Почитувани,
Во врска со изјавата на Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коsијас, кој соопшти дека нацрт спогодбата веќе неколку дена е доставена до Владата на Република Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:
Со кои мотиви актуелната Влада го крие предлогот на Алексис Ципрас и Никос Коsијас? До кога ќе се информираме од Грчките медиуми за текот на преговорите и кои предлози се на маса? Зошто се лаже Македонската јавност дека предлогот ќе биде допрва донесен во четврток, а Владата го има веќе со денови? Тезите на Зоран Заев и Никола Димитров дека не се преговара преку медиумите се веќе јалови. Македонија не е ничија приватна Држава па за најважното прашање за иднината на Македонскиот народ да знаат само неколкумина кој времено се извршна власт.
Бараме транспарентност! Македонскиот народ е единствен суверен владетел на идентитетот и сите останати национални обележја. Ниту една партија нема мандат да се коцка со најсветото национално наследство за кое животите ги положија генерации Македонци!
Актуелната Влада има должност и обврска да има план Б. Јасно е дека досегашната сервилност во надворешната политика нема никаков ефект. Се понижуваме, а не добиваме ништо! Грчката позиција и опозиција во едно се единствени – уцената да прифатиме ново име и идентитет, да го промениме Уставот и да го отстраниме од нив замислениот Македонски иредентизам. Згора на тоа коалициониот партнер на Ципрас, лидерот на Независни Грци, Каменос, во пресрет на нивната денешна средба уште еднаш порача дека не прифаќа во евентуалното решение на името да биде содржан терминот Македонија. Нашиот јужен сосед го бара од нас невозможното, да се обезличиме како народ и Држава. Нивниот став е јасен, или ќе ги прифатиме нивните уцени или нема ЕУ и НАТО.
БАРАМЕ ИТЕН ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ! ДА ГИ ЗАЧУВАМЕ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ!
Македонската Алијанса ги повикува Зоран Заев и Никола Димитров да излезат јавно и да соопштат што содржи предлогот на официјална Атина и конечно да кажат кои се нивните позиции. Бараме јасна и недвосмислена одбрана на националниот идентитет. Да не се лажат дека можат да протуркаат велепредавство! Доста беше играње мижи татара! Сакаме одговори сега и веднаш!
Македонскиот народ не смее и понатаму да се држи во заложништво!
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски