МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКОВНИ ОПШТИНИ И ЦРКВИ ВО НОВ ЈУЖЕН ВЕЛС (ДЕЛ II) (21)

1muv1

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

Во публикациите „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД ос Славе Николовски-Катин е даден историскиот развој на македонските православни цркви и македонските иселеници во Австралија. Така, за една од првите македонски православни општини на петтиот континент е забележано следното:

4. Св.  Димитрија во Вулунгонг.

Првите активности за формирање на Македонска православна црква во Вулунгонг биле од времето кога се формирала Св. Ѓорѓи во Мелбурн. Меѓутоа, во 1967 година Македонците од овој дел на Австралија го регистрирале Првиот црковен одбор, кој успеал во наредните години да купи место за изградба на црквата. Местото било осветено од митрополитите Методиј и Кирил во мај 1969 година, а на 4 април 1971 година бил положен и осветен камен-темелникот на црквата. Со тоа почнала акција за собирање материјални средства во која се вклучиле голем број Македонци и затоа црквата била изградена за кус период.

Таканаречено мало осветување на Храмот било извршено на 27 август 1972 година што го извршил на симболичен начин градоначалникот на Вулунгонг. Црквата Св. Димитрија е лоцирана во тесното градско подрачје на Вулунгонг во непосредна близина на брегот на Морето. Таа е изградена во форма на буквата Г, која денес е реновирана, приширена и разубавена и адаптирана за голем број верници. Во состав на црквата работи КУД “Вардар”, женската секција, фудбалска и други асоцијации.

5. Св. Климент Охридски во Камбера.

Во главниот град на Австралија, Камбера во 1982 година е избран одбор за изградба на втората македонска православна црква на тие простори. Црквата го добила името на македонскиот просветител “Св. Климент Охридски” и е сместена на еден рид недалеку од центарот на градот. Местото каде што е изградена црквата е подарок на Австралиската Федерална влада од 1982 година.

Тоа било мотив повеќе за македонската заедница да се соберат средства за изградба на храмот. Така, на 6 јуни 1983 година се поставени темелите на црквата чие осветување го извршил митрополитот  Тимотеј.

По изградбата на храмот на 18 декември 1989 година е извршено осветување, со што започна со работа уште еден Македонски дом во Австралија. Во состав на црковната општина со успех работи КУД “Младост” со мешаната играорна група “Св. Климент Охридски”, женската секција, неделното училиште, Австралиско-македонското уметничко друштво “Амас” за Камбера и Квинбијан и  други асоцијации.

6.  Македонската православна црква Св. Пророк Илија во Квинбијан.

Првите иселеници во Австралија биле Македонци од егејскиот дел на Македонија и пристигнале уште во 1926 година. Меѓутоа, активностите кај македонските доселеници на тие простори почнале дури по Втората светска војна во 1947 година кога е формиран разгранокот “Млад Гоче” на “Македонско-австралискиот народен сојуз”. И ова друштво било активен учесник во собирањето матријални средства за изградба на болницата во Скопје.

По распуштањето на МАНС, а со создавањето на МПЦО Св. Ѓорѓи во Мелбурн и во Квинбијан се јави иницијатива за изградба на македонска црква. Иницијативата била прифатена од голем број Македонци претежно од Леринско кои, на 20 април 1960 година го организираа осветувањето на храмот.

Црквата била осветена од митрополитите Кирил и Методи во присуство на бројни иселеници, посетители, дипломати и претставници на католичката и други цркви. Инаку, црковната зграда е изградена во 1872 година, и, како споменик на културата, е заштитена со австралиските закони. Во последните години црковниот храм е преуреден, до него е изградена голема сала и други простории и претставува значаен македонско-црковен, културен и национален центар за Македонците кои живеат во Квинбијан и околните места.

7. Св. Климент Охридски во Порт Кембла. Почетните активности за изградба на оваа црква датираат од 26 јануари 1981 година. Во период од неколку години било купено место и е изградена црква која на 8 јануари 1983 година било извршено мало  осветување. Потоа, на 22 мај 1983 година е извршено т.н. големо осветување. Покрај храмот на 22 октомври 1989 година бил поставен камен-темелникот за изградба на салата во која денес се одржуваат концерти, банкети, свадби и други манифестации.

Во состав на црквата работи КУД “Билјана” кое е носител на голем број активности, театарска група, женска секција, фудбалски клуб и други секции.

1muv12

Св. Богородица во Њукасл. 

8. Македонската православна Општина Св. Богородица во Њукасл.

Следејќи го примерот на Македонците во Мелбурн во 1960 година во Њукасел, митрополитот Наум ја отслужил првата богослужба на мајчин македонски јазик. Тој чин бил од големо значење за Македонците, за подигање на нивниот морал и националниот дух. Како резултат на тоа подоцна била основана црковната општина, во почетокот како Македонски дом, а потоа како Црковна општина.

Во 1961 година било купено место за изградба на црква и дом и бил регистриран Статутот на Општината. Меѓутоа, подоцна, настапил период на застој во активностите; иселениците биле поделени на две групи: една околу црковната управа, а другата околу спортското друштво “Славија”. Меѓутоа, со помирувањето на групациите во 1967 година дошло до обединување и забрзани подготовки за изградба на црквата.

Еден од најзначајните датуми во историјата на оваа црковна општина ќе остане 25 април 1969 година, митрополитот Кирил го осветил местото. Црквата била изградена до крајот на 1969 година. Големо осветување на оваа Црква било извршено на 28 мај 1971 година, кога и отпочнал црковниот живот на Македонците од овој дел на Австралија.

Црквата Св. Богородица во Њукасел е убава зграда и една од поубавите македонски цркви во Австралија. Таа има голема сала за собири, за вечеринки, за приредби, за прикажување филмови и за други манифестации. Објектот со своите архитектонски решенија претставува убав прилог во архитектурата на Њукасел.

Во состав на Црковната општина работи КУД “Стив Наумов”, ФК “Македонија”, Македонското училиште “Гоце Делчев”, Македонскиот радио-час, женската, шаховската и други секции, кои пртставуваат место за собирање, забава за другарување, за продолжување на традициите и обичаите како и за зачувување на македонскиот мајчин јазик и сопствениот идентитет на Македонците од сите делови на Македонија.

Продолжува

1sla3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *