МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКОВНИ ОПШТИНИ, ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО АВСТРАЛИЈА (18)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

Кога се пишува за организираното дејствување на Македонците од сите делови на Македонија во Австралија треба да се каже дека тоа го опфаќа мнозинството македонски иселеници кои како птици преселници свиле ново гнездо. Важна компонента на ваквото организирање е тоа што тие се сплотени во самостојни асоцијации, пред се’ цркви и црковни општини, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. 

Притоа, верско-националните објекти иселеничките организации и нивното членство постојано се зголемуваат, а нивната активност се проширува и квалитетно се подобрува.

Од особено значење за активноста на македонските иселеници е создавањето на македонските православни цркви и црковни општини. Така, во изминатиот период се постигнати видни резултати во духовниот и културно-просветниот живот. Формирани и изградени цркви и манасатири, голем број друштва, организации, спортски клубови и други форми на дејствување, во кои масовно се собираат македонските иселеници од сите делови на етничка Македонија.

Македонските православни цркви и црковни општини во Австралија се мошне ценети од тамошното општество, пред се’, поради резултатите што Македонците ги постигнуваат во работата, а и поради нивниот однос и висок степен на лојалност кон новата татковина-Австралија.

Меѓутоа, најзначајно е тоа што македонските иселеници преку своите црковни општини ја афирмираат својата стара татковина Македонија, со што даваат прилог и на планот на меѓународните односи. Затоа во продолжение ќе ги презентираме македонските православни цркци, црковни општини и манастири во Австралија и тоа во Викторија, Нов Јужен Велс. Квинленд, Јужна Австралија и Западна Австралија: 

I.ВИКТОРИЈА 

1.Свети Ѓорѓи и Света Богородица во Мелбурн  

Оваа е прва македонска православна црква изградена надвор од Република Македонија и е дело претежно на Македонци од егејскиот дел на Македонија. Имено, најголемиот број Македонци во Австралија по Втората светска војна и пред тоа беа од Беломорска Македонија доселени главно во државата Викторија. Најзначаен датум за духовното живеење на  Македонците  во Мелбурн, а оттаму во целата дијаспора, е 18 мај 1956 година.

Тогаш  се одржал првиот јавен собир на кој со силен жар, напор, ентузијазам, патриотски дух и љубов кон Црквата, започнала кампањата за собирање средства сред македонците, нивните пријатели и симпатизери, со цел да се изгради македонски храм, што ќе им служи на сите православни македонски христијани во Мелбурн и Викторија.

Првите подготовки за црковното организирање датираат од крајот на 1955 и почетокот на 1956 година. Вистината за создавањето на македонската православна општина и градбата на црковниот храм наиде на силен отпор кај непријателите. Оваа акција била нарекувана антигрчка и антибугарска, дури имало обиди да се нарече и како антирелигиозна. Дневниот печат бил полн со статии против акцијата на Македонците со цел да се спречат емигрантите од Македонија да имаат своја православна црква, во која ќе се служи евангелистичката мисла на македонски јазик.

Затоа, под притисок на бугарската, грчката и на српската православна црква предлогот на Иницијативниот одбор не бил прифатен ни од претседателот на Општината Фуцрој (дел од Мелбурн), со мотивација “дека во минатото била направена спогодба меѓу балканските држави дека нема да има македонска православна црква. Меѓутоа, Македонците имаа пријатели во христијанските цркви, особено во Англиканската црква, која сите крштевки, венчавки и погреби ги примила под свој благослов.

Значаен датум за оваа црква е Илинден 1959 година во присуство на 4000 македонски  доселеници од сите краишта на Австралија и нивни пријатели беше поставен и осветен камен-темелникот на Црквата Св. Ѓорѓи.  Најзначаен и најисториски ден за оваа црква е 7 август 1960 година, кога, кога епископот Злетовско-струмички, г-дин Наум во сослужение со неколку македонски свештено-служители го освети храмот. Тој е прв македонски храм во дијаспората осветен од македонски владика, кој за прв пат ја изрече светата литургија на својот мајчин македонски јазик.

Овој голем настан во Мелбурн беше од извонредно значење за Македонците во Австралија и воопшто за Македонците во дијаспората. Црквата Св. Ѓорѓи ги поттикна Македонците ширум светот да се зближат, да градат и да црквуваат во свои духовно-национални храмови, со што се афирмираат како посебна нација и ја шират вистината за македонскиот народ и нивната дедовска земја – Македонија.

Денес, првиот македонски храм во дијаспората е преселен во Епинг, дел на Мелбурн под име Св. Ѓорѓи и Св. Богородица. Во дворот на Црквата е изграден споменик на Гоце Делчев, кој е откриен на 3 декември 1988 година.  Црквата претставува собиралиште, пред с#,  за постарата генерација доселеници. За жал оваа црква беше опожарена во 2000 година, меѓутоа брзо санирана.

Во состав на црквата од 1960 година работеше Културно-просветното друштво “Светлост”, прво од ваков вид во Австралија.  Исто така, во состав на црквата работи пензионерска група и други секции. Во оваа црква во изминатиот период се извршени над 6000 крштевки, 4000 венчавки и над 2000 се испратени во вечниот покој и мир, според обичаите и традициите на православниот македонски народ.

Во 2000 година овој прв Македонски национален духовен центар го прослави својот јубилеј 40 години од формирањето. За жал, во септември 2000 година од непознати причини новиот храм го зафати голем пожар при што беше направена голема материјална штета. Тој е целосно реновиран, но лузната остана вечна.

1kro1

Манастирот Свети Климент Охридски во Кинг Лејк

2. Манастирот Свети Климент Охридски во Кинг Лејк.  

Во состав на Црквата “Св. Ѓорѓи” од Мелбурн со успех работи првиот македонски манастир надвор од границите на Македонија што го носи името “Св. Климент Охридски”. Манастирот е сместен во месноста “Кинг Лејк” кој е осветен на 29 јануари 1978 година од архиепископот г-дин г-дин Доситеј.  Манастирот располага со голем простор покриен со бујна вегетација.

Таму се одржуваат голем број пикници, панаѓури, селски слави и други активности во природа. Во овој Македонски парк во декември 1983 година се одржале Деновите на македонската култура. Taa се одржа под покровителство на владите на државите Викторија и СР Македонија, а на која се собрале повеќе од 20.000 посетители.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *