„11 Октомври и Република Македонија се вечни и ќе живеат се’ додека векот векува и светот светува“ рече митрополитот Кирил на една од прославите на најлолемиот македонски празник во првата Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, Канада. Тоа беше силен поттик за Македонците од сите делови на Македонија на тие простори во демократска Канада и насекаде во светот да продолжат и да ја зголемуваат љубовта кон родната дедовка земја – Македонија.
Црковните достоинственици на Република Македонија секогаш го поврзувале 11 Октомври со историскиот развој на Македонската православна црква (денес Македонската православна црква – Охридска архиепископија), која беше формирана пред самиот крај на војната, во 1944 година во селото Горно Врановци, Велешко. Потоа, според историските податоци е забележано дека во март 1945 година во Скопје, е одржан Првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква..Тоа значеше дека за Македонија заедно со Македонската православна црква се отвори светлата иднина
Кога се пишува за 11 Октомври 1941 година, денот кој е запишан со златни букви во историја на македонскиот народ и Македонија, точаш беш избран патот на борбата против најголемите зла во историјата на човештвото – фашизмот и нацизмот. Свесен дека вистинската слобода за Македонија не може да биде измолена и подарена, туку само со борба освоена, македонскиот народот заедно со другите националности во Македонија ја започна Народно-ослободителната борба.
Споменикот “Могила на непобедените“ во Прилеп
Така, на 11 Октомври 1941 година, борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Со тоа Македонија се приклучи на антифашистичката коалиција, а по четиригодишната Светска војна, со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, го реализираше и повеќевековниот сон за основање македонска држава –Народна Република Македонија.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народно-ослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во добро организирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
Денот на востанието на Република Македонија или Денот на народното востание на Македонскиот народ познат и како 11 Октомври е државен празник кој се празнува во Македонија и меѓу македонското иселеништво во Австралија, САД, Канада, Европската Унија и насекаде по целиот свет каде живеат Македонци. Востанието беше против фашизмот и со тоа започна борбатата за национално ослободување на македонскиот народ. 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна
Востанието 11 Октомври беше против фашизмот и со тоа започна борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.
За жал. за време на окупацијата од од фашистичките окупатори, од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски и други штети.
Поради самиот факт дека се работи за голем настан од македонската историја, низ Република Македонија се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Повеќе делегации положуваат цвеќе на гробот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Паркот на Револуцијата во Прилеп и Скопје, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци од народно-ослободителната борба во Куманово.
Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 Октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 Октомври“ во кој се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба. Прилепскиот градски оркестар организира маршрута од центарот на градот кон Могилата на непобедените. Каде покрај движечкиот оркестар се организира и спектакуларен огномет.
Посебна важност има и свечено положување цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје од страна на повеќе делегации на Владата, на Собранието, на Претседателот на Македонија, на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија, на делегации на Министерството за одбрана и Генералштабот на Македонската армија.
Методија Андонов-Ченто
Празникот 11 Октомври се прославува не само во Република Македонија, туку и во целиот свет каде што живеат Македонци. Традиционална прослава има секоја година во македонските заедници, македонските православни цркви и црковни општини, друштва и асоцијации во Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави, Европската Унија и во многу други земји ширум светот. Така, во голем број македонски средини секоја година се организираат прослави со богата културно-уметничка програма, каде настапуваат повеќе естрадни ѕвезди од дијаспората и од Македонија.
Треба да се одбележи дека по Балканските војни 1912-1913 година, Бугарија, Грција и Србија извршиле оккупација на Македонија и геноцид врз македонскиот народ. Во армијата на овие оккупатори, биле мобилизирани околу 100.000 Македонци од зафатените делови на Македонија: Бугарија регрутирала 33.000, Грција 20.000 и Србија 53.000 Македонци. Мобилизираните Македонци, за жал, учествуваа во најкрвавите меѓусебни воени судири во текот на Балканските војни 1912-1913 година и Првата светска војна 1914-1918 година.
Ако Крушевската Република од 3 до 13 август 1903 година беше корона на Илинденското востание, Тогаш Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија одржано на 2 август 1944 година во манастирот Свети Отец Прохор Пчињски беше круна на македонското востание на Втората светска војна.
Манифестот на АСНОМ повика на ослободување и обединување на сите делови на Македонија и на македонскиот народ, на етно-историските граници на Македонија. Македонскиот народ во Вардарскиот дел на Македонија, Втората светска војна ја заврши со околу 25.000 загинати борци и цивили. Вечна им слава на загинатите учесници во вооруженото антифашистичко и национално-ослободително востание на македонскиот народ. Посебна е славата и значење на првиот претседател на Македонија, Методија Андонов Ченто, родена на 17 август 1902 година во Прилеп
Затоа со право се вели дека 11 Oктомври е симбол на македонската борба за слобода. 11 Oктомври е денот кога повторно се поставени основите на македонската држава. Затоа, на денешните и на идните генерации е обврска да ја чуваат Македонија: слободна, суверена, самостојна и независна. Затоа велиме: Да живее 11 Октомври – да живее Република Македонија.
Славе Катин