ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЕЌАВАЊА“ НА ДАНА СКЕНДОВА – СКОТЛАНД ОД ТОРОНТО
Во монографијата „Сеќавање“ Дана Скендова – Скотланд вели: Во период од само една недела добивме добри вести дека може веднаш да тргнеме за Канада. Исто така, бевме среќни да добиеме помош од МПО и од Арсен Аврамов. Бевме придружувани цел пат до Неапол, каде што се качивме на бродот „Неа Елас“. По три бурни недели на брановите на океанот, на 13 април 1951 година, веднаш по Велигден, стигнавме во Халифакс, а потоа со воз пристигнавме во Торонто. Отидовме во ресторанот на чичко ми во вечерните часови и се сеќавам на мојот прв вкус во Канада – чоколаден сладолед на стапче. Мислев дека сум умрела и отишла во рајот, никогаш пред тоа не бев вкусила нешто толку вкусно! Единствен несреќен дел од нашето пристигнување во Канада беше што ако името не звучи на англиски, тие го менуваа. Моето име „Дана“, всуш ност, Стојанка, стана Дона. Татко ми Коста стана Гус, а на мајка ми Линка ѝ беше даден избор – Елејн или Елена – и таа го одбра второто и оттогаш сите ја викаа Елена. Сепак, татко ми одби да си го про мени името во ’Гус’ бидејќи не му се допадна како тоа звучи на македонски и си остана како Коста. Чичко ми Мајк беше сопственик на ресторанот „Вест Хил“, стојалиште за камиони на па- тот „Кингстон“ којшто во тоа време беше само автопат, многу рурален со мотели овде-онде, поседуваше чудна фармерска куќа, а како негов прв сосед беше киното „Рокси“ на левата страна и една билијард сала на десната страна, во сопственост на господин Кириакопулос. Спиевме на горниот кат во една соба, а ја користевме истата бања како и муштериите на ресторанот. Мајка ми, која беше неверојатна готвачка, брзо стана главна готвачка и работеше во ресторанот од 5 наутро до полноќ. Татко ми доби работа како градежен работник во фабриката за стакло „Пилкингтон“, на улицата „Данфорт“, која сè уште се градеше и не беше далеку од ресторанот, а потоа кога фабриката се изгради, му понудија работа во производствениот погон за стакло и работеше таму сè до своето пензионирање. Во септември истата 1951 година почнав да одам на училиште, на 6-годишна возраст, во државното училиште „Вест Хил“,оддалечено речиси два километра од ресторантот. Секое утро мајка ми заедно со мене ќе ја преминеше прометната улица „Кингстон“, ќе ме качеше во автобус и ќе ми дадеше 3 центи. Секој ден по завршување на часовите во училиштето се враќав дома пешки по оваа фреквентна улица. Од овој агол, смешно ми е кога ќе се сетам дека кога го добив првото свидетелство, татко ми требаше да се потпише со новото име Гус. Не знаеше како се пишува и напиша „Гас“- како што звучи. Како што реков претходно, мислам дека ова беше моментот кога реши да си го задржи своето име Коста, а дури подоцна дознавме што на англиски значи зборот ’гас’. Бидејќи татко ми работеше во смени, а мајка ми работеше до полноќ, таа ќе ме заклу- чеше во собата секоја вечер, така што некој кој доаѓаше горе да го користи тоалетот не ќе можеше да влезе во нашата соба. Ми оставаше и мало легенче на подот во случај да морав да одам во тоалет. Читав многу и слушав такви радиопрограми, како Осамениот јавач, Љубовта на Хелен Трент, кои, всушност, беа романтична сапунска опера и други слични програми. Бидејќи бев единка, бев прилично осамена претпоставувам, но не мислев многу на тоа тогаш и постојано бев задлабочена во моите книги. Се сеќавам на мојот прв ден на училиште кога наставничката, госпоѓа Браун, им рече на учениците дека има ново мало девојче, „РЛ“, во одделението. Се разбира, бидејќи не знаев што значи тоа прашав едно девојче, кое беше наш сосед и живееше на фарма во близина на ресторанот. Таа ми кажа дека тоа значи „раселено лице“, но јас, на возраст од 6 години, сè уште не знаев што е тоа. Дури подоцна дознав што, навистина, значи тоа.
Торонто Имав дупнати уши и носев мали обетки кои беа во мода и задолжителни за малите девојчиња во Европа. На одморот, децата од одделението ме приклештија во аголот од училницата и зјапаа во моите дупнати уши и викаа: „Таа има дупки во ушите“ и затоа отидов дома и со плачење им реков на мама и тато дека не сакам да носам обетки. Мајка ми беше збунета, но ми дозволи да ги вадам обетките за време на училишните денови, а да ги носам за време на викендите за да не ми се затворат дупчињата и многу сум среќна што таа постапи така. Но, сите знаеме дека на Канада ѝ требаа многу години за да ја прифати модата на Европа до точка на претерување, бидејќи сега луѓето имаат дупчиња насекаде на телото и обетки на најчудни места. Во 1952 година, кога бев во второ одделение, се одржа крунисувањето на кралицата Елизабета, што претставуваше историски настан, и на сите ни беше дадена комеморативна брошура која сè уште ја чувам. И токму од тие причини, во тоа време сите учевме како да го цртаме и боиме британското знаме. Мојата најголема амбиција и сон на возраст од 8 години беше да ги служам муштериите во автомобил во ресторанот на вујко ми Мајк. Ми изгледаше толку многу забавно и сакав мајка ми да ми купи ролерки, па да можам да служам многу автомобили со тинејџери. Ова сигурно им беше интересно и забавно за разговор и предизвикуваше голема смеа кога чичко ми ќе им кажеше на муштериите за мојата желба, но јас, едноставно, не можев да разберам зошто тој не би ме вработил. Татко ми неуморно работеше три смени во „Пилкингтон“, но освен што работеше во фабриката, секогаш кога беше слободен миеше и садови во ресторанот. Со таква неуморна ра бота за само шест месеци успеа да му ги врати парите на вујко Крсте за спонзорството и за кар- тите на изненадување на вујко му кој воопшто и не очекувал да добие нешто назад. При што изјавил дека е горд што има внук како татко ми. По две години од пристигнувањето во Канада моите родители ја купија нивната прва куќа – голема, трикатна куќа, бр. 7, на авенијата на „Хогарт“, во областа Броудвју и Данфорт, за 2.500 долари. Тоа беше голем, трикатен дом. Мајка ми беше типична домаќинка од 50-тите години на XX век и не работеше надвор од дома. Се грижеше за нашето семејство и ја одржуваше куќата беспрекорно чиста и средена, така што имавме куќа полна со потстанари. Сите соби ги издававме, освен големата, предна соба на вториот кат каде што спиевме и кујната на главниот кат. Сето друго беше под кирија, вклучувајќи ги дневните соби и трпезариите. Заедно со нас во куќата живеевме десе- тина луѓе и сите користевме една бања со еден тоалет, еден мијалник и една када. Се сеќавам на мајка ми како со брзи движење метеше по две скали одеднаш и пееше македонски народни песни на цел глас додека чистеше. Имаше прекрасен мелодичен глас. Уште се сеќавам на нејзините песни и мислам дека од неа и јас ја наследив мојата љубов кон песните, особено нашите македонски песни. Конечно, кога хипотеката ја исплатија, беше прекрасно да се живее во овој простран дом без никакви потстанари. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |