Извештај на ЕК: Собранието да има активна и позитивна улога во процесот на преговори со ЕУ

Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2022 година се оценува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. ЕК нотира дека пратениците треба да бидат активни и да имаат позитивна улога во процесот на преговори со ЕУ.

-По интензивните дебати, Парламентот донесе заклучоци за предлог кој го отвори патот за отворање на пристапните преговори. Собранието треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ, се нагласува во документот.

Европската комисија нотира дека се потребни „заеднички и брзи напори од сите партии како приоритени чекори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ“.

Повторно се бара ограничување на употребата на носење на закони по скратена постапка.

-Потребни се соодветни процедури за планирање и консултации за да се ограничи употребата на скратена постапка со цел да се овозможи ефективна проверка и консултации за законодавството, се наведува во текстот.

Исто така се посочува дека надзорот врз извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се спроведува поредовно, како и дека Парламентот треба без натамошно одлагање да ги спроведе договорените предлози за внатрешни реформи за време на третиот круг од „Дијалогот Жан Моне“ на почетокот на 2020 година.

Европската комисија во својот Извештај забележува дека продолжи постапката за кривична одговорност за оние кои „оркестрираа или извршија насилство“ во нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

-Некои политички партии презедоа чекори за подобрување на нивната внатрешна демократијата. Потребни се дополнителни напори за да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии, се посочува, меѓудругото, во Извештајот.

Европската комисија нотира дека во овој собраниски состав има најголем број на жени пратенички (50 од 120 односно 42 проценти), а бројот на пратеници од немнозинските заедници е непроменет (42 од 120- 35 проценти).

Во својата поопширна анализа ЕК наведува дека по тешки и напнати дебати, Парламентот во јули 2022 година го усвоил предлогот што го отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Како земја која преговара, Северна Македонија има нови можности и одговорности.

Се посочува и на важноста од соработката меѓу власта и опозицијата за процесот за пристапување во ЕУ.

-Во овој поглед, Парламентот има важна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Владината коалиција и опозицијата треба да работат заеднички и конструктивно во Парламентот и да се фокусираат на конкретни чекори во преговарачки процес, вклучително и со унапредување на реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните, се наведува во Извештајот.

Во текот на извештајниот период, како што се посочува, Парламентот остана главен форум за политички дијалог. Се нотира и дека во март 2022 година, Парламентот со меѓупартиски консензус усвои Декларација осудувајќи ги воените акти кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Опозицијата поддржа неколку закони и збир на економски мерки за справување со последиците од КОВИД-19.

Осврнувајќи се на Националниот совет за евроинтеграции, со кој претседава опозицијата, во Извештајот се потенцира дека, ова собраниско тело има одговорност за обезбедување на широк консензус за агендата на ЕУ. Советот, како што се наведува, одржал три седници во текот на извештајниот период.

-Сепак, работата на Парламентот беше нарушена со постојана поларизација меѓу владејачките партии и опозицијата, која прерасна во прекини и обиди за физичка пресметка во некои прилики. Од мај 2022 година ВМРО-ДПМНЕ започна „активна блокада“ на Парламентот. По отворањето на пристапниот преговарачки процес, главната опозициска партијата поднесе во септември 2022 година до Собранието иницијатива за референдум за законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Оваа иницијатива беше отфрлена од спикерот. Контроверзите околу составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја одложи работата на таа комисија и на другите комисии. Недостигот на консензус понатаму ги одложи важните именувања на четворица нови судии на Уставниот суд, пет заменици на народниот правобранител, двајца членови на Советот на јавни обвинители, членови на Програмски совет на јавниот сервис и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и член на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација. Назначувањето на овие позиции мора да се заснова на заслуги, а не на политичка основа, се наведува во Извештајот.

Остануваат, како што стои, предизвиците во однос на поефикасно планирање на процесот на донесување закони.

-Во 2021 година, Собранието донесе 213 закони, од кои 113 беа во редовна законодавна процедура, 81 по скратена постапка и 19 ратификации. Опозицијата ја оспори употребата на знамето на ЕУ во закондавната процедура, итната постапка која има за цел усогласување на законодавството со законодавството на ЕУ и блокираше неколку предлог-закони на ниво на комисии. Бројот на закони донесени со скратената постапка малку се намали, но и понатаму е висок. Употребата на ваквата постапка треба значително да се ограничи бидејќи ги намалува можностите за инклузивни законодавни процеси и значајни дебати, се посочува во Извештајот.

Собранискиот надзор над извршната власт продолжи со седум седници за собраниски прашања во 2021 година. Ваквите седници беа прекинати пред локалните избори во октомври 2021 година и продолжија дури во април 2022 година, повеќе од три месеци откако новата влада стапи на функција.

Се нотира дека за два предлога за недоверба на министрите од поранешната влада не се расправаше откако новите министри ги преземаа тие ресори.

Пленумот и матичните комисии расправаа за годишни извештаи на регулаторни, мониторинг и надзорни тела.

Во Извештајот се наведува дека немаше значителен напредок во спроведувањето на преземените обврски во текот на третиот круг на „Дијалогот Жан Моне“ на почетокот на 2020 година.

-Тие вклучуваат измена на Деловникот, вклучително и на конститутивната седница, поголем надзор, јавен расправи, парламентарен календар и процедури за законите со знамето на ЕУ. Работната групата на „Дијалогот Жан Моне“ се состана двапати во 2021 година и уште еднаш во 2022 година за да разговараат спроведувањето на преземените обврски и постигнат е ограничен напредок, Деловникот останува непроменет. Процесот треба да се заврши без понатамошно одлагање и да обезбеди подобро функционирање на Парламентот, посочуваат од Европската комисија.

Во однос на заштитата на човековите права и основните слободи, Парламентот одобри, со меѓупартиска поддршка, нова организација на Канцеларијата на Народниот правобранител. Клубот на пратенички и меѓупартиски парламентарни групи за млади, ЛГБТИК, лица со хендикепираните и Ромите спроведоа бројни активности во тесна соработка со релевантните граѓански организации.

Во однос на уставните измени во Извештајот се наведува дека „Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и како приоритет да усвојат релевантни уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата“.

Продолжи работата за утврдување на одговорност за насилните напади во Парламентот во април 2017. Апелациониот суд во Скопје ги потврди првостепените казни за оние кои извршија насилство. Треба да продолжат напорите за подобрување на ефикасноста на демократскиот систем, вклучително и за транспарентноста за финансирањето на политичките партии, за да се одговори на препораките дадени од Групата држави против корупција (ГРЕКО), се наведува во Извештајот.

Политичките партии треба да ги подобрат и внатрешните демократски процеси. СДСМ по втор пат одржа директни избори за партиски лидер.

Северна Македонија спроведе сеопфатна реформа на своите разузнавачки служби. Сепак, како што се посочува во Извештајот, земјата треба да го зајакне својот капацитет за парламентарен надзор над разузнавачки служби.

Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Постигна ограничен напредок во спроведувањето на минатогодишните препораки. ја усвои новата Програма за реформи 2022-2025 за управувањето со јавните финансии. Сепак, усвојувањето на законската регулатива за организација и работа на органите на државната управа и новата законска рамка за управување со човечки ресурси (ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и нов Закон за врвна раководна служба) беше одложено. Новата рамка има за цел да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да обезбеди поголема сигурност за вработување засновано на заслуги, унапредување и отпуштање, вклучително и на ниво на повисоко раководство.

Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во решавањето на случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процес на вработување на службеници во јавниот сектор и при назначување членови на надзорни и управни одбори.

Новиот Закон за буџети е донесен во септември 2022. По долги одложувања, новиот Закон за буџети, кој предвидува фискални правила и фискален совет, беше усвоен од Парламентот во средината на септември, се нотира во Извештајот на Европската комисија во делот што ја опфаќа работата на Собранието.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *