СО СЕРГИЈА СЕКУЛОСКИ НА ПЕЧАЛБА ВО БЕЛГРАД (10)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Во ова продолжение ќе изнесеме дел од активностите и случувањата на Иван Трпоски во Белград, главниот град на поранешна Југославија, каде тој го продолжил неговиот живот во новата средина во Република Србија.

По повторувањето на првата година во Економското учи­лиште во Охрид, се договоривме со братучедот Сергија, кој по­долго време работеше во Белград, да појдам и јас со него, во тогашната југопрестолнина, за да ја пробам мојата печалбарска среќа, а во исто време и да го продолжам моето школување. Ова морав да го сторам од следниве причини: прво што во Охрид и Струга немаше многу изгледи за вработување, особено за неква­лификувани работници и, второ, што не сакав повеќе да им оста­нам на грбот на моите родители.

По завршувањето на празникот Св. Богородица, со Сергија се подготвивме за да тргнеме на пат за Белград. Но проблем се јави што јас требаше да барам пари за пат и за Сергија. Тој се фалеше дека во Белград кога ќе сме стигнеле, фабриката во која неколку години работел ќе му ги исплатела неговите недоплатени дотации, па така, како што си имаше обичај да рече: за пари, ич око да не ти трепнува. Како било, јас позајмив пари за патните трошоци и триста и педесет динари за да ни се најдат при патот. Така, на 6 септември 1961 година се збогував со домашните, со роднините и пријателите, со другарите, со куќниот праг, сретсе­лото, Охридско-струшкото поднебје, Македонија… и кинисавме за Белград.

Проблемите кои се јавија при патот до Белград се следните: Сергија за време на престојот во Скопје се спријатели со една убава Словенка, која исто така патуваше до Белград, но со брз воз. Од тие причини Сергија, за да ја придружува убавицата во црна облека, ми зеде уште триста динари за да доплати карта за брз воз. Му ги дадов парите и сè на сè ми останаа уште педесет динари, кои ги преполовив при купувањето на весникот „Нова Македонија“. Сергија ми ја зеде пржената кокошка, шишето ра­кија и малку грозје и со дамата замина со брзиот воз. Видов дека сум изигран, но од започнатата маршрута нема враќање. Со уплав во душата го отпатував целиот возен тек. Морав да пазам на ара­мии, да не ми го украдат патниот багаж. Со себе носев: два ку-фери, капут и мантил, пакет со фељтони, мрежа полна со грозје, а друга со пченки за печење, збирани по патот до Охрид и други намирници. На перонот на кој стигнав во Белград цел час Сергија го немаше. Носачите ме нудеа да ми помогнат, но јас немав ниту пари да платам, а ниту адреса каде да одам. Се проколнував сами­от себе, зошто не ги послушав мнозината волинци, кои ми велеа: Сергија ќе те загине уште по пат! Кога ги изгаснија светлата на перонот, низ солзи во мракот го здогледав Сергија. Во моментот се радував, но сакав и да го тепам до мртвило.

Со искривена насмевка Сергија ми се пофали дека нешто сторил со женската, но не сторил ништо во однос на парите кои му ги должела фабриката во која работел. Работите ги ставивме во гардеробата од железничката станица и, со последните двесет и пет динари, со трамвај ќе се одвозиме до село Мали Мокри Луг. Аирлија да е, во големиот град и при моето прво патување, Сергија ме подучи за да шверцуваме. Со една карта двајцата да патуваме. Кондуктерот не беше слеп, нѐ фати. Го застана трамвајот и нѐ из­брка надвор. Од долгиот пат со патничкиот воз кој застануваше и на најмала селска станица, ненаспан и од чадот на локомотивата ми се нафрлија чираи по вратот, па не можев да гледам наугоре. А новите чевли ме стегаа и ми направија плуски на нозете, па не можев брзо да патувам. Сергија ме учеше како да се ориентирам по зградите, за да го научам побрзо градот. По патот ми кажуваше во кој парк и во која кафеана имал женски со кои се забавувал. Девојките тој ги нарекуваше: Србинки, Белграѓанки, Камењарки, Зузки… Стигнавме до Мали Мокри Луг, село и предградие на најголемата српска метропола.

Уште при влегувањето во кампот во кој беа сместени неколку бараки, машиње за дробење камења и разновиден градежен материјал расфрлен наоколу, нѐ пречекаа на­шите волинци Китан Велјаноски и Никола Јанкулоски. Тие ни по­сакаа добредојде во овој зафрлен дел од Белград. Во работничките станови живееја неколкумина вевчанци и браќата Васил и Никола Прентоски од село Мислешево. Овој камп му припаѓаше на вев-чанското претпријатие „Дримкол“. Сите едногласно ме запрашаа:

„Како си дозволил да патуваш со Сергија?“ Реков дека е доцна да се кајам. „Добро е сега што си меѓу нас, од најлошото се спаси!“ – ме охрабрија домаќините. Надвор, на огнот испекоа пиперки, ги запржија во масло и вечеравме. До доцна во ноќта се исприкажав-ме за сè и сешто. За спиење ги добраа двата самечки кревети и сите четворица во два кревета преспавме. Другиот ден Сергија ме прошета по градежните претпријатија и ми најде работа во прет­пријатието „Комграп“, кое градеше средно училиште во населбата Вождовец. Таму работев со ѕидари. Работата беше многу оддалече­на од населбата Мали Мокри Луг, па тој пат за два часа со Никола Јанкулоски секој ден пешки го минувавме. Тој продолжуваше со пешачење уште за двесетина минути подалеку од мене. Му велев, да фатиме превозно средство, далеку е. Тој кашлаше многу, беше првоборец од 1941 година, но поради тоа што се венчал во црква, комунистите не му дадоа никакви привилегии. Ми велеше: „Ако плаќаш за секакви луксузи, никојпат нема пари да собереш!“ На утро купувавме по еден полубел леб, главица кромид и сто грама пршки или сто грама сланина. Тоа беше сѐ за осумчасовната теш­ко физичка работа. Го жалев тогаш, подоцна и секогаш, овој веќе одамна починат волинец.

Ѕидарите со кои работев беа од соседните села, па секој ден доаѓаа со воз и со трамвај. Тие беа многу добри луѓе. Со мене за подготовка на материјал за мајсторите работеа уште две Албан-чиња од Врњачка Бања, Мерсим и Ќамил Зеќировиќ. По две неде­ли, предработникот од претпријатието „Комграп“ ни предложи да живееме во работничките станови кои се наоѓаа на улица „Северен Булевар“ број 2, во населбата Карабурма. Во овој работнички ком­плекс живееја околу илјада работници. Некои живееја во бараки, а некои во солитери. Во овој комплекс, покрај становите, беа сме­стени уште: менза, библиотека, медицински и забни ординации, берберница…Од платата ни одбиваа за стан, а за хранарина во мен­зата плаќавме 700 динари, а добивавме купони во вредност од 1000 динари или 30% попуст. Јас им купував блокчиња за храна и на Китан Велјаноски и Никола Јанкулоски, кои се доселија да живеат во становите од претпријатието „Ратко Митровиќ“, во истата на­селба, во Карабурма.

Во почетокот повеќе другарував со моите волинци Китан и Никола, со кои имавме многу нешто да си поприкажеме. Со Србите и со Албанците зборував само во работното време или службено. Во мензата се наоѓав со многу наши Македонци, од струшко и прилепско. Во бараката во која бев сместен, живееја уште десетина работници. Повеќето од нив беа од албанска националност и по-турченици ‒ Бошњаци (торбеши). Нашата барака ја чистеше една млада и убава Србијанка. Со неа, во меѓувреме, се дружевме. Таа не ги сакаше Бошњаците и Албанците. Нејзината другарка, исто така чистачка на другите бараки, која сакаше да нѐ оддалечи нас, не ѝ веруваше нејзе дека сум православен верник, па еднаш, онака луто ме праша што сум по националност? Јас веднаш ѝ одговорив: „Македонец!“ – „Тогаш на која религија ѝ припаѓаш?“ ‒ рафално ме препраша. Јас опуштено ѝ одговорив: „На православната, на македонската!“

Со третото прашање таа начисто ме замрзна: „Те прашувам“, ми вели, „дали ѝ припаѓаш на српската или на католич­ката вера, македонска религија не постои!?“ Овој пат јас налутено ѝ одговорив: „Јас знам дека постои, а за тебе ако не постои, тоа е твој проблем!“ ‒ оставајќи ја зачудено да гледа по мене. Ете, ова го пишувам за да објаснам дека уште во 1961 година бевме трети-рани како српски православци, а не како македонски православци. А прекарот Чокалии, кој ни го наметнаа токму тие наши северни браќа, нас Македонците ќе нѐ следи до нашето исчезнување.

По завршувањето на градежните работи, нѐ префрлија во фабриката за плочки и блокови „Бетоњерка“, која се наоѓаше на адреса: улица „Дунавски кеј“ број 8, во населбата Дорќол. Таму се запознав со следниве другари: Мујо Бечевиќ, Хасиб Халиловиќ, Бајрам Шеховиќ и Аќиф Асановиќ, сите од Нови Пазар, Иван Злат­ковиќ од Пирот, Нове Танески од село Зрзе, Прилеп и други. Сите што работевме во фабриката за терацерски плочки и цементни бло­кови бевме младинци на возраст меѓу двесет и триесет години, со исклучок на неколкумина постари луѓе.

Подоцна тука се монтираа сите сто илјади (100.000) седишта и дваесет илјади (20.000) скали­ла за стадионот на Црвена Звезда. Нам ни беше речено дека мора да одиме на курсеви, на кои ќе полагаме за квалификациски дипло­ми. Јас положив за полуквалификуван терацер и платата веднаш ми ја зголемија. Обично платата ја даваа на два дела: аконтација и исплата. Ние машките работевме на монтирање и машинско стру-жење на терацерските производи. А женските работеа на завршни­те работи. Сите носевме гумени скутиње, ракавици и чизми. Вода­та што ја служевме за градба, со пумпа ја земавме од реката Дунав, која течеше веднаш до фабриката. Почесто излегувавме надвор од фабриката од каде ја гледавме огромната будалеста река која носеше сè и сешто со себе. По неа и бродови пловеа. Фабриката беше лоцирана на левата страна од Дунав, недалеку од Панчевски-от Мост. Во овој фабрички комплекс работеа околу двесте луѓе. И во фабриката имаше менза, во која се хранеа вработените и луѓето кои ја посетуваа неа. Храната овде беше многу побогата од онаа во „Северен булевар“, каде што домувавме. Подоцна мене ме од­редија на полесна, но и на поодговорна работа. Прво го заменував магационерот, кој беше задолжен за да издава налози за издадена стока, потоа јас целосно ја презедов неговата работа, бидејќи мага­ционерот боледуваше од неизлечива болест.

Во фабриката имавме неколку убави млади жени кои работеа со нас. Иако беа омажени, тие почесто нè задеваа, нè предизвику­ваа за љубов.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “СО СЕРГИЈА СЕКУЛОСКИ НА ПЕЧАЛБА ВО БЕЛГРАД (10)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *