АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И НЕГОВОТО ВЛАДЕЕЊЕ ПРЕД ПЕРСИСКАТА ВОЈНА (2)

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Во многу делови од земјата се побунија противниците на Филип Македонски со надеж дека ќе можат да ја загрозат античката македонска хегемонија. Атина, поттикната од Демостен, одби Александар Македонски да ја води Лигата, надевајќи се дека ќе ја врати својата стара хегемонија во Античка Грција.

Под влијание на поразот во Херонеја, Атина презеде позитивни реформи со цел да ја зајакне државата, не само финансиската администрација, што беше реформирана од одличниот Ликург, туку и во војничките работи.

Како што пруската општа служба ја следеше Јена, така и Атина по Херонеја институцијата на ефебичниот систем ја стави привремено да ја водат нови лица. На веста за убиството на Филип Македонски народот беше доведен од Демостен во една еуфорична состојба за слобода. Тој се појави пред масите облечен во бело и со венец на главата, притоа им изрази благодарност на боговите за радосната вест, а му беше оддадена почит и на убиениот Паусанија.

И дури на свадбената веселба во Егеј, Атињаните донесоа златен венец и издадоа декрет, ветувајќи дека ќе го предадат секој што ќе посегне по животот на Филип Македонски ако дојде во Атина. Меѓутоа, повикот за ослободување се прошири од Атина спрема другите Елини. Аетолијанците одлучија да ги повикаат сите кои беа прогонети од Филип Македонски, Амбрациотите ги исфрлија македонските гарнизони, Тебанците донесоа заклучок да ја ослободат својата Кадмеја. Исто така, имаше нереди и на Пелопонез, во Аргос, Елис и Аркадија.

Демостен водеше тајни преговори дури и со Атал, кој заедно со Парменион беше командант во Азија и, разочаран во своите надежи со стапувањето на должност кај Александар Македонски, стана негов животен непријател. Подоцна Александар Македонски го отстрани Атала, откако го докажа неговото предавство. Притоа, Демостен уште еднаш стапи во врска и со персискиот крал.

Кога слушна за овие помирувања и за револтот во Античка Грција, иако доби информации за опасноста од варварските народи на север, Александар Македонски веднаш се постави на чело на својата војска и влезе во Елада со силни маршеви и со одлука, до колку е потребно, докрај да се бори за своите права.

Така, кај него дојде до израз прво решителноста и брзината на акцијата, со што подоцна ги придоби своите следбеници. Неговото ненадејно појавување го пресече револуционерното движење уште во почетокот. Тесалијците, во чија земја тој прво дојде, не само што го избраа за владетел на својата федерална држава место неговиот татко, туку се изјаснија дека се готови да го признаат за хегемон на Античката грчка лига, а доколку е потребно ќе му дадат помош да ја казни Атина во корист на Лигата.

Во спогодувањето со Тесалијците Александар Македонски им го докажа нивното основно потекло од Ахил и Херакле, а интересно е да се види колку во почетокот оваа концепција за херојското потомство беше јасна за него, иако мора во исто време да се заклучи дека митот беше со политичко значење.

Потоа, Александар Македонски тргна кон југ и, откако ги победи Аенијанците, Малијанците, Додопијанците, ја окупира и Термопили, свикувајќи таму состанок на Анфиктионистичкиот совет. Тука, од собраните претставници на племињата го доби признанието хегемон на Лигата. Потоа, со брз напад влезе во Бојотија и по теророт над Тебанците го постави својот логор во близина на Кадмеја.

Радоста на Атина беше кратка и со ужас Атињаните констатираа дека Демостен направи грешка во пресметката за младиот крал, кого бесрамно го нарекуваше кралот глупчо, кој само знае да се шета во Пела.

Co лутина Александар Македонски им постави ултиматум на Атињаните, давајќи им избор да војуваат или да го признаат за хегемон на Лигата. На веста дека Александар доаѓа кон Атика, подготвен за борба, Атињаните ја прифатија втората алтернатива, а преку својот амбасадор, го замолија да им прости што веднаш не го признаа за хегемон.

Демостен кој беше член на делегацијата, се чувствуваше виновен и не се осуди да се сврти со лицето кон Александар Македонски, туку се заврти кон Китерон. Притоа Александар Македонски беше задоволен што Атињаните се извинуваа. Тој го следеше својот сопствен пат, а како резултат на тоа што го учеше Аристотел, негуваше внатрешна љубов спрема Атина. Народот на Атина потоа му оддаде големи почести дури и поголеми од оние што му беа приредени на неговиот татко Филип Втори Македонски.

Тогаш Александар Македонски ги повика сите членови на Лигата, особено Пелопонезите, кои се уште не го имаа признато за хегемон, да испратат дипломатски претставници на Коринт, а во исто време таму свика состанок со присутните претставници. Исклучок за неговото признавање беа Спартанците, кои испратија горд одговор, во кој се вели дека уште од минатото нивните прадедовци имале обичај да не следат никого, туку тие да ги водат другите.

Подоцна, есента на 336 година, се одржа Вториот конститутивен конгрес на Коринт, на кој Александар Македонски го обнови договорот на Лигата преку дипломатските претставници на државите. Овојпат не беа потребни долги дискусии, како што беше пред две години. Во договорот покрај неколкуте формални промени, се измени само името, односно наместо Филип Втори Македонски се стави Александар Трети Македонски. Овој договор, како и поранешниот, беше вечен и се прошири на потомците на кралот.

Откако Александар Македонски беше признат за хегемон на Лигата додека е жив, се состана стариот Совет, како што порано беше случај со татко му, и го назначи за генерал со неограничена моќ за напад и одмазда против Персија. Може да се претпостави дека резултатот од Конгресот остави многу поинаков впечаток кај Александар, отколку кај неговиот татко.

 

Продолжува

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН