АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВОЗДИГНАТ НА СТЕПЕН НА БОЖЕСТВО ВО ЕГИПЕТ (22)  

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Неговото целосно однесување во Египет, меѓутоа, треба да се опсудува од оваа гледна точка. Според тоа, за Египќаните Александар Македонски беше нивни специјален крал, кој лично го обедини и го приклучи Египет кон своето кралство, како што Карло Велики ги донесе Ломбардите во својата империја, со тоа што стана нивни крал. Пред тоа, ниту во Лидија ниту на кое било друго место не сакаше да има посебна позиција, а подоцна ќе се види дека тоа ќе се случи само еднаш и тоа во Вавилон.

Кон овие две држави на древната цивилизација – Египет и Вабилон, на Нил и Еуфрат, кои многу столетија беа духовни водачи на Исток, се имаше посебен однос во империјата на Александар Македонски. Тие беа со прастари традиции, па затоа и бараа таков однос.

Од најстари времиња божеството било поврзано со египетскиот суверенитет, бидејќи фараонот бил сметан како инкарнација на најголемиот Бог. Гореспоменатите титули на божество доделени на Александар Македонски беа изразени во три ранга: како Хорус беше Бог, како син на Ра беше син на Господ, титула што се употребуваше од петтата династија дотогаш, означувајќи дека оној што ја има таа титула е роден од Ра со мајката кралица; најпосле .тој беше миленик на боговите, како „сакан од Амон”, избран од Ра, двете фрази кои веќе беа прифатени од поранешните кралеви.

Во тоа време Египет беше единствената земја на Исток во која монархијата и божеството беа неразделни, a co тоа на народ од околу седум милиони, Александар Македонски беше оној што ги доби божјите почести. Но, за Александар Македонски ова египетско прогласување за божество имаше чисто локално значење; надвор од Египет тоа немаше никакви ефекти.

Потврдено е дека Александар Македонски им принесе жртва на другите богови како и на Апис, кој не беше бог туку свето животно, припаѓајќи кон култот Птах. He ce знае дали тоа го направи пред или по преземањето на државата на фараоните. Можеби принесувањето жртва на Апис беше прво кралско принесување на жртва следено со неговото востоличување во храмот на Птах.

Принесувањето на жртва на Апис беше врзано со тоа што тој сакаше да остави силен впечаток кај Египќаните. Ништо повеќе не го раздразни отколку убивањето на бикот при жртвувањето, ниту Камбис, а потоа ниту Окус. Од поодамна култот на Апис немаше само локален карактер, туку беше еден од оние што се прославуваше речиси насекаде. За преземањето на овој чекор Александар Македонски, меѓутоа, имаше политичка цел од поставување на себеси во опозиција на неморалните Персијци.

Скудни и случајни се египетските информации од времето на Александар Македонски, но има доказ дека тој ги изврши своите религиозни обврски во земјата на фараоните. Тој нареди да се обноват светите места во храмот на Тутмес III во Карнак и во храмот на Аменхотеп III во Луксор.

Меѓутоа, Александар Македонски не дојде во Египет да ја прошири само египетската култура, туку неговата желба овде, како и во претходно освоените земји, беше да го трасира патот на античката грчка култура. Египет не беше непозната земјата за античките Грци. Уште од седмиот век бројни антички Грци работеа како трговци кај египетските   владетели, а некои од нив и се населија во земјата.

Од владеењето на Псаметик I во Канопската притока во делтата на Нил, имаше вистински антички грчки полис, Наукрат (откриен во близина на сегашниот Небирех), во кој особено по реорганизирањето на кралството од Амас, беше концентрирана нивната трговија. Дури и во главниот град Мемфис имаше античка заедница, таканаречена Елиномемфити, потомци на оние јонски наемници што му помогнаа на Псаметих да ја основа својата династија.

Додека наукратите законски беа спречени да се женат со девојки од местото и ја задржаа чиста својата раса, во заедницата на Мемфис каде што забраната не постоеше, имаше многу мешани бракови.

Затоа таму, како и во Наукрат, дојденците беа обединети во еден „Елинион” заради обичното античко грчко богослужение и живеење. Има докази во врска со нивниот културен живот, а тоа се два стари папируси кои се од времето на Александар Македонски. Едниот „Персеј” од поетот и музичарот Тимотеј, сведочи за култивирањето на античката литература, додека „Клетвата на Артенисија” пред Осерап, богот на Серапеим, ја открива врската на античката грчка и египетска култура.

Колку се радуваа овие Елиномемфити кога Александар Македонски влезе во градот! Тие веројатно се надеваа дека започна новата ера на културата во Египет. Тие малку се разочараа во своите надежи, како и Египќаните во своите. Александар Македонски знаеше точно како да ги задоволи Египќаните, особено нивните религиозни потреби и да го прошири античкото грчко влијание во Египет. Во ова прво влегување во Мемфис тој ја изрази оваа двојна програма на симболичен начин: по принесувањето жртва на Апис, во центарот на Египет, првпат по изградбата на пирамидите, тој одржа натпреварување во гимнастика и музика, на кои беа повикани најславните уметници од Античка Грција.

Се верува дека Александар Македонски сакаше да ги воведе античките игри во култот на египетските богови, па дури и со принесувањето жртва на Апис; на тој начин свечено го започна спојувањето на двете различни цивилизации. Неговата цел не беше да ја измеша античката елинска и египетска култура.

Напротив, до египетскиот култ ги смести игрите како нешто различно по својот вид и како чисто античко грчки, со цел да ја афирмира својата програма уште од самиот почеток: без предрасуди кон египетскиот култ, античкиот начин на живеење, гимнастика, уметност и литература во чест на античките богови треба во иднина да имаат дом и во Египет.

Најголемиот придонес на Александар Македонски при вклучувањето на Египет кон античкиот свет беше основањето на градот Александрија. При крајот на 332 и во почетокот на 331 година, тој тргна од Мемфис во придружба само на мали воени единици, лесно вооружени хипаспити, стрелци со лак и стрела, Аргијанци и кралски следбеници. Одејќи понадолу од западниот ракав на Нил се до Каноп, тој сврте лево и на линијата помеѓу островското езеро Марот и островот Фар основа град кому му го даде своето име.

Тоа беше прво основање што Александар го направи на овој поход, бидејќи претпоставката дека тој претходно ја основа Александрија кај Ис (Александрета), е прашање за расправа. Откако длабоко навлезе во Азија, Александар формира поголем број нови градови. Основањето на град на египетскиот морски брег не беше бесцелно. Тешко е да се каже дека беше од воен карактер, бидејќи за да го контролира Египет, единиците не требаше да се концентрирани на брегот туку во Мемфис или близу до него.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН