МАКЕДОНЦИЕ ВО ИЗРАЕЛ И ТУРЦИЈА – ДЕЛ II (13)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Македонскиот народ отсекогаш бил близок со еврејскиот; заеднички живееле во Битола, Штип. Скопје. Солун, Костур и во други места ширум Македонија, заеднички страдале, но и заеднички се радувале. Македонскиот народ не може да ги заборави деновите кога Евреите од Македонија, со помош и поткрепа на бугарските фашисти, беа однесени и погубени во концентрационите логори.

Денес во Македонија живеат мал број еврејски семејства, но тие здружени во Еврејската заедница се значаен мост на зближување меѓу Република Македонија и Израел. Затоа, придонесот на Еврејската заедница во Македонија е огромен и со непроценлива вредност токму во активностите за  изградба на МПЦ во Израел.

Доколку идејата за изградба на македонски храм во светиот град стане реалност, тоа ќе биде потег со кој ќе се потврдат одредени размислувања дека Македонската православна црква пред себе има отворени широки патишта и дека таа безусловно мора да биде призната од сестринските православни цркви. И покрај тоа што последните ветришта што дуваат од Српската и од Бугарската православна црква се неповолни за Македонската православна црква, сепак македонското свештенство и македонскиот народ ќе продолжат и понатаму да се молат на истиот Бог.

При крајот на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век печалбарството во Македонија стана масовна појава. Голем број население од селата масовно ја напуштале Македонија и, меѓу другите градови, заминувале за Цариград и други градови во границите на Турција. Така, по неколку илјади од Леринско, Преспа и Костурско секоја година оделе во Цариград и Смирна. Поголемиот број биле како сезонски работници, а одреден број останале засекогаш на тие простори.

Така, денес има околу 200 семејства кои повеќе од пет генерации се наоѓаат, главно, во Истанбул и кои се со православна вероисповест. Верската одредба е една од главните компоненти што ги одвоила од средината во која живеат и ги одржала како компактна етника група се’ до денес.

Исто така преселничките движења на турското население од Република Македонија кон Турција, во периодот од стотина години се одвива со различен интензитет и претрпе големи трансформации. Меѓутоа, периодот на шеесетите години се карактериризра со интензивни иселувања на Турците чија бројка изнесувала околу 200.000. Според некои неофицијални податоци денес во Турција има околу милион Турци и Македонци муслимани.

Како севкупен економски-политички и културен центар во турското царство, Цариград одиграл значајна улога и за развојниот пат на македонското население. Градот привлекува многу граѓани од разни земји и значаен е не само како економски и трговски центар, туку одиграл значајна улога во просветно-културната и верската христијанска активност што се одвиваала во него. За жал, македонските иселеници во Турција биле и се заведени како Бугари, како странски државјани, или како турски државјани – христијани.

Верската активност што словенското население, а меѓу него и населението од Македонија, ја вршеле во Цариград била пресудна за Македонците доселеници да го добијат атрибутот Бугари и до денес да го носат тоа име. Тоа е време кога словенското население, заради заедничките интереси за одвојување од Грчката православна црква и создавање самостојна словенска црква, се зближува во надеж за успешно остварување на целта.

Под притисок на елинизацијата и грчката црква, населението од Македонија во Цариград често е нарекувано и грчко, заради што и се приклучува кон тогаш единствено осамостоената словенска, Бугарска егзархија во чие создавање, всушност, активно учествувале и Македонците.

Во Турција верата е идентификувана со етничката припадност и поради тоа само оние народи кои имаат своја црква можат официјално да се наречат со етничкото име. Затоа повеќето Македонци во Истанбул се заведувале како Бугари.

Немајќи своја држава и друг избор во тоа време, и заштитувајќи се да не станат Грци, македонското население се определува како бугарско зачувувајќи го на тој начин барем своето словенство.

Повеќето од постарите граѓани од заедницата на преселниците од Македонија во Истанбул при денешното декларирање се изјаснуваат како Македонци, а мал број како Бугари-Македонци, притоа објаснувајќи го своето потекло и некои од причините за настанатите промени.

Меѓутоа, одреден број од помладите генерации непознавајќи ги доволно историските факти, временски и просторно доволно оддалечни од татковината на своите предци, за жал, се изјаснуваат како Бугари. Меѓу другите, најголем “придонес” за ова, секако, има влијанието на црквата и бугарските училишта.

Бугарското училишта во Истанбул постоело се’ до 70-тите години на минатиот век. Граѓаните со бугарско државјанство можеле да го посетуваат од првиот до седмиот клас, додека пак оние кои имале примено турско државјанство, првите четири години оделе во турско училиште со право следните три години да го продолжат во бугарското. Кога децата со соодветно државјанство станале малубројни за оформување паралелки, бугарското училиште се затворило.

1istan23Истанбул

По укинувањето на училиштето, за подучување на најмладите се организирале курсеви за учење на бугарското писмо и јазикот, а преку дипломатските претставништва се обезбедувале книги и печат, но подоцна и оваа активност замрела, за во поново време повторно да се интензивира.

Денес во овој град, според некои податоци, живеат околу 200 семејства, од кои освен некоклумина, сите по потекло се од Македонија, а ги има и од Ресенско-преспанскиот крај, Гостиварско-кичевскиот крај и од Скопје. Меѓутоа, најмногубројни се од Егејска Македонија од Костурско, од селата Загоричини, Олишта, Бобишта, Бамбуки, Черешница и Петеле. Тие се дојдени од крајот на деветнаесетиот век како и од 20-тите и 30-тите години од дваесетиот век. Неколку семејства се доселени претежно во Истанбул по Втората светска војна.

Некогашните градинари, цвеќари и воденичари од Македонија, денес се или сосптвеници на дуќани каде што се продава зрнеста храна, жита, семиња, хемиски препарати и помагала за земјоделието, или пак, се трговци на големо. Поранешните гостилничари имаат модерни ресторани или таверни, некои од нив се многу прочуени во градот.

Во поново време, има златари, лекари, електроинженери и архитекти. Исто така ги има и во дипломатски претставништва, странски компании, туристички агенции и слично. Овој факт се чини е значаен, бидејќи укажува на добра имотна состојба, што им овозможува школување во странски колеџи во градот или школување во странство.

Во етничката група на Македонците во Истанбул одржувањето на традицијата се јавува непрекинато, особено кога станува збор за верските обичаи што се и пресудни во народното опстојување. По правилата на верските одредби се славеле и се слават не само големите празници како: Велигден, Божиќ, Богородица, туку се слават и многу други денови на светци. Исто така, и сите значајни мигови од животот, почнувајќи од раѓањето, крштевката, стапувањето во брак, венчавање и погребување се мигови кои отсекогаш се правеле и до денес се прават по православните верски обичаи.

Македонците во Истанбул црквуваат во црквата “Св.Стефан”, позната како “железна црква”. Таа е под јуриздикција на Бугарската патријаршија, а е изградена повеќе со пари на Македонците во Истанбул. Израдена е во 1849 година, денешната од железо. Таа била осветена во 1898 година од егзархиски владици. Таму и денес Македонците, претежно од Егејска Македонија ги задоволуваат своите религиозни потреби.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *