МАКЕДОНЦИТЕ ВО ИСТОЧНО – ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ – ДЕЛ I (10)

 

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Од памтивек влашката земја била “ветена земја” за голем број Македонци, особено од западниот дел на Македонија, кои со торбата на рамо, тргнале по белиот свет да спечалат и пак да се вратат во Македонија на дедовските корени. Таквите печалбарски движења, според некои пишувани документи и од комуникацијата со бројни раскажувачи, може да се каже дека биле прилично интензивни и оставиле свој белег врз историјата на македонскиот народ.

Според историските податоци печалбарството во еден подолг период во времето кога владееше Отоманската империја, стана масовна појава кај Македонците, особено кај селското население. Ваквата појава ја потврдува неподносливата состојба во македонските рурални средини од каде голем број од македонското население, па и од другите националности, ја напуштиле Македонија и, за да спечалат по нешто и да им пратат на своите фамилии, оделе, меѓу другото, и во Романија.

Во многу документи е забележано дека по неколку илјади Македонци од Галичник, Кичевско, Струшко, Тетовско, Мијачијата, Маврово, и од други делови на Македонија оделе на гурбет во Влашко. Таму се занимавале со различни занимања и живееле претежно групирани во тајфи, односно групи, с# со цел полесно да го организираат животот и подобро да се снајдат во новата средина. Таквиот печалбарски живот оставил траги во историјата, културата, обичаите и црковното живеење на македонскиот печалбар. Затоа, не случајно се испеани бројни песни за одењето, живеењето и враќањето нма печалбарите од Влашко.

Најголемиот бран на доселување на Македонците во Романија се појавува по Втората светска војна. Имено, во 1949 година во виорот на Граѓанската војна во Грција голем број политички емигранти од Егејска Македонија претежно се населија во Букурешт. Нивниот дел бил околу 6-7.000 од кои 3.000 Македонци. Тие претежно биле населени во Бостошан, Флорика, Питешти, Хинедоара, Блаила, Галац, Валчеле, Брашов, Клуж, Орадија, Фалтичени како и во детските домови Синаја, Тулгеш, Орадија, Фалтичени, Блаж, Палтениш и Трговиште.

Настојувањата на информативните гласила биле за единство меѓу Македончињата и Грчињата. Имено, како што македонскиот и грчкиот народ се челичеле во борбата против општиот непријател, така тогаш заедно развивале љубов, пријателство и соработка со народите со кои живееле, а особено се стремеле нивните деца, да станат патриоти кои ќе ја сакаат својата татковина и својот народ, да станат луѓе со длабока мисла, а нивни примери да биде нивниот живот, работата, духот и напредокот на социјалистичката младина.

Во 1968 година започна големата преселба на Македонци од Романија во Република Македонија, а во мал број во Грција и во други земји. Во влашката земја остана многу малку кои, за жал, денес не се организирани во свои македонски организации, ниту се помагаат од матичната земја, туку се оставени во “котелот на асимилирањето”.

Во Романија живеат и неколку стотици Македонци, кои денес се раселиле во повеќе градови, многумина се асимилирале и станале дел од романската стварност.

Уште во 19 век Русија вила предизвик за голем број Македонци, претежно интелектуалци, кои таму завршуваа академии и како преродбеници се бореа за македонската кауза. Во текот на еден долг период Македонците, главно, заминувале за Москва, Петровград, Одеса и други места. Меѓутоа, најголем број Македонци во поранешниот Советски Сојуз, дојдоа во текот на Граѓанската војна во Грција и тие се населија во Кавкаските региони.

Така, според неофицијални податоци бројот на пиолитичките емигранти од Грција во Ташкент и околните места во периодот 1949 година, се движел меѓу 19 и 20 илјади, од кои 7-8.000 биле Македонци од Беломорска Македонија. Тој број се зголеми во педесеттите години и достигнал бројка од околу триесетина илјади. Подоцна рапидно се намалува поради големиот број повратници во Грција, Македонија и во други земји. Се смета дека денес на овие простори живеат околу 2.000 Грци и околу 300 до 500 Македонци, претежно стари лица или мешани бракови.

И во Ташкент, Македонците ја делеле истата судбина со Грците. Тие, главно, беа организирани во заедничка политичка организација, а информирањето имаше едно од важните ролји.

Исто така, поголем број Македонци живееја во Русија како градежни работници и стручњаци. Тие оставија видни траги во градежништвото во Русија и Украина. И денес има одреден број работници и стручни кадри, како и бројни интелектуалци и студенти.

По поразот на Демократската армија на Грција (ДАГ) во август 1949 година еден дел од нејзините сили се префрли во Југославија, а друг дел во Албанија, од каде што се изврши распоред за префрлување во поранешните источно-европските земји и тогашниот Советски Сојуз. Пред тоа, пролетта 1948 година беа евакуирани и околу 28.000 дечиња од селата на слободната територија во егејскиот дел на Македонија.

1rus1238

Се претпоставува дека вкупниот број на емиграцијата прифатена во источно-европските земји и во Советскиот Сојуз изнесувала околу 55.000 од кои над 20.000 беа Македонци. Македонската емиграција, заедно со грчката живееше и дејствуваше во рамките на сите организирани форми што ги реализираше Комунистичката партија на Грција.

Така, во 1949 година почнаа да излегуваат и првите весници на политичката емиграција во чии рамки се печателе и страници на македонски јазик. Така, во Романија излегуваше весникот “Неа зои” (“Нов живот”), во Унгарија “Лајкус агонас” (“Народна борба”, во Полска “Димократис” (“Демократ”), во Чехословачка “Лаикос агонистис” (“Народен борец”), во Бугарија “Лефтерија” (“Слобода”), а во Ташкент, во Советскиот Сојуз во почетокот излегуваше весникот под име “Прости ники” (“Кон победата”), кој подоцна го смени името и излегуваше под наслов “Неос дромос” (“Нов пат”).

Македонските страници излегувале редовно се’до 1968 година (период од околу 18 години), а потоа некои од страниците, порано или подоцна се укинувале како резултат на ставот на Централниот комитет на КПГ, дека натамошното издавање на македонските страници и’   пречи на нејзината работа во Грција, односно во напорите за нејзино легализирање и соработка со политичките партии во Грција, за кои македонското прашање на постоеше.

Денес во поранешните источно-европските земји: Романија, Унгарија, Чешка и Словачка, Полска, Русија и други земји живеат неколку илјади Македонци претежно од егејскиот дел на Македонија. Исто така, има и бројни доселеници од мешани бракови на Македонци од сите делови на Македонија.

Во развојот на Будимпешта се присутни и Македонците, кои го даваат својот скромен, но значаен придонес. Имено, во виорот на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) оттргнал илјадници Македонци од Егејскиот дел на Македонија од нивните родни огништа и ги развеал низ разни земји во светот. По волја на судбината, голем број Македонци од овој дел на Македонија се нашле и засновале ново огниште во Унгарија.

Бидејќи досега никој не водел некоја попрецизна статистика, се претпоставува дека во Унгарија живеат од 5 до 7 илјади егејски Македонци. Македонската колонија во оваа земја е сконцентрирана, главно, во Будимпешта, Мишколц, селото Белојанис и некои други помали места.

Според некои нецелосни подтоци бројот на политичките бегалци од Грција во Унгарија се движел од 8 до 10 илјади, од кои околу 80% биле Македонци, меѓу кои и илјада деца сместени по детските домови ширум Унгарија. Нив ги има во Будимпешта, селото Белоез, потоа во градовите Озд, Мишколц, Балатон, Алмади Балатон Кенеше, Балатон Леле, Искар Сенѓур, Дик, Чурго и други места. Децата беа на возраст од 3 до 13 години и во домовите покрај македонскиот јазик учеа и други предмети на мајчин јазик.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *