Унапредување на меѓусебната соработка во однос на спречување на корупцијата како феномен кој бара сеопфатен и мултидисциплинарен пристап за ефективна превенција и борба против неа и можностите за заедничко спроведување на истраги кои ќе доведат до конкретен резултат беа во фокусот на денешната средба во МВР на Република Северна Македонија на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружуван од помошник министерот на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди Игор Арсовски и амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва, во придружба на делегација од Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република, предводена од директорот Радим Драгун.
На средбата, соопштија од МВР, било изразено задоволство од континуираната плодна соработка, а била упатена и посебна благодарност за огромната поддршка од чешка страна во насока на унапредување на капацитетите на МВР, како и за овозможената поткрепа за справување со илегалната миграција со испраќање на чешки полициски службеници на нашата граница.
Во рамки на средбата денеска е потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република. цр/са/