Делото „Македонците во светот“, издание на „Македонска искра“ од Скопје и на Фондацијата „Џорџ Атанасоски“ од Прилеп 2020 на 520 страници (на македонски јазик), е публикација на Славе Катин. Таа претставува значајна и своeвидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот.
Публикацијата „Македонците во светот“ од Слааве Катин е обид да се осветли иселеничката одисеја на Македонците во САД, Канада, Европската Унија и Австралија и да се остави неизбришлива трага за нивното постоење и активности во државите во кои несебично ги вградиле своите човечки и интелектуални способности за развојот на македонската вистина во тие демократски општества.
Во делото „Македонците во светот“ авторот Славе Катин открива еден навидум познат, а, всушност, недоволно осознаен феномен на Македонците во дијаспората: способноста за нивното брзо адаптирање и интегрирање во новата средина; изостреното чувство за прифаќање на новите општествени норми и стандарди и успешното вклучување во новите економски, социјални културни и други процеси. Таквиот modus vivendi им овозможува да го свртат вниманието на тамошниот естаблишмент врз сопствените цивилизациски вредности и врз својот автентичен геокултурен автопортрет, со кој Македонецот е препознатлив, речиси, на сите меридијани.
Трудот го опфаќа периодот од доаѓањето на доселениците во новите средини од пред стотина години до денес, што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност да се создаде таква публикација. Публикацијата го одбележува најважниот период на активностите на македонските доселеници во новите средини, а со тоа ја отсликува македонската вистина, закоја иселениците постојано се борат.
Публикацијата е поделена на девет делови и тоа: Вистината за Македониа; Македонската православна црква – ОА; Македонското иселеништво; Црковно-духовни центри во Австралија; Македонски православни цркви во САД и Канада; Црковно национални центри во Европската Унија; Медиумите на Македонците во дијаспората; Македонските асоцијации во светот; Македонците во соседните земји и делот Додаток.
Публикацијата „Македонците во светот“ на Славе Катин е 58. дело, почнувајќи од неговото прво издание „Англиско-македонски лимнолошки речник“, што го издаде Хидробиолошкиот завод од Охрид во 1986 година, па до денес.Тој е автор на дваесеттина дела со името Македонија, дваесеттина монографиии за познати и признати личности во иселеништвото и во Македонија, како и на десеттина лексикографски изданија
Делото заслужува и внимание и респект, колку од домашната, толку и од пошироката научно–културна јавност, а и од секој Македонец во дијаспората и во Татковината . Во овој период и во иднина, трудот ќе претставува значајна и своeвидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот.
Инаку, радио и тв-часовите на македонски јазик, заземаат битно место меѓу македонските гласила во прекуокеанските земји. Од нив голем број работат во составот на мултикултурата и со успех преку етерот ја презентираат својата култура, јазик и музички достигнувања. Тие ги информираат Македонците и другите иселеници од Балканот за новостите во татковината, за животот и работата на иселеничките организации, за активностите во црковните општини, за македонските клубови, за училиштата и за другите асоцијации.
Сите овие макеоднски светилишта, културно-уметнички друштва, фудбалски друштва, женски секции, македонски училишта, радио и тв-часови, весници, списанија, билтени и друго играат огромна улога за македонските иселеници во прекуокеанските земји. Тие се можност и средства за афирмирање на културното наследство и постигнувањата на македонските исленици и збогатувањсето на мозаиците во прекуокеанските земји САД, Канада и Австралија, како и во Македонија.
Кога се зборува за организираното дејствување во прекуокеанските земји, треба се каже дека тоа го опфаќа мнозинството македонски иселеници. Притоа, важна компонента на ваквото организирање е тоа што тие се сплотени во самостојни асоцијации, пред се’ цркви и црковни општини, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат.
Притоа, верско-националните објекти иселеничките организации и нивното членство постојано се зголемуваат, а нивната активност се проширува и квалитетно се подобрува. Така, во изминатиот период се постигнати видни резултати во духовниот И културно-просветниот живот. Создадени се бројни македонски цркви и друштва, организации, спортски клубови и други форми на дејствување, во кои масовно се собираат македонските иселеници. Меѓутоа, од особено значење за активноста на македонските иселеници е создавањето на македонските православни цркви и црковни општини.
Македонските православни цркви и општините во Австралија, во Канада и во САД, а во последно време и во западноевропските земји, се најзначајните и најмасовните собиралишта на Македонците од сите делови на Македонија. Во тие македонски храмови, покрај богослужбата, слободно се слуша македонскиот збор, мајчиниот јазик донесен од стариот крај.
Македонски играорки
Во тие културно-просветни и духовни центри работат македонски училишта, каде што се учи мајчиниот македонски јазик, националната историја и географија, а во голем број цркви и верска поука.
Така, отворени се процесите за создавање културно-уметнички, забавни, литературни и спортски друштва, издавање весници, билтени и списанија, како и отворање македонски радио и ТВ-емисии. Притоа, македонските православни цркви опстојуваат во дијаспората како несоборлива стварност, како важен фактор во иселеничките средини. Црквите постојат како траен белег, признати се од домашниот фактор и без никакви пречки дејствуваат во средината во која живеат и работат Македонци.
Македонските православни цркви и црковни општини во дијаспората се мошне ценети од тамошното општество, пред се’, поради резултатите што Македонците ги постигнуваат во работата, а и поради нивниот однос и висок степен на лојалност кон новата татковина. Меѓутоа, најзначајно е тоа што македонските иселеници преку своите црковни општини ја афирмираат својата стара татковина, со што даваат прилог и на планот на меѓународните односи. Всушност, тие се мостот на соработка на Република Македонија со Австралија, САД, Канада, со европските и други земји.
Досега не еднаш е истакнато дека македонските доселеници и нивните асоцијации, со посебна нагласка на македонските православни цркви и црковни општини, прераснаа во мошне значаен и позитивен фактор во градењето на добрите заемни односи меѓу земјите во кои тие живеат и Република Македонија.
Исто така, одреден број Македонци во дијаспората црквуваат во католички и англикански црви, потоа во руски, украински, српски, грчки и бугарски, особено во бугарско-македонски, како и во неколку протестански цркви. Такви се случаевите со црквите кои се под јуриздикција на Источната православната црква во Северна Америка (црквите на организацијата МПО во Торонто, Детроит, Форт Веин, Индијанаполис и други градови), на Грчката православна црква во Канада (Торонто, Хамилтон Виндсор) и Австралија (Мелбурн, Аделајд Перт и Сиднеј), на Српската црква во САД (Детроит) и Канада (Торонто), на Бугарската православна црква (Мелбурн), на Евангелско-методистичката, на Адвентистичката цеква во Австралија и на други цркви.
Така, во Мелбурн постои Македонска евангелско – методистичка црква, во која членуваат претежно Македонци од струмичкиот крај. Во САД, пак, постои цркви со име Македонска баптистичка црква, во која членува црнечко население. Оваа црква го примила библиското име на Македонија и нема никаква врска со Македонија и македонскиот народ Меѓу свештенството и високиот клер на погоре споменатите цркви, особено во Католичката, во Англиканската и во Евангелско- методистичката црква, има одреден број Македонци кои достојно го бранат името и вистината за македонскиот народ и за Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН