ЕДЕН КАМЕН – ЕДНА ЛИРА, Срцето на Марул е црквата Света Мала Богородица

Во марулскиот синор се познати две цркви и девет населби наречени девети марули. Населбите се на повисоко место, брегчиња. Биле населувани, оти селото било покрај езерото, кое било во денешното пелагониско поле. Со испуштањето на езерото преку мариовската клисура во Егејското Море, населбите останале без вода и жителите се преселиле во денешното село Марул кое изобилувало со изворски води, потребни за одбрана од разни болести и од непријатели.

Турците ја запалиле едната црква во местото Црквиште со гробишта за време на Мариовската буна во 1564/65 г. Последна марулска фамилија што одела на гробиштата во Црквиште била Дашовци, некаде во 1875/80 г. Приказната ја раскажала Магда Дашоска.

Марулската црква

Првата марулска црква е градена во почетокот на христијанството, јужно од денешниот храм. Водата од горничката река почнала да ја потопува црквата и селаните се согласиле храмот да го преселат зад денешната црква крај реката. За втората црква што ја изградиле покрај реката Орев не е позната годината. Во 1846 г. била јака зима со висок снег. Пролетта кога снегот се стопил, местото зад црквата се лизнало. И денеска се познава пукнатина на местото. Жителите пак ја преселиле во напуштените поповски гробишта, бидејќи било ветено место. Местото го расчистиле и во 1847 г. почнале градба. Не наишле на разбирање кај турските власти. Црквата морала да биде вкопана половина метар в земја, да не биде повисока од султановата џамија, оти се велело дека кауринот нагоре расте, но со наведена глава. На селаните им било наложено да купуваат и да носат камења во кошеви на добиток од рудникот Кукул над Прилеп. Еден камен чинел една лира. Тешко се собирале пари, а времето минувало. Покрај сите отпори, се нашла дупка во ферманот дека можело да се крева нова, ако имало стара црква. Така, ѕидовите на црквата биле градени на побелени уткини курешки. Како што кажувал Јован Тошев Дојчиноски (Јоле), во местото на црквените ѕидови имало 30 уткини седела за квачење и смрдело од храната и изметот на малите утчиња, од гуштери и бумбари. Во детството Јоле одел кај црквата со другарите, стари деленици, браќата Митре Јованов Грујоски (Курела, 1847-1929 г.) и Ѓорче Јованов Грујоски (1850-1943 г.). Гледани оддалеку, ѕидовите биле како варосани од курешките на утките. Селаните не се откажале од црквата, иако Турците ја попречувале градбата. Жителите не паднале морално. Наумче Тонески подарил две тополи за греди за покривот. Затоа, Господ му дал долг живот. Заминал од овој свет со 100 години во 1899 г. Вредните марулци сплеле покрив од лескови прачки и ги послале преку гредите. Ги премачкале со црвена кал мешана со слама. Одгоре ставиле камени плочи, наместо ќерамиди. Покривот не пропуштал дожд и снег до 1954 г. кога и била ставена капа од современи ќерамиди.

При осветувањето во 1859 г. било договорено секој кој сака да биде притроп во црквата, да служи за здравје, без пари, бидејќи требало да се ѕидаат машки и женски камени трпези за раздавање на задушница. Бегството од ведро небо се остварило и селската слава се поместила еден ден порано. Наместо гостите да идат вечерта на 21 септември, да се слави на 20 септември. Славата да биде во истиот ден како во селото Штавица. Марулчани се подготвувале дома за Денот и немале време да одат на гости во соседското село. А штавичани, заедно со гостите, да не им доаѓаат на трпеза, оти жителите биле сиромашни да служат повеќе гости.

Црквата нема документација од времето на германските воени власти во Првата светска војна. Тогаш храмот бил претворен во болница. Црквено-историски настани се пренесувани усно од генерација на генерација. Затоа денешниве генерации им оддаваат благодарност на нашите прадедовци.

Историски обележја за црквата

Црквата е градена од 1847 до 1859 г., кога е осветена. На осветувањето се крстени две деца во иста вода – Ѓорче Ристев Јанкоски и Боше Грујов Колески. Прва венчана невеста е Анѓелејца Павлеска, односно Менка Маркоска од селото Ношпал во 1859 г. Прв умрен пеан в црква е прапрадедото Гулаб Гулабоски, 1859 г. Лозницата ја насадила невестата Анѓелејца Павлеска во 1860 г. По загинувањето на комитите Ристе Оклев, Никола Атанасов и Јован Волчев во 1902 г., аскерот ги сокрил телата и ги погребал во еден гроб. Во 1925 г., црквата е осветена вторпат од преспанско-битолскиот архијереј Јосиф Цвијовиќ. Во 1927 г. е изграден тремот со седиштата од парите од Мијакот, Стаменко од Лазарополе, кој ги пасел овците девет зими во марулскиот синор. Во 1936 г. е купена камбаната со стаменковите пари. Во 1942 г. за 40 годишнината од убиството на тројцата комити Ристе, Никола и Јован, прилепскиот гарнизон со администрацијата имале митинг пред гробот и воена парадна музика. Од 12 до 16 септември 1944 г., тремот бил база на Втората МНОУБ, поддржана од селото со храна и облека. Во 1954 г. е сменет покривот од камени плочи со печени ќерамиди. Во 1962 г. е подигнато скелето на лозницата. Во 1966 г. е последенпат фрлан крстот за Водици. Во 1969 г. припуштен е тремот и е поставено електрично осветлување. Во 1970 г. се изградени скалите. Во 1978 г. е бетониран тремот со патеката до црква и е поставена печката во тремот. Од 1997 до 2015 г., таванот и столбовите на тремот се исковани со ламперија и е донесена водоводна мрежа. Изградена е кујната и опремена со електрични апарати. Поставени се олуци и тремот е премалтарен. Во 2002 г. за одбележувањето на смртта од паднатите тројца комити реновиран е гробот, послан е со мермерни бели плочи. Но, ноќта на прославата, вандали ги украдоа сребрените предмети – крстот, литургиската чаша за причесна и дискот, подарени од Колевци при второто осветување. Во 2003 г. црквата е комплетно препокриена и зацврстена со метални шипки. Сменето е прозорчето на олтарот и се ставени нови олуци. Се изгради и покри камбанаријата со подрумот.  Во 2008 г. малтарен е ѕидот од двете страни околу тремот и црквата. Во 2009 г. се изградени тоалети. Во 2010 г. оградени се гробиштата со телова мрежа. Во 2011 г. поставена е плоча за престојот на втората МНОУБ. Во 2012 г. се поставија јарболи, а знамињата ги подигна градоначалникот Марјан Ристески на 21 септември. Во 2013 година се постави метална ограда на влезните скали. Лани на 21 септември за Денот, домаќините имаа гости на ручек.

ПОПОВИ И КЛИСАРИ

Свештеници во црквата биле Поп Анѓелко – марулчанец, поп Димитрија Попоски од Лопатица од 1891 до 1920 г., поп Петре Перасаноски – прилепчанец – од 1922 до 1923 г., поп Неделко Грујовски од Ношпал од 1923 до 1927 г., поп Јован (презимето засега непознато) – прилепчанец од 1927 до 1935 г., поп Грујо Смилевски од Добрушево – од 1935 до 1945 г., поп Ванѓел Смилевски од Добрушево од 1945 до 1970 г., поп Гроздан Богески од кичевско од 1970 до 1973 г., поп Душан Талевски од Суводол од 1973 до 1977 г.

Притропи – клисари кои служеле во црквата од 1959 до 2016 година се Ристе Дамјанов Дамјаноски (Патрон) од 1857-1862 г., Николе Ристев Гулабоски (Моско) 1963-1873 г., Коте Дамјаноски (Чурлин) 1874-1975 г., Петре Ѓорѓиев Дашоски 1876-1879 г., Тоше Дојчинов Дојчиноски 1880 г., Јован Ристев Мурџески 1881-1883 г., Митре Ристев Мурџески 1884-1883 г., Трајче Јанкоски (Чунге) 1887-1891 г., Грујо Ризов Колески 1892-1895 г., Ристе Наумчев Танески 1896-1898 г., Стеван Трајчев Гулабоски 1899 г., Анѓеле Трајчев Павлески 1900-1910 г., Јован Анѓелев Павлески (Агата) 1911-1924 г., Стојан Мојсов Колески 1925-1926 г., Ѓорче Јованов Грујоски (Курела) 1927-1932 г., Никола Јошев Здравески (Голабарот) 1933-1934 г., Димитрија Новачев Гулабоски 1935-1939 г., Мице Стојчев Танески 1940-1943 г., Тодор Талев Јованоски (Бубуз) 1944-1950 г., Петре Велјанов Петрески (Бабјак) 1951-1953 г., Илија Стојков Малинкоски (Кадијата) 1954-1957 г., Трајан Ванѓелов Јовчески 1966-1977 г., Ордан Велјанов Танески 1978 г., Димитрија Петрев Петрески (Бабјак) 1979-1981 г. Од 1982 година почна месец дена да се служи по домаќинства. Не издржа подолго време, клучот го презеде Трајан Јовчески до 2016 година.

Ова го пренесле марулчаните, Стојче Танески (1868-1957), Божин Котески (1873-1962), Илија Котески (1876-1972), Илија Јованоски (1885-1962), Ристе Јовчески (1888-1962), Јован Јованоски (1891-1963), Крсте Танески (1903-1984), Ванѓел Јовчески (1912-1997), Ванчо Павлески (1908-1989), Ристе Дамјаноски (1914-1986), Аце Павлески (1929-2016), Благоја Дојчиноски (1928-2016) и други.

Томе Велјановски – Марулецот, Гетеборг, Шведска

33 thoughts on “ЕДЕН КАМЕН – ЕДНА ЛИРА, Срцето на Марул е црквата Света Мала Богородица

  1. Hi there! Do you know if they make any plugins to help
    with Search Engine Optimization? I’m trying to get my
    website to rank for some targeted keywords but I’m not
    seeing very good gains. If you know of any please share. Kudos!
    You can read similar blog here: GSA Verified List

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *