БИТКИТЕ КАЈ ГАВГАМЕЛА МЕЃУ АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И ПЕРСИСКИОТ ЦАР ДАРИЈ (30)
ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Додека коњицата вршеше жесток напад, колите со косила беа пуштени на десно. Но овој напад, на кој Дариј најмногу се надеваше, доживеа целосен неуспех.
Делумно возачите беа погодени или тргнати од нивните борбени коли од Агријанците и од стрелците поставени за оваа намена, а делумно од брзото повлекување: единиците на Александар Македонски формираа борбени линии низ кои колите поминуваа без да направат голема штета, се додека не беа совладани од коњушарите на Александар Македонски – маневар што беше брилијантно изведен и што потсетува на случаите на преминот кај Шипка.
Двете линии на борбата многу се приближија. Тогаш Александар Македонски забележа спроти себе една празнина во персиската лева страна, помеѓу Дариј и единиците на коњи кои ги поддржуваа Скитите и Бактријците. Неговото соколово око виде дека дојде моментот за офанзивен напад.
На чело на следбениците втрча во празнината и започна да се врти кон лево со цел да ја сврти непријателската линија кон центарот, додека веднаш потоа македонската фаланга со своите долги копја започна страшен напад врз челото.
Кога Дариј, збунет од оваа брза измена во позицијата, го почувствува страшниот напад на Александар Македонски, слично како и кај Ис, ја заврте својата кола назад и беше првиот кој избега. Стражата што беше најблизу формира еден круг околу него, а потоа им се придружија и другите единици во центарот и на левото крило.
Притоа Александар Македонски не беше во можност да го гони и да постигне целосна победа со фаќањето на Дариј. Неговото лево крило под команда на Парменион беше сé уште зафатено во многу опасна борба со персиското десно крило под команда на Мазај, кој успеа да го заобиколи крилото на својот противник. Бесмисленото бегање на Дариј беше дотолку несфатливо, бидејќи битката во целина сé уште не беше решена.
Освен тоа, индиската и персиската коњица на десното крило, со навлегувањето во празнината направена од брзото настапување на фалангата, успеа да ја пробие втората линија на Александар Македонски. Меѓутоа, наместо да свртат околу и да нападнат одназад, недисциплинираните ориенталци побрзаа да го пљачкаат логорот на Александар Македонски.
Притоа, добро водената втора линија, со тактичкиот план на Александар Македонски, ги заобиколи и ги нападна одназад, принудувајќи ги брзо да се повлечат со големи загуби.
Тоа беше онаа отстапувачка маса на коњица што се судри со Александар Македонски, кога на итното барање на Парменион отиде да му помогне. Нападите на коњицата сега беа многу жестоки, а Индијците и Персијците очајнички се бореа за своите животи. Александар Македонски загуби во оваа битка не повеќе од шеесетина свои следбеници, а неговиот најмил пријател Хефестион беше ранет.
Кога ориенталската коњица брзаше да избега, а Александар Македонски брзаше накај Парменион, се покажа дека неговата помош не беше веќе потребна, затоа што тесалиската коњица во меѓувреме излезе како победничка. Така, победата беше целосна долж борбената линија.
Е, тогаш веќе Александар Македонски можеше да го прогонува Дариј. Се додека не се стемни тој јуреше по него. По одморот на коњицата од другата страна на Лик (горен Заб), тој повторно тргна по полноќ и наредниот ден допатува во Арбела каде што го најде богатството и багажот на Дариј. Меѓутоа, главниот воен плен на победата беше загубен. Кралот не можеше да биде фатен, бидејќи избега предвреме, само со неколку придружници преку курдските планини во Медија.
Во Арбела Александар Македонски го прекина гонењето. Наместо да го следи бегалецот во непознат правец, тој сметаше дека е многу поумно да ги собере плодовите на победата и да ги заземе централните земји на Ахеменидите со нивните главни дворци и богати куќи. Александар сега и официјално ја усвои титулата Крал на Азија, што му ја вети пророштвото од Гордиум и што ја побара во своето прво писмо до Дариј.
По битката тој јавно беше прокламиран за Крал на Азија. Тој акт на признание можеше да произлезе само од собранието на македонската војска, иако дотогаш таа имаше право и можност да прогласи крал единствено на Македонија. Несомнено, идеја и формула за тоа даде Александар Македонски. Прокламацијата за суверенитет, одбележана со највисок степен на прослава на победата кај Арбела, беше придружена со величествено приложување на жртви на боговите и со богати подароци на своите пријатели.
Од посебен интерес е да се спомне дека Александар Македонски не само што се претстави како освојувач на Азија, туку ја покажа и својата позиција како хегемон на Коринтската лига. По победата нареди во сите територии на античките грчки сојузи да се спречи тиранијата и сите тие градови повторно да ги добијат своите автономии. Тој морал да знае дека во времето кога Антипатер во извесна мера ги заштитуваше тираниите, предизвика многу пролевање на крв во Античка Грција.
Неговото неспокојство во врска со резултатот на судирот со кралот Агис, за што тој ништо не знаеше, морало да му го сугерира овој проглас како средство за натамошно приближување кон Агис. Тој ја издаде таа наредба без соработка со Федералниот совет затоа што можеше да смета на благодарноста и одобрувањето на целиот антички свет, иако веќе ја надмина моќта како хегемои.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН