се воведат извесни измени уште во текот на војувањето во Источен Иран.

Покрај приклучувањето на наемниците од античка Грција и Мала Азија, што се спомнати, може да се заклучи од ставот на Александар Македонски кон Персијците дека приклучил голем број персиски единици во својата војска.

Големите загуби во овие години бараа интензивна обнова, а карактеристиките својствени на герилското војување бараа посебно развивање на лесни единици и коњица, бидејќи Бактријанците и Согдијанците беа извонредни јавачи на коњи. Тешко вооружената македонска фаланга воопшто не можеше да се користи како блиска формација, а тоа се однесуваше и на тешката коњица која повеќе не оперираше во засебни корпуси. Во преминувањето на снежната планина Хинду-Куш коњицата на Александар Македонски загуби многу коњи.

Тие беа заменети во 329 година со првокласни согдијански планински коњи, со што ја направи својата коњица многу повеќе слична на онаа на непријателот. Главната цел на овие измени беше брзината и големата мобилност. За таа цел беа формирани нови тактички единици.

По реорганизацијата започната во 331 година на коњичките полкови во два ескадрони поединечно, во 329 година Александар Македонски формира посебни единици кои се поделија во неколку помали делови и ги пресретнуваа јавачите со различно вооружување и од разни националности.

Беа воведени нови класи на војници, позајмени од Персијците, планински носачи на копја кои се појавија во неговата војска наскоро по смртта на Дариј, како и планински стрелци со лак. Тоа се ситници кои овозможуваат бегол увид во постепената трансформација на војската на Александар Македонски.

Последиците од тој растурен начин на војување што го употребуваше непријателот го принудија Александар Македонски да примени нова тактика. Тој често мораше да ја натера својата војска да напаѓа во посебни колони. Различни борбени единици беа групирани под една команда и така колоните беа способни да вршат независни акции во ист момент.

Меѓутоа, во случај на потреба колоните правеа брзи маневри и пак се враќаа. Александар Македонски примени колку што е можно понов начин на војување и го употреби во борбите во Источен Иран. Врз основа на сомнителни изјави порано се претпоставуваше дека тој веќе изградил нови градови во Блиска Азија, но скорешните испитувања овозможија да се верува дека изградбата на неговиот град во Источен Иран беше негова прва акција од тој вид на азиоатичка почва.

Секако, тие се вистински автентично испитани градби на Александар Македонски во Азија и не треба да се мешаат со претходно обновената изградба на старите градови, како што беа Тир и Газа. Додека тука треба да се исклучи воениот мотив, во случајот на Источен Иран очигледна е потребата да се заштити во војничка смисла на оваа тешко добиена територија, каде што дојдоа до израз воени иновации. За важноста на овие градби во унапредувањето на трговијата и културата ќе се зборува подоцна.

По оваа општа оценка за војувањето во Источен Иран, потребно е во груби црти да се даде скица за курсот на војничките операции. Во летото на 330 година, Александар Македонски отиде кон исток од Хирканија низ Ерија, каде што ја доби веста дека Бис, како што веќе беше спомнато, бил признат во Бактрија за крал на Азија под името Артаксеркс. Сатибарзан, намесникот на Арија, само што му оддаде почит, Александар Македонски побрза по најкусиот пат кон Бактра (Балкх).

Меѓутоа, тој мораше да оди кон југ во Арија, бидејќи, штом Сатибарзан ја слушна веста за Бес зазеде поинаков став и крена бунт. Повторно Александар Македонски ја постигна својата цел со зачудувачка брзина на операциите. Co своите единици тргна во поход и стигна за два дена во Артакоана, главниот град на Арија. Сатибарзан побегна, a бунтот пропадна. Co цел да ја обезбеди непокорената земја, не е сигурно дали тогаш или подоцна, Александар Македонски се определил да основа град со името Александрија во Арија (Херат).

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *