Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, во придружба на началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, денеска ќе ги посети единиците на АРМ во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, каде официјално ќе биде отворен Центарот за симулации во Командата за обука и доктрини (КОД).
На настанот ќе присуствува и амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли и претставници од министерството за одбрана на Република Македонија.
Иванов, како што соопштија од АРМ, ќе ги обиколи и сместувачките и капацитетите за обука на КОД, при што ќе ги посети војниците кои се наоѓаат на доброволно служење на воениот рок и ќе се запознае со условите за нивниот престој и работа, а ќе ги посети и слушателите на тековниот курс за први подофицери.
Воедно, од страна на КОД пред присутните ќе биде презентирана и воено стручна литература која е изработена како дел од активностите за одбележувањето на 25 години од формирањето на АРМ.